Новиот Volkswagen T-Roc R пристигнува со 333 КС, електричен компресор и Drift режим

VW го претстави новиот T-Roc R со 333 КС, нов EVO5 мотор, електричен компресор, благ хибриден систем, Drift режим и премиера во 2027 година

Volkswagen официјално го претстави новиот T-Roc R, кој се враќа во понудата со втората генерација на компактниот SUV. Иако претходниот модел беше повлечен од производство во 2025 година, новиот T-Roc R носи бројни технолошки унапредувања, вклучувајќи нова генерација на 2.0-литарски турбо бензински мотор, благ хибриден систем и електричен компресор – технологија што засега не ја користи ниту актуелниот Golf R.

Спортскиот SUV ќе биде достапен на европските пазари во текот на 2027 година, а Volkswagen најавува дека покрај повисоката ефикасност, новиот модел ќе понуди и уште подинамично возачко искуство.

Нов EVO5 мотор со електричен компресор

Најголемата новина се крие под хаубата. Наместо добро познатиот EA888 EVO4 мотор од Golf R, новиот T-Roc R го користи најновиот EA888 EVO5 агрегат.

Станува збор за 2.0-литарски турбо бензински четирицилиндричен мотор кој е дополнително опремен со 48-волтен благ хибриден систем и електрично придвижуван компресор. Овие технологии му помагаат полесно да ги исполни строгите Euro 7 еколошки стандарди, но истовремено придонесуваат и за подобар одзив при ниски вртежи.

Покрај спортската R изведба, Volkswagen ќе понуди и T-Roc 2.0 eTSI 4Motion со 204 КС, додека T-Roc R ќе располага со максимални 333 КС и 420 Nm вртежен момент.

Погон на сите тркала и Drift режим

Како и Golf R, новиот T-Roc R е опремен со седумстепен DSG автоматски менувач и погон на сите четири тркала.

Максималниот вртежен момент од 420 Nm е достапен во поширок опсег на вртежи – од 1.900 до 5.250 вртежи во минута. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 5,0 секунди, додека максималната брзина електронски е ограничена.

Моделот користи интелигентен заден диференцијал кој може да испрати до 100 проценти од достапниот вртежен момент кон надворешното задно тркало. Покрај подобрената агилност и намаленото подуправување, ова решение овозможува и воведување на Drift режим, кој е дел од вкупно деветте режими на возење. Меѓу нив се наоѓа и посебен Offroad режим.

VW T-Roc R

Спортски звук и специјално стартување

И покрај сè построгите регулативи за бучава, Volkswagen задржал дел од емотивниот карактер на моделот.

Со задржување на копчето за стартување околу една и пол секунда, а потоа притискање на педалата за сопирачка, моторот при стартување накратко ги подига вртежите до 3.000 вртежи во минута. Купувачите ќе можат да изберат и опционален Akrapovič спортски издувен систем за уште поизразен звук.

Дискретен изглед со препознатливи R детали

Како и останатите модели од R семејството, и новиот T-Roc R не се потпира на агресивен дизајн.

Новиот модел добива специфична предна маска, четири издувни цевки, сини сопирачки клешти и стандардни 19-инчни Zandvoort алуминиумски тркала, додека 20-инчните Warmenau тркала се достапни како опција.

Ексклузивно за T-Roc R е достапна и Lapiz Blue металик бојата, покрај Pure White, Wolf Grey Metallic и Grenadilla Black Metallic.

Во кабината се наоѓаат спортски седишта обложени со комбинација од ткаенина и ArtVelours материјал, спортски волан со посебно R копче за избор на режимите на возење, метални педали, поголеми лопатки за менување зад воланот и дигитална инструмент табла со специфична R графика.

Продажбата на новиот Volkswagen T-Roc R ќе започне во Европа во текот на 2027 година. Со новата генерација, Volkswagen сака да понуди SUV кој ги комбинира практичноста на секојдневното користење со перформансите и технологијата карактеристични за моделите од R семејството.

Поврзани вести

Back to top button