fbpx

Салонот во Женева откажан!

По вчерашните најави дека Саемот за автомобили во Женева ќе се одржи и покрај заканата од коронавирусот, денеска пристигнa официјално соопштение со кое е откажан целиот настан

По информацијата која пристигна до нашата редакција дека Салонот за автомобили во Женева е откажан, сега пристигна и официјално соопштение од организаторите за конечната одлука. Поголемиот дел од медиумите ја објавија информацијата за откажувањето, а ние истата првично ја потврдивме на база на соопштенијата од изложувачите на годинешното издание на Саемот, но сега е јасно и потврдено од страна на организаторите, дека Салонот за автомобили во Женева е откажан за оваа година.

Интернационалниот Саем за автомобили во Женева во своето 90-то издание требаше да стартува следната недела. Повод за ваквиот потег е одлуката на федералните власти во Швајцарија за откажување на сите големи настани на кои се очекуваат повеќе од 1.000 присутни лица,  кои беа закажани во следниот период. Одлуката е донесена три дена пред официјалното отворање на Саемот. Со цел да се спречи проширување и несакани последици, организаторите наводно донеле одлука да го откажат најновото, 90-то издание на Саемот.

„Жалиме за настанатата ситуација, но здравјето на сите учесници е наша најголема одговорност и приоритет. Ова е случај на виша сила и огромен удар за производителите кои инвестираа огромни суми за нивното присуство во Женева. Како и да е, ние сме убедени дека тие ќе ја разберат одлуката“, изјави Маурис Туретини, првиот човек на Саемот за автомобили во Женева.

На неколку дена до почетокот, конструкцијата на штандовите била речиси комплетирана, а само една недела порано за време на прес-конференциите не постоеја никакви назнаки дека вакво сценарио би можело да се случи. Ситуацијата се промени со појавата на првиот потврден случај на коронавирус во Швајцарија и одлуката на Федералниот Совет на државата на 28.02.2020 година, што придонесе за откажување на настанот.

Финансиските последици за сите оние кои беа вклучени во настанот се значајни и ќе треба да се проценат во следните недели. Она што е сигурно е дека лицата кои купиле билети за настанот ќе ги добијат своите пари назад. Организаторите ќе го искомуницираат сето ова што е можно побрзо преку нивната веб-страница.

Исто така, претходно е откажан саемот за часовници во Женева кој требаше да се одржи од 25 до 29 април.

Инаку, во текот на вчерашниот ден организаторите истакнаа дека се преземаат радикални мерки на претпазливост. Од Palexpo, местото каде што се одржува настанот, исто така посочија дека се преземаат сите мерки за вработените да ги минат неопходните проверки дека не покажале некакви знаци и симптоми од вирусот 14 дена при пристигнувањето во Швајцарија. Исто така беше најавено дека организаторите соработуваат со здравствените власти во државата и внимателно се следи ситуацијата, а очигледно состојбата доведе до тоа настанот да биде одложен.

 

Поврзани вести

Back to top button