fbpx

Минхен: Премиерно прикажан AMG EQS 53

Mercedes ја лансираше перформансната верзија на својата електрична лимузина, а станува збор за знаменосецот Mercedes-AMG EQS 53 4Matic+

По неколкуте најави, пред самиот почеток на Салонот во Минхен Mercedes ја претстави перформансната верзија на својата луксузна електрична лимузина EQS, која пристигнува во форма на AMG EQS 53 4Matic+ и добива погон и управување на сите четири тркала ако е опремена со опционалниот Dynamic Plus пакетот.

Најбрзиот EQS добива поставка со два AMG електромотори кои испорачуваат вкупно 658 КС и 950 Nm врртежен момент. Иако ова само по себе е доста импресивно, Dynamic Plus пакетот носи и до 761 КС и 1020 Nm, но единствено ако Race Start режимот е селектиран. Ова овозможува спринтот од место до „стотка“ да се достигне за само 3,4 секунди, што е побрзо од 3,8 секунди за стандардната верзија. Максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час со Dynamic Plus пакетот, додека стандардната верзија има брзина од 220 километри на час.

Енергијата се складира во 400-волтната литиум-јонска батерија со капацитет од 107,8 kWh. Според Mercedes, автономијата на движење изнесува помеѓу 526 и 580 километри според WLTP, што е помалку од 770-те километри на Mercedes-Benz EQS, но сепак не е воопшто лошо за перформансен електричен автомобил со тежина од 2.655 килограми.

AMG спецификации

Перформансната лимузина пристигнува стандардно со управување на задната оска со распон од 9 степени, што не само што го прави моделот поагилен, туку го намалува и вртежниот круг. Стандардниот AMG Ride Control+ адаптивен воздушен систем на потпирање со оска која поседува четири линка напред и мултилинк оска на задниот дел, поседува AMG компоненти за подобра управливост. Сопирањето е со AMG спецификации, а купувачите како опција можат да изберат и 440-милиметарски керамички сопирачки напред. Во двата случаи i-Booster системот го извлекува максимумот од рекуперацијата на енергијата кај хидрауличните сопирачки.

Mercedes-AMG EQS

Стравувајќи дека првиот целосно електричен модел на AMG ќе биде премногу тивок, во Афалтербах одлучија да го додадат и AMG Sound Experience. Овој подесувачки систем емитува бучава преку звучници, како во кабината, така и надвор од автомобилот. Возачот може да избере меѓу различни режими – Balanced, Sport, Powerful и опционалниот Perfromance кој е вклучен во AMG Dynamic Plus пакетот – независно од селектираниот возачки режим.

Во дизајнерска смисла, AMG варијантата на EQS го добива истиот преден и заден браник како и спортскиот AMG Line. Сепак, може да се одликува преку вертикалните хромирани елементи на прекриениот преден панел, поголемиот заден спојлер и 21 или 22-инчни AMG тркала во Aero или Heritage дизајн.

Mercedes-AMG EQS

Персонализирачки можности

Електричната лимузина може да биде дополнително персонализирана со опции како AMG Night Package Dark Chrome, AMG карбонски трим елементи или црвени шапи на сопирачките. И покрај дизајнерските промени, Mercedes-AMG EQS 53 сепак се уште доста аеродинамичен со коефициент на отпор на воздухот од 0.23, што е полошо од 0.20 кај регуларната верзија.

Во внатрешноста, препознатливата Hyperscreen поставка доаѓа како стандард, со MBUX инфозабавата која се одликува со AMG екрани и функции како што е опционалниот AMG Track Pace телеметрискиот систем. Спортските акценти во кабината вклучуваат AMG седишта обложени во Artico рачно изработена кожа, AMG управувач со рамно дно во Nappa кожа, алуминиумски лопатки, црвени конци на седиштата, спортски педали и AMG патосници и прагови.

Поврзани вести

Back to top button