Mercedes му дава технологија на Aston Martin во замена за акции
Aston Martin ја засилува својата соработка со Mercedes откако го официјализираше новиот стратешки технолошки договор и засилено партнерство
Mercedes и Aston Martin соработуваат речиси една деценија, а новиот договор ќе му овозможи на Aston Martin пристап до хибридните и електронските техонологии на Mercedes од новата генерација, како и други автомобилски компоненти и системи.
Во замена за сето ова, Mercedes ќе добие нови акции во Aston Martin во неколку фази во текот на следните три години. Акциите ќе бидат во вредност од 316 милиони евра и со тоа Mercedes значително ќе го зголеми својот удел во британскиот производител. Mercedes во моментов има 2,6% од акциите во Aston Martin, а со новиот договор тоа ќе се искачи на „не повеќе од 20 проценти“.
Двете компании не открија премногу детали, но потврдија дека „Aston Martin побарал пристап до одредени мотори и погони како и погонски софтвер Е/Е архитектура и голем број други компоненти“. Mercedes го прифатил сето тоа во замена за акции и ќе му отстапи на Aston Martin неколку „технолошки пакети“ во следниот период.
Главните услови за првиот технолошки пакет е веќе договорен и се вреднува на 155 милиони евра. За да го исплати сето тоа, Aѕton Martin ќе ги зголеми акциите на Mercedes во компанијата од 2,6 на 11,8 проценти.
Aston Martin ќе добие неколку технолошки пакети
Планирани се и понатамошни технолошки пакети, но компаниите истакнуваат дека „треба да се договорат околу подрачјето на технологии кои ќе му бидат достапни на Aston Martin, нивната вредност и цената на компонентите и системите“.
Иако останува нејасно што вклучува првиот технолошки пакет, извршниот претседател на Aston Martin, Лоренс Строл истакна:
„Денеска, ние правиме уште еден голем чекор напред со оглед на тоа дека нашето долгогодишно партнерство со Mercedes-Benz AG се издигнува на друго ниво, со тоа што Германците стануваат едни од најголемите сопственици на компанијата. Преку ова ново проширено партнерство, ние обезбедуваме пристап до технологии од светска класа за да ги поддржиме нашите долгорочни планови за производствена експанзија, вклучително и електрични и хибридни погони и ова партнерство ја поткрепува нашата самодоверба за иднината“.