fbpx

„Бомбичка“ која секогаш е подготвена да експлодира!

Нема дете на кое не му застаклуваат очите кога ќе добие некоја играчка, а кога таа е и малце поинаква, поспецифична и мошне скапа, филингот е уште посилен

Нема дете на кое не му застаклуваат очите кога ќе добие некоја играчка, а кога таа е и малце поинаква, поспецифична и мошне скапа, филингот е уште посилен.

Кај нас возрасните, кога се играчките на четири тркала во прашање – ни се крева адреналинот поради детското што со себе го носиме, што беше случајот и со моделот на Мini односно неговата специјална верзија John Cooper Works. На поканата на BMW Grоup во Австрија да се дружиме со една ваква изведба одговоривме со возбуда, особено што ни беше најавено Mini Driving Experience на патеката Салцбург Ринг.

Врвните вредности на автомобилот, според замислата на организаторите, ни беа прво презентирани низ комбинирано управување по патиштата на Баварија и Тирол. Уште на стартот ни беше апострофирано дека под хаубата имаме вистински ѕвер, 2.0-литарски агрегат со 231 КС. Истиот е за 10% помоќен од претходниот, а вртежниот момент му е зголемен за 23% до 320 Nm. Но бројките, макар и да зборуваат многу, не велат ништо. Бидејќи ова мала „осичка“ изгледа заканувачки и истовремено примамливо не само поради креацијата, туку и поради комбинациите на бои кои се исто така специфични само за оваа изведба. По краткиот брифинг прво следи запознавање со патеката и неизбежното „безбедно“ возење. На полигонот водата не беше проблем, бидејќи дождот го имаше повеќе отколку беше потребен. А потоа кратка пауза, бидејќи како ни кажаа, од 12 – 13.30 часот на патеката не смее да има возила, како околните мештани „на раат“ би можеле да го изедат својот ручек. Договор си е договор.

Веднаш потоа се „нурнувам“ во длабокото корито на моето Mini John Cooper Works, кое едноставно го зграпчи моето тело, додека возиме по патеката со скоро никаква видливост. Сум управувал и со далеку појаки ѕверки од оваа, но рака на срце слична забава и задоволство зад управувачот одамна не сум имал, па уживам во секој свиок!

При првиот притисок на педалата за гас, како да слушате повик да ги ослободите оние набилдани диви 231 коњ. Стартот најавува пеколно доживување, бидејќи освен одличниот звук, плени директниот контакт на управувачот со подлогата, а како ја зголемувате брзината така се прилепувате кон патот. Па, како да не си поиграте, ама …велат нашите домаќини- внимателно!

На тркачката патека видливоста се сведуваше на минимум кога имате возило пред вас, а големите количини на вода попречуваа да ги испробаме максималните можности на возилото. Инаку, патеката е долга 3.750 метри, конструирана е да се постигнат големи брзини особено на средниот дел, додека пред и после стартно-целната рамнина потреба е посебна умешност зад управувачот. Возевме во колона предводена од инструктор чија задача беше да ги скротува страстите. Забележливо е подуправувањето кое се јавува на оптоварувања во остри свиоци, но каросеријата многу лесно се стабилизира. Преку управувачот се добиваат информациите од подлогата, па возењето е многу прецизно и лесно се анулираат оптоварувањата од инерцијата.

Британскиот стил на цврстина, агресивност, динамичност… се открива во дизајнот. Оној Островски карактер е особено впечатлив во предниот дел, каде доминираат големите отвори за воздух, кои укажуваат за високите потреби на моторот и сопирачките од воздух за ладење, со што се потенцираат динамичните можности на возилото. За да се задоволат специфичните потреби за ладење, во надворешните делови на браникот се отворени дополнителни „жабри“. Тие го заземаат местото на фаровите за магла и обезбедуваат довод на воздух до дополнителните решетки кои ја контролираат температурата на помошните елементи од моторот и сопирачките. „Саќестата“ маска е нагласена со попречна лајсна во долниот крај, врз која е позиционирано логото на John Cooper Works. Прецизни елементи се имплементирани во областа на предниот браник, како и на странични прагови, кои придонесуваат за оптимизирање на аеродинамиката, која се засилува со задниот спојлер, како и задниот браник со дифузор во долниот дел.

Во новиот ентериер на MINI брзо се навикнувате. Веќе ги споменав длабоките спортски седишта, резервирани само за JCW. Автомобилот е толку компактен, што сепак е тешко со раката да достигнете до ретровизорот без дополнителен напор, а нема шанси до ветробранското стакло. Позади димензиите исто така се зголемија, но сепак местото за нозете е недоволно, но со оглед на спортските тенденции, Германците едноставно „употребата“ на задната клупа ја елиминирале. Главниот тркалезен прибор на централната конзола е „визуелно јак“ исполнет со голем TFT екран, а зад управувачот се појавува визирот за Head-up дисплејот со голем број информации. Што се однесува до управувачот, тој е масивен, задебелен, со црвени рабови и совршено „лежи“ во рацете. Старт-копчето е со црвена светлина и во аеро стил, што е само дополнителен детал во спортското опкружување, а гламурот е дополнет со амбиетално светло на вратите и околината на кое можете да му ја менувате бојата.

Системот TRC воопшто не ми дозволи да го исклучам во оние 30-тина кругови на патеката, бидејќи подлогата беше постојано влажна и лизгава, Но, сепак лошото време не ме спречи да го пробам MINI Driving Modes, особено режимот SPORT. Возевме малку и во режимот GREEN, каде интересно е што компјутерот пресметува и покажува- колку километри повеќе сте добиле возејќи во овој мод. Промената на режимите ги менува поставките и чувствителноста на педалот за гас, а со тоа и самото управувањето, времето за менување на автоматската трансмисија, како и работата на динамичната контрола на амортизацијата.

Сé на сé, беспрекорно спакувана играчка, со која играњето претставува задоволство на квадрат,.. компактна, прецизна, цврста, забавна и брутална…, но за која и треба да се избројат близу 60.000 евра.

Поврзани вести

Back to top button