Mercedes ги објави цените за новите AMG GLA модели
Mercedes ги отвори нарачките за новата генерација на моделите AMG GLA 35, GLA 45 и GLA 45 S, а најевтината верзија во Германија ќе чини над 50.000 евра
![Mercedes AMG GLA](https://avtoplus.mk/wp-content/uploads/2020/06/mercedesamgglahavnmrn-780x470.jpg)
Купувачите кои сакаат во свој посед да имаат моќни компактни кросовери ќе можат да бираат меѓу три AMG верзии на новиот Mercedes GLA, откако германскиот премиум производител ги отвори нарачките и ги објави цените за своите модели GLA 35, GLA 45 и GLA 45 S.
Сите три модели на Mercedes-AMG GLA пристигнуваат со истиот мотор, односно 2,0-литарски четирицилиндричен турбо мотор во комбинација со осумстепен автоматски менувач со двојна спојка, со што овие автомобили се меѓу најмоќните во својот сегмент.
Кај основниот модел GLA 35 четирицилиндричниот 2,0-литарски мотор нуди 306 КС и 400 Nm максимален вртежен момент. Моќноста се пренесува на сите четири тркала преку AMG Performance 4Matic системот. Од нула до „стотка“ овој автомобил достигнува за 5,1 секунда, додека максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час. Почетната цена на овој модел е 54.204 евра.
За оние кои не се задоволуваат со овие перформанси, Mercedes го нуди моделот GLA 45 кој исто така е опремен со систем на погон на сите четири тркала и мотор од 387 КС, додека максималниот вртежен момент е 480 Nm. Автомобилот од 0 до 100 km/h достигнува на 4,4 секунди, што е побрзо забрзување во однос на основниот модел, додека максималната брзина исто така е ограничена на 250 километри на час. За овој модел во Германија потребно е да се издвојат 62.772 евра.
На крајот, на врвот на понудата се наоѓа GLA 45 S со истиот мотор како и претходните две верзии, со тоа што во овој модел истиот располага со дури 421 КС и 500 Nm. Забрзувањето од нула до „стотка“ се достигнува за 4,3 секунди, а максималната брзина е ограничена на 270 километри на час. Цената за овој модел стартува од 68.365 евра.