Mini Strip е минималистичка верзија на модерниот автомобил
Mini направи соработка со познатиот моден дизајнер Пол Смит со цел да го креира Mini Strip концептниот автомобл
Фокусирајќи се на одржливиот дизајн, а притоа задржувајќи го својот препознатлив стил, компанијата Mini го претстави концептот Mini Strip кој е создаден во соработка со модниот дизајнер Пол Смит. Овој единечен концепт е базиран на целосно електричниот Mini Cooper SE кој за оваа пригода загуби голем број од своите оригинални компоненти, задржувајќи ја само својата „структурална есенција“.
Следејќи ја тематиката на „едностсавност, транспарентност и одржливост“, Пол Смит во овој концепт постави многу прашања од неавтомобилска перспектива, задржувајќи го само она што е максимално неопходно за еден автомобил. Овој пристап доведе до еден многу поодржлив автомобил кој исто така е и полесен од продукиската верзија, со сите бенефити на електричен опсег и перформанси.
Промените на екстериерот вклучуваат сирово и неофарбано тело, каде галванизираниот челик и пластичните панели се нефиниширани, со само еден тенок слој на транспарентна боја која штити од корозија. Пластичните облоги се намерно заштрафени, додека редизајнираниот сплитер и задниот браник се 3D печатени од рециклирана пластика.
Дизајнерите на Mini креираа уникатни аеродинамички прекривки за тркалата и нова решетка, а овие елементи се направени од рециклиран Перспекс. Големиот панорамски покрив исто така е направен од истиот лесен материјал, додека металната структура на каросеријата е оставена гола. Она што е чудно е дека задните светла доаѓаат од моделот пред фејслифтот, заменувајќи ги поновите со графиката на „Јунион Џек“.
Импресивно решение за ентериерот
Она што е уште поимпресивно од екстериерот е соголената кабина. Материјал од рециклирани тапи, кој го апсорбира јаглерод диоксидот за време на производството, е користен за горниот дел на контролната табла, штитниците за сонце и горниот дел од вратите како алтернатива на традиционалниот пластичен материјал. Сите останати трим панели се отстранети, откривајќи ја базичната метална структура која тука е офарбана во сино.
Контролната табла е единечно парче од полутранспарентен дел со финиш на замаглено стакло, додека централниот инструмент го нема, оставајќи простор за паметниот телефон. Алуминиумскиот управувач е обложен со лента како на велосипедите, така што сопственикот би можел лесно да ја промени кога ќе се истроши.
Седиштата се обложени со целосно рециклирачка монохромна плетена ткаенина, а патосницие се направени од рециклирана гума. Заштитните појаси се направени од јажиња за планинарење и се во светло портокалова боја, отскокнувајќи во однос на остатокот од кабината.
Mini Strip концептот не е наменет за производство, но британската компанија ќе го користи дизајнерскиот пристап за идните возила како што навлегуваме во поодржлива иднина за автомобилската индустрија.