Нова електрична ера: Mercedes-Benz ја претстави C-Класа Electric
Новата електрична Mercedes C-Класа доаѓа со 762 км автономија, Hyperscreen ентериер, 482 КС и напредна технологија за врвни перформанси и комфор

Германскиот производител Mercedes-Benz официјално ја откри целосно новата електрична C-Класа, модел кој треба да постави нови стандарди во премиум сегментот и директно да се спротивстави на BMW i3 од новата генерација. Со спортски дизајн, напредна технологија и импресивна автономија, новата C-Класа Electric носи сериозни амбиции.

Дизајн инспириран од аеродинамиката
Новиот електричен седан добива поелегантен и поаеродинамичен изглед во споредба со класичната верзија со мотор со внатрешно согорување. Со коефициент на отпор од само 0.22 Cd, моделот е оптимизиран за максимална ефикасност. Предниот дел е доминиран од осветлена решетка со над 1.000 LED елементи, додека светлосниот потпис со мотив на ѕвезда е присутен и напред и назад. Силуетата потсетува на купе, со пофлуидни линии и поатрактивен изглед во однос на поголемите EQ модели.
Она што особено треба да се напомене кога станува збор токму за дизајнот на новата C-Класа е да се истакне дека на истиот работеше и нашиот Славче Таневски.

Дигитален ентериер со Hyperscreen технологија
Во внатрешноста, вниманието го привлекува огромниот 39.1-инчен MBUX Hyperscreen, кој се протега низ целата инструмент табла. Овој систем овозможува истовремено прикажување на информации и мултимедија за возачот и совозачот, создавајќи целосно дигитализирано искуство. Кабината нуди и врвно ниво на комфор, со седишта кои имаат масажа, вентилација и 4D звук.
Дополнително, панорамскиот кров со 162 осветлени ѕвезди додава уникатна атмосфера, позиционирајќи ја C-Класа Electric поблиску до луксузната S-Класа, отколку до класичен бизнис седан.

Моќни перформанси и брзо забрзување
Лансирачката верзија C 400 4MATIC Electric користи два електромотори со вкупна моќност од 482 коњски сили. Благодарение на оваа конфигурација, автомобилот забрзува од 0 до 100 km/h за само 3.9 секунди, што го прави еден од најбрзите модели во својата класа.
Една од клучните предности е автономијата. Со батерија од 94 kWh, Mercedes-Benz најавува досег до 762 километри според WLTP циклусот. Дополнително, со брзо полнење, можно е да се добијат околу 325 километри автономија за само 10 минути, што значително ја зголемува практичноста за секојдневна употреба.

Напредна шасија и управување
Моделот е опремен со воздушна суспензија и интелигентен систем за амортизација кој ги анализира условите на патот во реално време. Особено значајна е опцијата за управување со задните тркала, со агол до 4.5 степени, што овозможува подобра маневрабилност во градски услови и поголема стабилност при високи брзини.
Новата C-Класа Electric работи на најновата MB.OS платформа, која овозможува OTA ажурирања, AI асистент со меморија и навигација со проширена реалност. Достапен е и системот MB.DRIVE ASSIST PRO, кој нуди напредно асистирано возење на ниво 2, дури и во густ сообраќај.

Пазарно позиционирање и лансирање
Интересно, Mercedes-Benz ќе ја започне продажбата прво на американскиот пазар, што укажува на силен фокус кон премиум електричните седани во САД. Цените сè уште не се објавени, но се очекува моделот да биде клучен адут во борбата со конкуренцијата, особено со новата генерација на BMW i3.
Со комбинација од луксуз, технологија и перформанси, новата електрична C-Класа јасно покажува дека иднината на премиум сегментот ќе биде целосно електрична.
























































