Од Mercedes потврдија, новата S класа пристигнува оваа година

Германскиот производител потврди дека оваа година дефинитивно ќе биде претставена новата генерација на престижната S класа

Од Mercedes сепак не дадоа повеќе информации околу потенцијалниот датум на премиерата, но се очекува S класата да ја добие својата шанса да ја воодушеви јавноста во текот на втората половина од тековната година. Како евентуален домаќин на оваа премиера се споменува Саемот за автомобили во Париз.

Компанијата од Штутгарт покрај конвенционалната S класа веќе на големо работи и ја подготвува нејзината алтернативна варијанта, односно моделот EQS. Оваа електрична S класа неодамна ја имаше и својата прва официјална серија на фотографии, но се уште не е познато дали овој модел својата премиера ќе ја доживее во текот на оваа година, бидејќи од Mercedes засега остануваат таинствени на оваа тема.

Она што го потврдуваат од таборот на германскиот гигант е тоа дека електричниот EQA дефинитивно ќе се појави пред јавноста кон крајот на оваа година. Mercedes ќе ја претстави EQA во третиот или четвртиот квартал, а прес претставниците на овој бренд тврдат дека продажбата на EQA ќе започне пред крајот на актуелната година.

Инаку, EQA е всушност електричен пандан на моделот GLA и како таков е особено важен за семејството EQ на Mercedes. Пласманот на електрични возила е мошне важен за Mercedes со цел да се избегнат евентуалните казни по новите регулативи на ЕУ за флотната емисија на штетните гасови.

Германскиот производител планира во текот на оваа година да ја зголеми продажбата на електрични и plug-in хибридни модели за дури четири пати.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close