Обновената E Класа пристигна и во Македонија

„Срцето“ на Mercedes-Benz и еден од најважните модели на брендот, Е Класа, во освежено руво сега е достапна и за македонскиот пазар

Освежената E Класа дебитираше на светската сцена пред неколку месеци, а сега пристигна и во нашата земја. Објективот на редакцијата на Авто Плус успеа да ја „улови“ обновената „перјаница“ на Mercedes во продажниот салон на Мак Ауто Стар, а ние со задоволство ќе ви го пренесеме она што успеавме да го забележиме на лице место.

Најпрвин треба да се напомене дека станува за унапредување и фејслифт на 10-та генерација на E Класа која на пазарот се појави во 2016 година. Истата сега ги доби сите оние новини кои на моделот му овозможуваат да ја има една од лидерските позиции во сегментот.

Промените се лесно видливи на екстериерот кој се одликува со подинамичниот дизајн. Тука е новата предна маска со повеќе хромирани детали, новите предни светла. Дел од стандардниот пакет на опременост се и целосните LED светла. Multibeam LED и Ultra Range долгите светла се достапни како опција. Ревизијата е направена и на задниот дел каде се впечатливи новите светла и изгледот на багажникот.

Секако, најголемата новина е во внатрешноста на возилото, која се карактеризира со новиот мултифункционален управувач со контроли на допир. Како стандарден дел од опремата се и двата 10,25-инчни екрани кои ја заменуваат традиционалната дигитална инструмент табла, односно инфозабавниот систем. Како опција се нуди Widescreen кокпитот со два екрани од 12,3 инчи. Исто така, тука е и најновиот MBUX и Linguatronic опцијата за гласовна контрола како дел од стандардната опрема и augmented reality функција.

Не треба да се заборави ниту Energizing Comfort. Преку оваа функција се регулираат температурата на возилото, музиката, амбиенталното осветлување, греењето на седиштата и програмите за масажа. Освежената E Класа се одликува и со голем број на безбедносни системи како Active Distance Assist DISTRONIC, Active Stop-and-Go Assist, Active Steering Assist, Active Brake Assist системи кои се дел од пакетот Driving Assistance.

Во салонот на Мак Ауто Стар имавме можност да забележиме два модели на освежената Е Класа. Едниот е верзијата со дизелски мотор E 220d, а втората е plug-in хибридната варијанта E 300de. Двата модели пристигнуваат со 4Matic погон на сите четири тркала.

За повеќе информации посетете го официјалниот сајт на Mercedes-Benz во Македонија или посетете го продажниот салон на Мак Ауто Стар.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close