Mercedes-AMG го претстави новиот GT SUV

Mercedes-AMG GT SUV дебитира со моќност и до 1.169 КС, автономија до 700 км, ултрабрзо полнење, активна суспензија и технологии инспирирани од спортските автомобили

Mercedes-AMG официјално го претстави својот прв целосно електричен SUV од GT семејството. Новиот Mercedes-AMG GT SUV пристигнува во три изведби – GT 53, GT 55 и GT 63, со моќност до 1.153 КС, автономија до 700 километри според WLTP и низа технологии развиени со цел да понудат возачко искуство поблиску до спортски автомобил отколку до класичен SUV.

Моделот е поставен на новата AMG.EA архитектура, истата што ја користи и новиот AMG GT Sedan, а Mercedes-AMG нагласува дека, покрај екстремните перформанси, фокусот бил ставен и на управувањето, суспензијата и чувството зад воланот.

Mercedes-AMG GT SUV

GT 53: Почетната верзија со 536 КС

Основната изведба GT 53 користи батерија со капацитет од 106 kWh и два електромотори кои развиваат 544 КС и 800 Nm максимален вртежен момент.

Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 4,2 секунди, додека до 200 км/ч стигнува за 14,6 секунди. Оваа верзија поддржува DC полнење со моќност до 600 kW, а декларираниот досег достигнува 668 километри според WLTP циклусот.

Mercedes-AMG GT SUV

GT 55 и GT 63: До 1.169 КС

Верзијата GT 55 користи три електромотори со аксијален флукс, кои испорачуваат 816 КС и 1.860 Nm. Забрзувањето до 100 км/ч е намалено на 3,1 секунди, додека до 200 км/ч стигнува за 9,9 секунди.

Купувачите ќе можат да избираат помеѓу батерии од 106 kWh и 128 kWh, при што поголемата поддржува 710 kW DC полнење и овозможува додавање 83 kWh енергија за само 10 минути. Максималната автономија достигнува 700 километри.

На врвот од понудата се наоѓа GT 63, кој комбинира три унапредени електромотори со вкупна моќност од 1.169 КС и 2.000 Nm. Оваа верзија забрзува од 0 до 100 км/ч за само 2,7 секунди, а до 200 км/ч пристигнува за 7,2 секунди, што е само 0,4 секунди побавно од легендарниот McLaren P1.

Активна суспензија, управување на задните тркала и карбон-керамички сопирачки

Покрај електричниот погон, Mercedes-AMG вложил многу внимание и во шасијата. Верзиите GT 55 и GT 63 се опремени со новата AMG Active Ride Control+ суспензија, која комбинира тристепени воздушни пружини со хидрауличен систем за активна контрола на навалувањето и движењето на каросеријата. Системот ја намалува појавата на „нуркање“ при сопирање и подигнување на предниот дел при силно забрзување.

Стандардно се вградува и управување на задните тркала со агол до 6 степени, како и интелигентен систем за погон на сите четири тркала со напредно распределување на вртежниот момент. Иако тежината достигнува до 2.715 килограми, Mercedes-AMG вградува големи сопирачки системи, при што GT 63 сериски добива карбон-керамички сопирачки.

Mercedes-AMG GT SUV

Звук на V8 и виртуелни брзини

Еден од најинтересните елементи кај новиот GT SUV е системот AMGFORCE Sport+, кој создава звучна симулација на мотор со внатрешно согорување.

Кај GT 53 се репродуцира звук инспириран од реден шестцилиндарски мотор, додека GT 55 и GT 63 добиваат звучна симулација на легендарните AMG V8 агрегати, меѓу кои и AMG GT R. Покрај звукот, моделот користи и виртуелни степени на пренос, а преку специјални вибрациони елементи во седиштата дополнително се симулира чувството на работа на класичен мотор.

Mercedes-AMG GT SUV

Кабина ориентирана кон возачот

Внатрешноста е речиси идентична со онаа кај AMG GT Sedan. Пред возачот се наоѓа 10,2-инчен дигитален инструмент панел, додека централниот 14-инчен екран е свртен кон возачот. Како опција се нуди и дополнителен 14-инчен дисплеј за совозачот.

Во кабината доминираат карбонски декоративни елементи, голем број физички команди и ротирачки прекинувачи за прилагодување на суспензијата, управувањето и карактерот на возилото. Достапни се и 4D Burmester аудио систем, панорамски Sky Control стаклен покрив со променлива транспарентност и богата кожна облога.

Mercedes-AMG GT SUV

Подготвен и за тркачка патека

Mercedes-AMG подготви и специјален AMG Track Pack, кој бележи повеќе од 80 различни параметри за време на возење на патека. Системот прикажува телеметрија во реално време, времиња по кругови, а со помош на дополнета реалност (Augmented Reality) проектира идеална тркачка линија директно пред возачот.

Покрај режимите Comfort, Sport, Sport+, Race, Slippery, Eco и Individual, достапни се и посебни Race и Sprint програми наменети за максимални перформанси.

Продажбата на Mercedes-AMG GT 53 во Европа започнува уште оваа недела со почетна цена од 113.500 евра, додека GT 55 и GT 63 ќе пристигнат на европскиот пазар помеѓу март и мај следната година. Цените за овие две изведби ќе бидат објавени дополнително.

Поврзани вести

Back to top button