Opel Cascada 2.0 CDTi: Враќање на корените
Opel својата моделска понуда ја надополни со отворен автомобил, кој ги мами погледите и предизвикува воздишки
Opel својата моделска понуда ја надополни со отворен автомобил, кој ги мами погледите и предизвикува воздишки. Кабриолетите отсекогаш биле нешто посебно кога е во прашање германскиот бренд, многу изведби го одбележале своето време, на ред е Сascada која со својот стајлинг и богата опременост нуди посебно задоволство. Opel својот нов кабриолет го разви од „нула“, тоа не е воопшто нова Astra Cabrio, ниту намалена Insignia, туку изведба за себе. Еден микс со извонреден дизајн, солидни димензии и имплементирани врвни технологии.
За Opel кабриолет изведбите соодветно како и многу други остварувања ја испишувале историјата на германската компанија. Ако со времепловот се вратиме наназад, факт е дека во 30-тите години на минатиот век особено беа атрактивни изданијата со покрив на склопување. Секако, овде не може да се заобиколи Opel Olympiа Cabriolet од 1935, вистинска елеганција во движење. Потоа следеа уште неколку извонредни креации до Втората светска војна, меѓу кои Opel Admiral од 1938 и Opel Kapitan од 1940. Една од легендите во 70-тите беше Opel Commodore A GS 2500 Cabriolet, за да во полн сјај блесне Kadett Сabriolet од 1987, под чиј дизајн се потпишува Бертоне. Од поново време се сеќаваме на Astra, прво со платнен, а потоа со TwinTop од 2006, тврд склоплив покрив. На ред е Cascada, која на шпански значи „водопад“, со која Opel навистина сака да се врати кон корените и да потврди дека секогаш бил во самиот врв во овој сегмент. Благодарејќи на соработката со македонскиот дилер Олимпиа Моторс, која за оваа цел еден претставник од гамата донесе директно од флотата на централата на Opel во Белград, имавме на тест Cascada со 2.0 CDTi Ecotec дизелски мотор со 165 КЅ и пакет опрема Cosmo.
Од кој агол да погледнете ова Опелово остварување потврдува колку дизајнот на производителот од Риселсхајм напредувал во текот на последните неколку години, но и колку потенцијал има и во онака атрактивните линии на новата Astrа, која на свој начин е основа за овој кабриолет. Елегантна, со отворен или затворен покрив, во Cascadа се препознаваат Опеловите линии, сеедно дали тие биле преземени од пократката Astrа или нешто подолгата Insigniа. Интересно е дека Cascada има скоро идентична должина како Mercedes E Cabriolet, а е подолга од Audi A5 Cabrio. Должината на Cascadа изнесува 4.696 mm, широчината 1.839 mm и височина 1.443 mm, а меѓуоскиното растојание е како и кај Astrа GTC – 2.696 mm.
Дизајнот се темели на концептот cab forward, но во исто време се избегнати диспропорционалните облици, каде нискиот и краток преден дел на автомобилот би бил контра големата и издолжена „задница“. Резултатот кај Cascada е сосем во склад, па со затворен покрив ова е стандардна триволуменска концепција, а без покрив автомобилот изгледа далеку поатрактивно. Практично сите детали од каросеријата се посебно обработени, што го прави автомобилот препознатлив, но и уникатен.
Тука се корпоративно карактеристичните предни фарови, во тестниот модел опремени со bi-xenon технологија и LED дневни светла (задните се по default изведени во LED техника). Опеловата препознатливост се преселува и во внатрешноста. Архитектурата на ентериерот е изведена од Astrа, но сепак со својата оригиналност се издвојуваат горниот дел на инструменталната табла и делот пред совозачот. Горната површина на таблата, вклучувајќи го и делот над големиот дисплеј, обложени се со кожа и со рабови во контрастна боја. Тестниот модел го красеше пакет Nappa, кој подразбира перфориран седечки и лумбален дел на кожните седишта и детали од ист материјал на вратите. Седиштата се одлично профилирани, електрично контролирани со мануелен систем за продолжување на седечкиот дел, со функциии за греење и вентилација. Посебна пофалба заслужува големиот дисплеј, на кој можете да ги добиете сите информации, а во случај да се движите наназад ја рефлектира сликата од камерата.
Ако не се земе во предвид преголемиот број копчиња и команди за кои треба време на адаптација од ергономска гледна точка немаме никакви забелешки. Позицијата на возачот е изведен солидно и нуди добра прегледност и достапност до функциите. Но, поради кабрио-елементите прегледноста од возилото не е на највисоко рамниште, па затоа тука е составот за „мртов агол“, како и паркинг сензорите. Во вакви изведби не би требало да стане збор за пространоста, но за Cascada и овде некој поен плус. Ова е автомобил со 2+2 седишта и рака на срце неверојатно, но доволно простор за колената на оние кои се на задната клупа. Секако, на оние повисоките нема да им се допадне релативно ниската линија на покривот. Багажникот е со солидни 380 dm3 (280 во конфигурација со отворен покрив), а благодарејќи на мошне добриот FlexFold систем на преклопување на седиштата, на располагање се и максимални 750 dm3.
Точно дека ова се води како автомобил од С-сегментот, но Cascadа и според она што досега го наведовме, како и со нивото на опременост, е еден од ретките кои може да го добие епитетот-премиум. Во Cosmo пакетот задоволството го креваат скалило погоре елементи како, радио CD400 со голем екран, двозонски електронски клима уред, електрична паркирна сопирачка, Hill start assistant, заштита за сонце со огледала и светло, халогени светла за магла, 18-инчни алуминиумски фелни, спортски седишта, Start/stop…
Дизелскиот агрегат од 2.0 литри Ecotec е наш стар „пријател“. Сме го испробале во повеќе Опелови изданија, посебно оваа послабата верзија со 165 KS и максимален вртежен момент од 350 Nm. Некој ќе рече дека дизелските агрегати во кабриолет немаат основа, но ако сакате да притисните на педалата за гас понудената CDTi технологија ќе ви понуди задоволство плус, бидејќи оваа тешка изведба од 1.768 kg до стотка ја забрзува за 10,3 секунди, а максималната брзина е 218 km/h. Сосем доволно за едно вакво остварување, но дали брзината е важен елемент во кабрио моделите каде најголемото уживање е кога ветрот ви ја бранува косата при крстарењата со отворен покрив. Иако фабричките податоци велат 5,2 литри на 100 километри, на нашиот тест просечната потрошувачка беше 6,9 литри. На крајот треба да се потенцира дека онаа турбо-дупка воопшто не пречи, а придонесува и за остварување на одлични возни својства.
Кога ќе ја затворите вратата на возилото, електро-механичкиот систем ви го приближува сигурносниот појас, карактеристично за купе и кабриолет изданијата. Имате точно 45 секунди да се послужите со овој практичен детаљ. Потоа, ако ве послужи времето имате 17 секунди за потполно отворање на електрично задвижуваниот покрив. Cascada има платнен покрив, кој навистина го потенцира кабриолет-стајлингот и не е ни лоша како некои помодарски изведби со open-hardtop покриви. За потполно затворање на покривот, со кревање на прозорците потребни се 22 секунди, а бидејќи истиот се отвора и затвора и на брзина до 50 km/h, нема страв од изненадувања.
Но, да се вратиме на возните својства. Со отворен покрив можете поради одличната заштита да се чуствувате комотно и на брзина од 130 km/h, а доколку сакате побрзо сепак се препорачува со затворен. Како и да е, возилото поради својата тежина и баланс е мошне стабилно. Подвозјето е со малку потврди амортизери се со цел да понуди помалку лулања, особено на нерамнините, но и покрај тоа Cascada не изгубила на удобноста, која е на високо рамниште. Изненадувачки, иако на тест одамна не сме имале кабриолет можеме да констатираме дека самата конструкција и каросерија се однесуваат мошне практично (мислиме на торзиските деформации), што е важен елемент за безбедноста и сигурноста.
Малку кој нема да се сложи дека моделот на овој тест е во моментов еден од најдобрите, ако не и „најубавиот“ Опелов автомобил. Елеганцијата и луксузот се секогаш составен дел на ваквите изведби. Цената од 29.594 евра за тестираната Cascada 2.0 CDTi Cosmo е можеби и превисока, но благодарејќи на ликсузот, универзалната употребливост, умерена потрошувачка…, сметаме-потамам!
Технички податоци за Opel Cascada 2.0 CDTi Cosmo
мотор | Euro 5, дизел ЕСОТЕС, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред напречно |
работна зафатнина | 1.956 cm3 |
пречник и од | 83,0 x 90,4 mm |
степен на компресија | 16,5:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, турбо компресор со променлива геометрија, со piezo-инјектори |
максимална моќ | 165 KS (121 kW) при 4.000 min-1 |
максимален вртежен момент | 350 Nm при 1.750-2.500 min-1 |
трансмисија | на предните тркала преку мануелен шестстепен менувач |
потпирање | напред мекферсонови нозе, попречни трикраки рамења, стабилизатор, помошна рамка, назад полукрута оска, Watt вратила, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред дискови, назад дискови, ABS, ESP, TCS, Hill-Holder |
пневматици | 235/50 R18 |
каросерија | кабриолет со две врати, четири седишта |
должина х ширина х висина | 4.696 x 1.839 x 1.443 mm |
меѓуоскино растојание | 2.695 mm |
траги (напред/назад) | 1.587/1.587 mm |
тежина | 1.768 kg |
максимална тежина | 2.200 kg |
приколка со сопирачки | — |
багажник | 380/750 dm3 |
резервоар | 56 литри |
максимална брзина | 218 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 10,3 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,6/6,3/5,2 l/100 km |
емисија на CO2 | 138 g/km |
Opel Cascada во Олимпиа Моторс
Opel Cascada Cabrio 1.4Т/120КЅ/МТ6 | 23.024 |
Оpel Cascada Cabrio 1.4T/140KS/MT6 | 24.549 |
Opel Cascada Cosmo 1.6T/170KS/MT6 | 28.547 |
Opel Cascada Cosmo 1.6T/170KS/AT6 | 30.042 |
Opel Cascada Cosmo 1.6T/200KS/AT6 | 31.089 |
Opel Cascada Cosmo 2.0 CDTi/195KS/MT | 31.687 |
Повеќе информации во Олимпиа Моторс
тел. 02 2600 303