Mercedes ја претстави новата S-Класа: Ново лице на луксузот

Новата Mercedes-Benz S-Класа носи осветлена маска, MBUX Superscreen, напредна AI технологија и широка понуда на моторни единици

Mercedes-Benz официјално ја претстави освежената S-Класа за моделската 2027 година, носејќи една од најобемните еволуции во поновата историја на својот легендарен луксузен седан. Иако моделот со децении беше симбол на дискретна елеганција и класичен луксуз, новата верзија јасно покажува дека и S-Класа мора да се прилагоди на дигиталната ера, со повеќе екрани, напредни технологии и силен фокус на персонализација.

Освежен дизајн со светлосен потпис

Надворешните промени се суптилни, но доволно впечатливи. Предната маска е за околу 20 проценти поголема и за првпат кај S-Класа добива осветлување, дополнета со тридимензионални хромирани Mercedes ѕвезди. Новитет е и можноста за осветлен орнамент на хаубата, што дополнително го нагласува статусниот карактер на моделот.

Предните и задните светла добиваат нов светлосен потпис со мотив на ѕвезда, а понудата е проширена со нови дизајни на фелни и освежена палета на бои. Преку програмата Manufaktur Made to Measure, купувачите ќе имаат пристап до повеќе од 150 бои за каросеријата и над 400 комбинации за ентериерот.

AMG Line за подинамичен изглед

Опционалниот AMG Line пакет носи поагресивни браници, спортски странични прагови и AMG фелни со големина до 21 инч. Во внатрешноста, пакетот додава спортски волан со рамен долен дел, метални педали, специјални звучни профили и визуелни акценти во црвена боја на екраните.

Револуција во ентериерот: доминација на екраните

Најголемата промена се случува во кабината. Традиционалните дрвени површини се заменети со новиот MBUX Superscreen, кој опфаќа три екрани низ целата инструмент табла. Возачот добива 12,3-инчен дигитален инструмент кластер, централниот инфозабавен систем е 14,4 инчи, а пред совозачот е поставен дополнителен 12,3-инчен екран.

За да се интегрира овој систем, целосно се редизајнирани контролната табла и централната конзола, која сега нуди двоен безжичен полнач за паметни телефони и осветлени држачи за чаши. И покрај дигиталниот пристап, Mercedes враќа дел од физичките контроли на новиот мултифункционален волан, вклучувајќи класични прекинувачи за Distronic и ролер за јачина на звук.

Mercedes-Benz S-Класа

Паметна вентилација и вештачка интелигенција

Новитет се и кружните отвори за вентилација со дигитална контрола. Системот автоматски ја прилагодува насоката на воздухот според желбите на патниците, а може да се зачуваат до осум различни поставки. Сè е управувано преку новиот виртуелен асистент на MBUX, кој користи ChatGPT-4o и Microsoft Bing Search, претставен преку „жива“ анимација во форма на Mercedes ѕвезда.

Луксуз и технологија за задните патници

Задните седишта добиваат унапреден систем за забава со поголеми 13,1-инчни екрани, отстранливи далечински управувачи и вградени камери за видео состаноци преку Microsoft Teams. Дополнително, достапни се и загреани безбедносни појаси, синхронизирани со греењето на седиштата, кои Mercedes ги опишува како „нежна прегратка“.

Mercedes-Benz S-Класа

Стандардно е вграден Burmester 3D аудио систем, додека опционалниот 4D систем нуди до 39 звучници за уште поимпресивно аудио искуство.

Широка понуда на мотори, со изненадувачки V8

Под хаубата, новата S-Класа нуди речиси сè што може да се посака. Најголемото изненадување е новиот V8 мотор во верзијата S 580 4Matic. Станува збор за 4,0-литарски твин-турбо V8 со блага хибридна поддршка, кој развива 530 КС и 750 Nm вртежен момент, значително подобрување во однос на претходната верзија.

Понудата продолжува со шестцилиндрични бензински мотори во верзиите S 450 и S 500, со моќност од 376, односно 443 КС. За европскиот пазар се достапни и дизел варијанти со 309 и 362 КС.

Plug-in хибриди со импресивен електричен досег

Mercedes нуди и две plug-in хибридни верзии. S 450 e комбинира шестцилиндричен мотор со електромотор и батерија од 22 kWh, со вкупна моќност од 429 КС и електричен досег до 118 километри според WLTP. Помоќната S 580 e располага со 577 КС, забрзува до 100 km/h за 4,4 секунди и нуди електричен досег до 103 километри.

Комфор и динамика без компромис

Задното управување е стандардно, со агол до 4,5 степени, а опционално до 10 степени, што значително го намалува радиусот на вртење. Воздушната суспензија е стандардна, додека E-Active Body Control останува опција за оние кои бараат врвна удобност.

Поврзани вести

Back to top button