Mercedes CLA 35: уште еден моќен седан од AMG
Како најжешка верзија на втората генерација на малите CLA купе седани, новиот Mercedes CLA 35 се приклучува на AMG линијата на перформансни модели
Пред официјалното деби на Саемот во Њујорк, Mercedes ни го откри новиот член во 35-линијата, моќниот купе седан Mercedes CLA 35. Како и останатите модели од AMG 35-опсегот, спортскиот седан ќе доаѓа со 2,0 литарскиот бензински мотор со турбо полнач, преработен ентериер, како и разни спортски завршетоци по надворешноста и внатрешноста.
Спортската силуета на новиот CLA 35 го има задржано иконскиот стилски дизајн на AMG линијата. Основната форма со широки лакови на тркалата и тенката спортска силуета се одлично надополнети со освежената решетка на ладилникот, хромираните акценти, аеродинамично оптимизираните 18-инчни алуминиумски тркала и нагласените странични прагови. На задниот крај доминира нов дифузер со двојни издувни цевки, тенок спојлер, а кон широкиот изглед допринесуваат хоризонално поставените светлосни уреди со LED технологија.
Внарешноста во голема мера е пренесена од стандардниот модел, каде е достапен високо-технолошкиот амбиент, каде доминираат квалитетот и елеганцијата. Спортскиот карактер на моделот е претставен преку повеќе карактеристики, како мултифункционалниот AMG управувач со рамно дно, спортските седишта обложени со кожа и микрофибер, црвените појасни ремени и амбиенталното осветлување со 64 бои. Во средината на централната табла се наоѓа 10,25-инчниот MBUX инфозабавен систем, каде гласовните команди и камерата од 360 степени сега доаѓа како стандард.
Погонската 2,0 литарска единица е задолжена да му обезбеди на новиот Mercedes моќност од 306 коњски сили и вртежен момент од 400Nm, пренесени до двете оски. Агрегатот е комплетиран со седум-степен менувач со двојна спојка, кој му овозможнува на овој CLA спринт од 0 до 100 за само 4,9 секунди, достигнувајќи максимална брзина од 250 километри на час.
Новиот AMG CLA 35 доѓа со пет приспособливи режими на работа, кои овозможуваат широк опсег на карактеристики на возилото, од удобно возење до агресивно управување. Производителот тврди дека неодамна додадената програма „Slippery“ ја подобрува стабилноста на влажни и ледени површини.
На листата на модификации кај спортскиот седан се наоѓа AMG Ride Control Suspension, кој претставува AMG систем за потпирање со алуминиумски компоненти и уникатна геометрија. Тој придонесува кон цврста рамномерна стабилност и му овозможува на новиот CLA високо динамичка изведба при движење во свиоци. Како опција присутен е и адаптнивниот систем за амортизација, со три различни режими за оптимизирање на удобноста и агилноста и посебниот систем за серво управување и систем за сопирање со високи перформанси.
Официјалното лансирање на Mercedes CLA 35 е закажано за Саемот во Њујорк подоцна овој месец, а продажбата во САД ќе започне кон крајот на оваа година, додека пак испораките за европскиот пазар треба да започнат во август.