fbpx

Со новата Opel Astra во Братислава

Германската компанија Opel ни ја претстави новата генерација на бестселерот Astra во словачката метропола. Автомобилот ќе пристигне на македонскиот пазар кон крајот на годината, кога ќе бидат познати и цените

Германската компанија Opel ни ја претстави новата генерација на бестселерот Astra во словачката метропола. Автомобилот ќе пристигне на македонскиот пазар кон крајот на годината, кога ќе бидат познати и цените.

Се уште не ни „легнаа“, што се вели, импресиите од Франкфурт, по премиерното претставување на еден од најреномираните и најпродавани Опелови модели, компактот Astra и неговата генерација К, на покана на канцеларијата одговорна за овој дел од пазарот, во Белград, бевме дел од дводневното дружење со новината во словачката метропола, Братислава. Нашите браќа по словенска крв не пречекаа како доликува и се погрижија да минеме незаборавни моменти со новината.

Astra располага со подинамичен и истовремено помирен, со далеку поблаги линии, дизајн, кој е како што ни беше предочено на прес конференцијата на аеродромот во Виена, каде беше зборното место за пристигнување на новинарските екипи,под влијание на концептот Monza. Моделот лесно може да се препознае како Astra, иако демонстрира целосно нови предни и задни делови, прикриен заден носач и силно заострени завршетоци на покривот. Новата генерација на моделот е за пет сантиметри пократка во споредба со Astra J, а растојанието меѓу оските е намалено за 2 cm. Сепак растојанието за нозете напред, како и на задните седишта е зголемено за 35 mm. Покрај тоа, возилото има подобрен коефициент на аеродинамичност, еден од најдобрите кај моделите од оваа класа, се пофалија од германската компанија. Тоа е постигнато благодарение на нов пристап кон дизајнот на каросеријата. Кај новата Astra коефициентот на отпор на воздухот е 0,285, додека кај претходната генерација тој изнесуваше 0,325. Импресивниот резултат е постигнат со насочување на наклонот на покривот кон задниот дел, како и со поставување на мал спојлер на багажникот. Освен тоа задниот носач на хечбекот добил оригинална форма и специјални аеродинамични елементи. Точните димензии на новиот моделот се 4,37 метри должина, 1,46 височина и 2,66 метри меѓуоскино растојание.

Opel Astra K е изградена на нова архитектура, благодарение на која инженерите успеале да ја намалат масата на автомобилот помеѓу 120 и 200 килограми, во зависност од верзиите и нивото на опременост. Самото купе е за 20% полесно од тоа на Astra J, а само преку новата шасија се заштедени околу 50 килограми. Конструкцијата е изградена од лесни и висококвалитетни материјали, ултра цврст челик и легури.

Новости има и во палетата агреати, која во почетокот ќе биде претставена од еден дизел и два бензински мотори. Дизелот има волумен од 1.6 литри и развива 95 КЅ, основниот бензински мотор е 1.0 литарски со три цилиндри и развива 105 КЅ. Најмоќниот, бензински мотор е исто сосема новоразвиен за оваа генерација на компактот и има зафатнина од 1.6 литри и генерира 200 КЅ. Моторите се карактеризираат со висок степен на економичност и ниска емисија на штетни гасови и имавме прилика да ги испробаме сите три, на различни маршрути.

Меѓу новите технолошки решенија ги издвојуваме матрични фарови IntelliLux LED, кои според Опеловите експерти се првите од ваков вид во овој сегмент. Светлата даваат подобра прегледност со околу 30-40 метри напред при движење со 80 km/h во споредба со халогенските или ксенонски фарови, во што можевме да се увериме, бидејќи за оваа цел домаќините ни подготвија специјална рута која ја возевме до Музејот на современа уметност Данубија, во вечерните часови.

Меѓу достигнувањата дебитира и новиот инфо-систем IntelliLink, кој работи со 8-инчен дисплеј. Таа поддржува Android Auto и Apple CarPlay, како и 4G мрежа стандард LTE, која имавме прилика да ја провериме низ патишатат во Австрија. Интересна новина во целосно променетиот ентериер се седиштата кои се регулираат во 18 различни насоки, со вентилација, греење и масажа. Достапни се исто така и задни седишта со функција греење.

Сите детали за возилото, вклучувајќи цените ќе станат јасни најдоцна до крајот на годината. Повеќе за збиднувањата во Братислава во новиот број на ревијата Авто Плус.

Поврзани вести

Back to top button