fbpx

Mercedes ја потврди новата C-Класа за 2021 година

Германски Mercedes потврди дека новата C-Класа ќе пристигне на пазарот следната година заедно со неколку технологии од новата S-Класа

Mercedes-Benz го привлече вниманието на светската јавност неодамна со лансирањето на нивниот адут во сегментот на луксузни премиум автомобили, новата S-Класа. Почнувајќи од нови опции за погонот, дизајнерски промени и голем број технолошки додатоци во внатрешноста, новата генерација на луксузната лимузина повторно поставува нови стандарди. Но, Mercedes не ја заборава ниту својата C-Класа. Според информациите, се очекува новата C-Класа да добие слични нивоа на стандардна опрема и технологии.

Ова доаѓа директно од Ола Калениус, шефот на Daimler, кој навести дека новата C-Класа ќе биде под големо влијание на новата S-Класа, со тоа што некои иновации ќе дебитираат, како што е дизелскиот хибрид за европскиот пазар и електрифицираниот AMG мотор. „Пред многу години, логиката на Mercedes беше ‘го имаме потребното во S-Класата’- тоа се случува на секои седум или осум години – а потоа имаме постепено намалување надолу. Веќе се оддалечивме од оваа филозофија, би рекол, во последните пет до седум години. Дојдовме до степен да кажеме дека секоја нова архитектура или модел си добива своја иновација. Оваа недела зборуваме за S-Класата, но само за потсетување, следната година доаѓа новата C-Класа“, изјави Ола Калениус, кој додаде дека новата C-Класа всушност ќе биде помала S-Класа.

Новата S-Класа прифати голем број додатоци од останатите модели, како што е MBUX инфозабавниот систем од A-Класата, но истиот е унапреден. Оваа идеа за да не се ставаат сите иновации исклучиво во „знаменосецот“ значи дека Mercedes има можност да ги „демократизира“ иновациите многу побрзо. „Развивме инженерски систем каде што иновациите кои ги лансираме многу брзо можат да дојдат до другите возила“.

Повеќе информации за новата Mercedes C-Класа ќе пристигнат подоцна оваа година, а новиот седан се очекува да биде претставен некаде кон средината на 2021.

Поврзани вести

Back to top button