fbpx

Панорама Honda Jazz: Напредна технологија во мало пакување

Новата генерација на Honda Jazz останува препознатлива по својата голема пространост во ентериерот, но и новата e:HEV напредна хибридна технологија

Адутот на јапонската компанија во B сегментот влезе во својата четврта генерација. Honda Jazz или Honda Fit како што е пласиран на домашниот пазар, влегува со големи амбиции во својата нова итерација, а со оглед на огромната популарност која овој субкомпактен автомобил ја има на источните пазари, очекувано беше што премиерата се одржа на Салонот во Токио во 2019 година. Во Европа, овој автомобил пристигна нешто подоцна, но Европјаните ја имаат таа ексклузива во Jazz да добијат исклучиво хибриден автомобил со најновата e:HEV технологија на јапонскиот производител.

Honda Jazz

Honda Jazz се произведува од 2001 година и е пласиран на поголем број меѓународни пазари, притоа се произведува во 10 фабрики во осум различни земји, а за неговата популарност сведочи и бројката од речиси пет милиони продадени примероци до средината на 2013 година.

Откако четвртата генерација на Honda Jazz дебитираше кон крајот на минатата година, достапна e и на македонскиот пазар, а адутот на јапонскиот производител е еден од кандидатите за наградата Златно Тркало.

Jazz

Нов дизајн

Она што е веднаш воочливо кога ќе се погледне новата генерација на Jazz, тоа е новиот, почист дизајн на автомобилот, иако препознатливоста останува. На прв поглед се истакнува целосно новата предница која пристигнува со тенката горна решетка и остри линии на браникот каде е поставена пошироката и пониска решетка. Тука е и целосно новиот изглед на предните LED светла, а на задниот дел се наоѓа редизајниранa задна светлосна група. Јапонската компанија се одлучи за нова дизајнерска филозофија, а овој стајлинг, како што велат од компанијата, се обидува да ја извлече убавината во секојдневните работи. Токму поради тоа формата на новиот Jazz е почиста и помазна за разлика од неговиот претходник, а благодарение на одличниот микс, во Honda успеаја да достигнат еден софистициран визуелен баланс.

Истата филозофија е применета и во внатрешноста, каде што минималистичките линии се комбинирани со исклучителна практичност и издржливи, квалитетни материјали. Управувачот е обложен со кожа, а обвивката на седиштата е водоотпорна, а материјалите на контролната табла се меки на допир, со што се добива една пријатна околина во кабината. Пред возачот се наоѓа 7-инчен дигитален инструмент панел со чист дизајн, а пространоста во автомобилот дополнително се засилува со 50 проценти потенките A-столбови. Широкиот потпирач за раката поврзан со ценралната конзола е во висина на раката, а предните седишта во новата генерација на Jazz се од повисоката класа, поради што нудат подобар комфорт и подобра лумбална поддршка.

Најголема пространост во класата

Инфозабавниот систем сега добива 9-инчен екран на допир кој е компатибилен со Android Auto и Apple CarPlay. Практичноста е обезбедена со голем број прегради и простори за одложување на работите во кабината, а патниците на задната клупа ќе уживаат во најголемата пространост во класата, а задната клупа добива и подебелa постава за уште поголем комфорт. Секако, новата Honda Jazz пристигнува и со голем број безбедносни и системи за асистенција на возачот.

Honda Jazz

Инаку, кога станува збор за задната клупа, не може а да не се истакнат „магичните седишта“ на Honda Jazz, каде зависно од просторот кој е потребен, истите можат да се кренат нагоре или да се спуштат надолу, флексибилност која е навистина уникатна.

e:HEV напредна хибридна технологија

Како што веќе наведовме, Новиот Jazz пристигнува со новата e:HEV хибридна технологија која е дел од сите нови електрифицирани возила на јапонскиот производител. Новиот Honda Jazz на европскиот, а со тоа и на македонскиот пазар е достапен исклучиво со овој хибриден погон. Напредната е:HEV технологија нуди динамично, електрифицирано искуство во возењето, со што се овозможуваат значителни перформанси, ниски емисии на штетни гасови и секако висока економичност.

Конкретно, погонскиот склоп се нарекува i-MMD (Intelligent Multi-Mode Drive) и се одликува со 1,5-литарски бензински мотор кој ја напојува литиум-јонската батерија од 1kW, како и генераторот, кој потоа го придвижува електромоторот кој е поставен на тркалата благодарение на E-CVT автоматскиот менувач. При возење во градски услови, работи исклучиво електромоторот, а бензинскиот мотор е исклучен. На отворен пат се вклучува бензинскиот мотор кој произведува струја за електромоторот, а тој и понатаму го движи возилото, со што се добива чувство дека се вози електрично возило.

Поголема ефикасност

Максималната моќност на e:HEV системот е 109 КС, како и инстантно достапниот електричен вртежен момент од 253 Nm. Ова е доволно за спринт до „стотка“ за 9,4 секунди, додека максималната брзина изнесува 174 километри на час. Кога станува збор за ефикасноста, стандардниот Honda Jazz има потрошувачка од 4,5 литри на 100 километри, а емисијата на CO2 е 102 грами по поминат километар според WLTP.

Иновативниот e:HEV хибриден систем нуди избор на три возачки режими, а тоа се EV Drive, Hybrid Drive и Engine Drive. Во EV Drive, литиум-јонската батерија ја доставува моќноста директно до електромоторот. Во Hybrid Drive, конвенционалниот мотор го напојува електричниот мотор-генератор, кој пак ја испорачува енергијата до електромоторот. На крајот, тука е Engine Drive при што бензинскиот мотор се спојува директно со тркалата.

Следејќи го примерот на останатите конкуренти на пазарот, Honda Jazz добива и своја кросовер верзија наречена Crosstar. Оваа изведба се одликува со зголемен клиренс како и еден поробустен изглед кој вклучува уникатен дизајн на предната решетка и покривни шини, меѓу другото.

Четвртата генерација на Honda Jazz е кандидат во изборот на Златно Тркало за наградата во категоријата Најпосакуван електрифициран автомобил. Доколку Jazz е вашиот фаворит, не заборавајте да гласате на централниот сајт www.zlatnotrkalo.mk. Цената на Honda Jazz на македонскиот пазар започнува од 24.990 евра за во Comfort ниво на опременост, односно 25.990 евра за повисокото, Elegance ниво. За повеќе информации околу самиот автомобил, посетете го продажниот салон на Honda во Скопје или официјалниот веб-сајт.

Поврзани вести

Back to top button