Peugeot 208 е најпродаван модел во Европа
Француската компанија Peugeot направи полн погодок со новата генерација на својот субкомпактен хечбек 208, а за тоа говорат и продажните резултати
Според податоците кои ги објави порталот focus2move кој е специјализиран за автомобилска статистика, Peugeot 208 е најпродаваниот автомобил во Европа во првиот квартал од 2021 година. Овие информации се собрани од 44 европски земји и на основа на истите, порталот истакнува дека Peugeot 208 бил најпопуларниот модел меѓу европските купувачи.
За новата генерација на 208 се одлучиле 54.870 купувачи во првите три месеци од оваа година, што е за 18 проценти повеќе од лани. Веднаш зад француското „лавче“ се наоѓа Volkswagen Golf со 52.456 испорачани единици, но и пад на продажбата од 22,3 проценти.
Во Топ 3 заврши и уште еден француски претставник, а тоа е адутот на Renault, моделот Clio. Малиот автомобил на француската компанија од јануари до март оваа година бил продаден во 50.849 примероци, што е пад од 11,1 процент во споредба со 2020 година. Веднаш зад него е Toyota Yaris која дојде до 49.155 нови сопственици и раст од 42,4 проценти, додека на петтото место е Citroen C3 со 45.437 продадени единици и раст од 25,3 проценти.
Доминација на Stellantis и B сегментот
На шестото место се најде уште еден претставник на Peugeot во B сегментот, а станува збор за кросоверот 2008 кој успеа да го најде патот до 45.338 купувачи и неверојатен раст на продажбата од дури 93,8 проценти! На седмото место се најде уште еден кросовер, а тоа е Volkswagen Tiguan, со забележани 43.144 регистрации и раст од 5,8 проценти.
Осми е Dacia Sandero со 42.934 продадени единици и раст од 39,3 проценти, по што следува Škoda Octavia со 42.694 примероци и раст од 41 процент, а Топ 10 листата ја заокружи Fiat Panda со продадени 42.045 возила и има раст од 41,2 проценти во однос на минатата година.
Stellantis доминира на листата со четири модели во десетте најпродавани, по што следува Volkswagen групацијата со три претставници. Најинтересно од се е што на листата се наоѓаат само два кросовер модели, а најголемиот дел од продадените возила се од B сегментот, дури шест.
Инаку, новоформираниот Stellantis успеа да се постави како лидер во Европа, откако успеа да заземе 23,6 проценти од пазарот во првиот квартал од 2021 година. Новата групација успеа да продаде 854.151 ново возило во последните три месеци, што е раст од 10,8 проценти во однос на истиот период минатата година.
Раст во продажбата е забележан во речиси секој поголем европски пазар – Австрија, Франција, Германија и Италија, а Stellantis е лидер во Белгија, Франција, Грција, Унгарија, Литванија, Италија, Португалија и Шпанија. Новоформираната групација е лидер во Европа и во сегментот на лесни комерцијални возила со удел на пазарот од 34,3 проценти.