Monjaro EM-i пристигна во Европа, Geely ги објави спецификациите и деталите

Geely Monjaro EM-i пристигнува во Европа со до 335 КС, електричен досег до 116 km, богата опрема и почетна цена од 39.990 евра на повеќето европски пазари

По европската премиера на Саемот за автомобили во Париз во октомври, Geely Monjaro EM-i официјално пристигнува на европскиот пазар. Кинескиот производител ги објави конечните спецификации, пакетите на опрема и цените на новиот plug-in хибриден SUV, кој ќе се обиде да им конкурира на модели како Škoda Kodiaq, Volkswagen Tayron, Toyota RAV4 и Honda CR-V.

Пред почетокот на продажбата, Monjaro EM-i поминал низ обемно приспособување за европските патишта во развојниот центар Geely Technology Europe во Франкфурт, каде инженерите потрошиле повеќе од 7.200 часа за подесување на шасијата и возните карактеристики.

Geely Monjaro EM-i

До 335 КС и погон на сите тркала

Monjaro EM-i го користи новиот EM-i Super Hybrid погонски систем, кој комбинира 1,5-литарски турбо бензински мотор, електромотор и интелигентен систем за управување со енергијата.

Верзиите Pro и Max располагаат со погон на предните тркала и испорачуваат 201 kW (273 КС) и 544 Nm, при што забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 7,7 секунди.

Помоќните изведби Pro+ и Ultra добиваат електричен погон на сите тркала (e-AWD), комбинирана моќност од 246 kW (335 КС) и 667 Nm максимален вртежен момент. Овие верзии нудат шест режими на возење, а спринтот до 100 km/h го завршуваат за само 5,8 секунди.

Geely Monjaro EM-i

До 116 километри електричен досег

Купувачите ќе можат да избираат помеѓу две LFP батерии. Основните верзии Pro и Max користат батерија со капацитет од 18,4 kWh, која овозможува 82 километри електричен досег според WLTP циклусот. Максималната моќност на DC полнење изнесува 38 kW, а полнењето од 30 до 80 проценти трае околу 20 минути.

Верзиите Pro+ и Ultra добиваат поголема батерија со капацитет од 29,8 kWh, која обезбедува до 116 километри возење само на електрична енергија. Кај нив DC полнењето достигнува 78 kW, додека истото полнење од 30 до 80 проценти трае приближно 15 минути. Сите верзии поддржуваат AC полнење со моќност до 6,6 kW.

Geely Monjaro EM-i

Пространа кабина и богата сериска опрема

Со должина од 4.800 mm и меѓуоскино растојание од 2.845 mm, Geely Monjaro EM-i нуди пространа кабина, додека багажниот простор располага со капацитет од 633 литри.

Во внатрешноста доминираат два големи екрани, а уште во основната верзија се вклучени LED предни светла, 540-степенски систем на камери, V2L и V2V функции за напојување на надворешни уреди или други електрични возила, како и електрично прилагодливи предни седишта со греење, вентилација и меморија.

Во зависност од пакетот на опрема, достапни се и 25,6-инчен head-up дисплеј, аудио систем со 16 звучници, масажа на предните седишта и амбиентално осветлување.

Осум години гаранција и конкурентна цена

Geely за Monjaro EM-i нуди осумгодишна гаранција или 200.000 километри за возилото и високонапонската батерија.

Основната верзија Pro на европските пазари стартува од 39.990 евра, што го прави Monjaro EM-i еден од најконкурентните plug-in хибридни SUV модели во сегментот, особено ако се земат предвид неговите димензии, нивото на опрема и перформансите.

Поврзани вести

Back to top button