Новите батерии на Porsche со зголемен електричен опсег
Извршниот директор на компанијата неодамна изјави дека новата генерација на батерии ќе биде претставена веќе наредната година, а ќе нуди значително поголем електричен опсег
Една од поактуелните теми во модерниот свет на автомобилите е онаа насочена кон развојот на батериите кај електричните возила, како и зголемувањето на возниот опсег. Потенцијалните откритија во поглед на капацитет на батериите е нешто кое навистина често го слушаме, но никако да го видиме.
Неодамна извршниот директор на Porsche, Оливер Блум, изјави дека компанијата веќе развила нова генерација на батерии која ќе нуди значително поголем електричен опсег, а ќе биде претставена веќе наредната година.
„Следната генерација на батерии ќе пристигне во 2020 година и ќе донесе зголемување на ампер часовите на нашите батерии од 37 на 47. Ова ќе ни овозможи да постигнеме поголеми опсези, кои постепено ќе ги внесеме во нашите производи“, изјави Оливер.
Тој најави дека овие батерии ќе бидат вградени уште следната година во моделите на Porsche, но сепак производителот прави поголеми напори за прво да го лансира новиот Taycan. Ова е разбирливо, со оглед на фактот дека веќе има околу 20.000 потенцијални клиенти за овој модел, а поради големата побарувачка, Porsche најави дека ќе го зголеми неговото производство. Новиот Taycan се очекува да се појави на пазарот во септември наредната година.