Претставена новата Mercedes C-Класа

Mercedes-Benz официјално ја претстави својата најнова генерација на еден од најпопуларни модели на компанијата. Пристигна новата C-Класа

C-Класата на Mercedes со години беше доминантен во својот сегмент, со продадени 10,5 милиони единици од 1982 година. Неколку години C-Класа беше влезниот модел во поставата на Mercedes-Benz, а денес со постоечките А и B модели, C-Класата претставува еден повисок сегмент во понудата, но и понатаму останува столб на бренд стратегијата на mercedes, заедно со E-класа и S-Класа.

Новата C-Класа во седан изведба со себе носи неколку забележливи промени во филозофијата. Концептот на намалување на димензиите е прифатен од страна на Mercedes, а шестцилиндерските и V8 мотори заминуваат во пензија. Имено, за прв пат во историјата, верзиите на C-Класа пристигнуваат со електрифициран четирицилиндерски погони.

Новата S-Класа како инспирација

Дизајнот на екстериерот е релативно конвенционален, но во ентериерот е воочливо силното влијание од новата S-Класа, секако, со неколку промени со цел да се добие уникатен конечен производ. Покрај седан изведбата, C-Класа ќе добие и своја караванска верзија.

Новата Mercedes C-Класа ќе биде поголема во речиси секој поглед. Меѓуосовинското растојание сега е поголемо за 2,54 сантиметри, со што патниците на задната клупа добиваат поголем простор за нозете. Зголемен е и просторот за главата во задниот дел за 1,5 сантиметри, поголем комфор ќе добијат и патниците на предните седишта. Кога веќе станува збор за димензиите, треба да се истакне дека новата C-Класа е 468 сантиметри долга, 186 сантиметри широка и 174,7 сантиметри висока. Тоа значи дека е за 6,35 цм подолга од актуелниот модел и 1 цм поширока. Единсвената димензија во која новата C-Класа забележува назадување е висината, каде што покривната линија е помала за 1 сантиметар. Капацитетот на багажникот останува 455 литри. Кај караванската верзија багажникот ќе има капацитет од 490 литри, односно 1.510 литри кога задната клупа ќе се преклопи, што е за 30 литри повеќе во двата случаи.

Mercedes C-Класа

Поостриот дизајн на фаровите кој е забележлив кај поголемите модели е прифатен и тука, заедно со почистиот профил и помалку агресивните линии. Автомобилот ќе биде поставен на 17, 18 и 19-инчни тркала. На задниот дел, новата генерација ќе биде првата C-Класа со дводелни задни светла, со што моделот се приближува до поскапите E и S-Класа.

Драстично променет и унапреден ентериер

Иако дизајнот на екстериерот е многу сличен со претходната генерација, промените се далеку позабележливи во кабината. Како што веќе напоменавме, инспирација за ентериерот е новата Mercedes S-Класа, а тоа значи и обилност на екрани. Во Европа, новата C-Класа ќе пристигне со 10,25-инчен дигитален инструмент кластер и покомпактниот 9,5-инчен централен екран од инфозабавниот систем, кои се дел од стандардната опрема, додека во повисоките нивоа на опременост, тука се 12,3-инчниот инструмент кластер и 11,9-инчниот екран на допир за втората генерација на MBUX инфозабавниот систем.

Mercedes C-Класа

Кога станува збор за моторните единици, треба да се напомене дека сите агрегати се електрифицирани и поврзани со деветстепен автоматски менувач. Во Европа, Mercedes ќе ги понуди верзиите C200 и C200 4Matic бензинските модели со 1,5-литарскиот четирицилиндерски мотор кој испорачува 201 КС и 300 Nm максимален вртежен момент, заедно со интегрираниот стартер генератор. Моделот со погон на сите четири од нула до „стотка“ ќе стигнува за 7,1 секунда и кај седанот и кај караванот, додека верзијата со погон на задните тркала ќе го достигне овој спринт за 7,3 секунди кај седанот, односно 7,5 секунди кај караванската верзија.

Mercedes C-Класа

Широк опсег на моторни опции

Максималната брзина за C200 4Matic во седан и караван изведба е 241 километри на час, додека седан опцијата со погон на задните тркала ќе достигне 246, односно 240 километри на час кај караванската верзија.

Базичниот C180 во Европа ќе биде достапен исклучиво со погон на задните тркала и 1,5-литарски мотор со моќност од 167 КС и 250 Nm максимален вртежен момент. И оваа опција пристигнува со интегриран стартер генератор, благодарение на што спринтот до „стотка“ се достигнува за 8,6 секунди, а максималната брзина е 231 километри на час, без оглед на каросериската изведба.

На Стариот континент Mercedes ќе ги понуди и C200d, C220d, C220d 4Matic и C300d благо-хибридните дизели со 2,0-литарски агрегат. Базичниот модел испорачува 161 КС и 380 Nm, додека најмоќниот дизел ќе испорачува 261 КС и 550 Nm максимален вртежен момент, а оваа верзија стигнува од 0 до 100 км/ч за 5,7 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 250 километри на час.

Но, ниту тоа не е се. Европските купувачи ќе можат да се одлучат и за C300e кој е plug-in хибриден модел со 2,0-литарски бензински мотор и електромотор чија заедничка моќност е 308 КС и 550 Nm вртежен момент. PHEV варијантата се одликува со 25,4 kWh батерија што е доволно за чисто електрично возење од 100 километри според WLTP циклусот. И оваа верзија ќе биде достапна во две каросериски изведби, а е единствената која ќе добие воздушен систем на потпирање, кој доаѓа како стандарден.

Продажбата почнува наскоро

Mercedes додава и опционално управување на задните тркала за новата C-Класа, чиј вртежен агол на задната осовина е 2,5 степени. При брзини под 60 километри на час, задните тркала се насочуваат во спротивна насока од предните тркала, односно во иста при возење со повисоки брзини.

MBUX инфозабавниот систем не е единствениот технолошки изум кој C-Класата го наследува од луксузната S-Класа, со оглед на тоа дека Mercedes го имплементира и Digital Light системот. Опционалната поставка за предните светла проектира насоки и симболи за предупредување на патот.

Новата Mercedes C-Класа пристигнува во продажба кон крајот на март. Нешто подоцна ќе пристигне C-Класа All-Terrain караванската опција, заедно со AMG C43 и C63 високоперформансните модели со хибридизирани четирицилиндерски мотори.

Поврзани вести

Back to top button