fbpx

Peugeot го лансираше масивниот пикап Landtrek

Peugeot ja интензивира својата интернационална експанзија со новиот модел Peugeot Landtrek кој влегува во конкуренцијата на масивни пикапи на пазарот

Базиран на фундаменталностите на сегментот како што е 3,5-тонскиот влечен капацитет, разновидноста, поинаква форма на шасијата, вистински оф-роуд способности со несовладлива робусност и издржливост. Peugeot Landtrek пристигнува со рекорден капацитет на шасијата, напредна модуларност, а сепак, како што велат од компанијата, нуди комфорт кој може да се сретне кај седаните и лимузините, додека со својот силен дизајн остава силен впечаток во сегментот.

Peugeot го подготви својот Landtrek за пикап сегментот и треба да се напомене дека не е наменет за европскиот пазар. Првите модели ќе се појават во Латинска Америка и суб-сахарска Африка, а потоа се очекува да се појави и на останатите пазари каде има потреба и каде популарноста на пикап автомобили е голема.

Peugeot можеби не е познат како голем играч во сегментот на камионети и пикапи, но сепак успеа да произведе неколку респектабилни модели низ годините. Сега, Landtrek пристигнува како плод на соработка меѓу Peugeot и кинескиот производител Changan, базиран е на нова платформа на која е заснован и неговиот близнак Changan Kaicheng F70. Landtrek ќе пристигне во две различни верзии, Workhorse и Multipurpose, зависно од потребите на купувачите. Првиот ќе биде со единечна кабина, а вториот со простор за задна клупа.

Peugeot Landtrek е направен да биде функционален и издржлив

Покрај атрактивниот стил, од компанијата нудат спецификации засилени со робусен дизајн со цел новиот Peugeot Landtrek да биде функционален и издржлив за сите надворешни активности. Димензиите на новиот автомобил на француската компанија остануваат во лимитите на пазарот, со должина од 5,33 метри за двојната кабина, односно 5,39 метри за верзијата со единечна кабина, додека ширината е иста за двете верзии и изнесува 1,92 метри. Капацитетот на багажникот, како што велат од Peugeot, е најголем во сегментот. За оние кои имаат потреба од такво нешто, од Peugeot напоменуваат дека како опција се нуди и верзија без заден браник и ротирачка кука.

Како дел од дополнителната опрема, од француската компанија најавуваат над 40 додатоци кои ќе бидат достапни при „дотерувањето“ на возилото според вашите потреби.

Кога станува збор за дизајнот, Peugeot Landtrek ги инкорпорира сите актуелности на брендот, почнувајќи од вертикалната решетка со логото во средината, како и вертикални LED светла зависно од верзијата, како и алуминиумски тркала.

Peugeot ги искористи актуелностите во брендот за новиот Landtrek

Ентериерот е адаптиран за еден ваков масивен пикап, со истиот управувач кој може да се сретне кај Peugeot 3008 и 10-инчниот HD екран на врвот од инструменталната табла инспириран од Peugeot 508. Во Peugeot се потрудиле за врвна конективност во автомобилот (USB/Bluetooth), автоматски двозонски клима-уред како и компатибилност со Apple CarPlay и Android Auto.

Во француската компанија особено внимание посветиле и на удобноста на возачот и патниците, со голем дел од додатоците кои се наоѓаат кај другите модели. Задната клупа е уникатна во овој сегмент, овозможувајќи собирање на 60/40 или 100 проценти. Кај предниот дел купувачите ќе можат да избираат меѓу две независни седишта или клупа со три седишта.

Како дел од системите за асистенција и безбедност тука е помошта за искачување нагорнини, системот за одржување на сообраќајна лента, систем за помош при влечење, како и можност за вградување на една до четири камери за следење на движењето.

Peugeot Landtrek се нуди со две опции на моторни единици. Кога станува збор за бензинецот тука е 2,4-литарскиот мотор со 210 КС и 320 Nm, комбиниран со 6-степен мануелен или 6-степен автоматски менувач и максимална брзина од 182 km/h (176 за 4×4 верзијата). Тука е и 1,9-литарскиот дизел агрегат со турбо полнач кој испорачува 150 КС и 350 Nm и доаѓа со 6-степен мануелец, а максималната брзина изнесува 172 километри на час (171 km/h за 4×4 верзијата) . Landtrek исто така се нуди во опција со погон на задните две тркала, но и со погон на сите четири тркала.

Поврзани вести

Back to top button