fbpx

Mercedes го претстави уникатниот Will.I.AMG концепт

Mercedes-AMG и музичарот Will.I.Am ги здружија своите сили за да го претстават најновиот концепт кој го носи името Will.I.AMG или The Flip

Овој единечен концепт на Mercedes-AMG кој е наречен Will.I.AMG или The Flip ќе биде официјално претставен пред јавноста за време на Големата награда на САД во Мајами, а претставува плод на најновата соработка меѓу германскиот производител и хип-хоп ѕвездата која започна во септември 2021 година и е создадена со цел да им овозможи на посиромашните заедници да добијат пристап до научното образование.

Концептот на прв поглед делува како комбинација на G-Класата и AMG GT 4-Door Coupe. Коцкастиот стајлинг на познатиот SUV се сретнува со елегантните линии на перформансниот автомобил, што придонесува за еден навистина контроверзен лик. Поставен на ретро моноблок тркала, овој единечен и уникатен концепт е вистинско купе во смисла на тоа што ги нема задните врати.

Официјално познат како Will.I.AMG и со прекар The Flip, уникатниот производ влече инспирација и по SLS моделот, а колку повеќе го гледате автомобилот, толку почудни детали ќе забележите. Тоа пред се се однесува на беџот, со оглед на тоа дека традиционалната трикрака ѕвезда е искомбинирана со лого на мече. Тоа е направено со цел да се промовира ограничената линија на производи и аксесоари познати како Bear Witness. Необичното лого исто така може да се забележи и на капачињата на тркалата. За производството на Will.I.AMG е задолжена компанијата West Coast Customs (позната по емисиите Pimp My Ride), а ова е нивни шести проект на кој работат со 47-годишниот рапер.

Необично и уникатно решение

Радикалното редизајнирање на GT 4-Door Coupe не се одрази на моторот, бидејќи битурбо 4,0-литарскиот V8 агрегат остана непроменет. Истиот испорачува 577 КС кај GT 63 и колосални 630 КС кај S верзијата, додека новиот 63 S E Performance plug-in хибридот има 830 КС.

Поради некоја причина, Mercedes-AMG не објави фотографии од задниот дел и од ентериерот, но претпоставката е дека кабината го задржува препознатливиот изглед.

„Израснав во гето. Израснав со хип-хоп. Гледав легендарни хип-хоп артисти како рапуваат за Mercedes, па отсекогаш сум сонувал да поседувам таков автомобил. За повеќето деца од градовите, поседувањето на Mercedes е симбол на прогрес и напредок во секојдневната борба. Сега, ја достигнав мојата цел и уште повеќе со реосмислување и креирање на моја визија на AMG модел“, изјави Will.I.Am.

Поврзани вести

Back to top button