Опаѓа продажбата во Европа, но Golf и понатаму доминира
Продажбата на нови автомобили опадна во текот на месец ноември во Европа, а Volkswagen Golf и понатаму е омилениот избор меѓу европските купувачи
Ново опаѓање на продажбата во Европа, но и покрај тоа во ноември се испорачани 1.045.129 нови автомобили. Кога станува збор за периодот од јануари до ноември, вкупно се испорачани 10,71 милион нови регистрирани автомобили. Ова е 26 проценти полош резултат од минатата година. Експертите проценуваат дека вкупниот пад на продажбата на крајот од годината ќе изнесува околу 25 проценти. Но, и покрај опаѓањето на продажбата, навиките во Европа не се менуваат, барем кога станува збор за VW Golf.
Европските купувачи едноставно се заљубени во квалитетите на Volkswagen Golf кој во текот на изминатиот месец бил најпродаван автомобил во Европа. Германскиот хечбек достигна 24.784 продадени единици во ноември. На второто место е Toyota Yaris со 19.397 испорачани автомобили, а нешто послаб резултат има Renault Clio со 19.160 продадени единици.
Четвртата позиција припаѓа на Opel Corsa со 18.555 продадени автомобили, додека Peugeot 208 го најде патот до 17.812 купувачи. Најпродаван SUV во Европа во текот на ноември бил Peugeot 2008 со 15.941 испорачан примерок, а за ова место се води жестока француска борба, бидејќи веднаш зад него е Renault Captur со 15.793.
Пад на продажбата
Во Европа во текот на минатиот месец се продадени 14 проценти на возила во однос на истиот период во 2019 година. Како причина за намалувањето на продажбата се наведува тоа што голем број на земји воведоа нови рестриктивни мерки со цел да се спречи ширењето на Ковид-19. Ваквите мерки веднаш имаа последица со помала продажба на нови автомобили, но ваквата состојба на пазарот е производ на неколку фактори, а не само рестриктивните мерки.
Голем број луѓе сметаат дека ова е само вовед во нова економска криза, па очекувано во вакви услови не сакаат да купуваат нови автомобили. Тука е и процесот на електрификација и бројните најави за забрани на автомобили со конвенционален погон.
Сите великани на автомобилската индустрија пријавуваат пад на продажбата во текот на ноември. Стручњаците проценуваат дека европскиот пазар за нови автомобили ќе се опоравува во следните две години, а нивото од пред пандемијата ќе се достигне дури во 2023 година.