fbpx

MWM Spartan е електромод базиран на UAZ Hunter

Препознатливиот UAZ Hunter руски теренец доби темелна обработка со што доби електричен погон благодарение на чешката компанија MW Motors

Користејќи го популарното руско „оф-роуд“ возило UAZ Hunter како своја основа, чешката компанија MW Motors го создаде својот целосно електричен теренец Spartan, продолжувајќи го трендот на конвертирање на стари автомобили во целосно електрични возила. Овој електромод беше најавен кон почетокот на 2020 година, но пандемијата го одложи лансирањето на пазарот за повеќе од една година.

MWM Spartan

За оние кои не се запознаени баш најдобро со руската автомобилска индустрија, потеклото на UAZ Hunter датира од 1971 година кога беше лансирано UAZ-469 военото возило. Оттогаш, продадено е во повеќе од два милиони примероци во 80 земји, стекнувајќи се со еден посебен статус благодарение на својата издржливост и „оф-роуд“ способности.

MWM Spartan ги задржува најголемиот дел од оригиналните делови на UAZ, со исклучок на погонот, односно моторот. Кога станува збор за дизајнот, може да се разликува преку целосно затворената предна решетка со вертикални полиња во стилот на Jeep и дигиталниот инструмент кластер на контролната табла.

Под хаубата се наоѓа целосно нов електричен мотор кој испорачува 163 КС и 600 Nm вртежен момент. Ова можеби не звучи како голема бројка, но е напредок во однос на оригиналниот природно аспириран 2,7-литарски агрегат кој испорачува 128 КС и 210 Nm максимален вртежен момент. И покрај електронската конверзија, возилото го задржува петстепениот мануелен менувач и максималната брзина од 130 километри на час.

Литиум-јонската батерија е поставена во водоотпорна обвивка и има капацитет од 62,16 kWh, што овозможува опсег на движење од 150 километри. За подолгите патувања, тука е и опционалната 90 kWh батерија. Поради електричниот погон и батеријата, вкупната тежина на теренецот е искачена на 1.966 килограми.

MWM Spartan веќе е во продажба и неговата цена изнесува 39.900 евра. За оние кои го сакаат моторот на внатрешно согорување, MWM нуди поконвенционална верзија на Spartan со бензински мотор, чија цена изнесува 19.900 евра.

Поврзани вести

Back to top button