fbpx

Премиерно претставен електричниот ID.Buzz

Откако беше најавен со ID. Buzz концептот уште во 2017 година, електричното комбе на Volkswagen конечно ја дочека својата премиера

Финалната продукциска верзија на електричното комбе кое беше најавено уште пред пет години конечно пристигна. Volkswagen и официјално го претстави најновиот член на електричното ID семејство – ID.Buzz. Новиот адут на германската марка пристигнува во две варијанти, а тоа се стандардниот ID.Buzz и ID.Buzz Cargo комерцијалната изведба.

Volkswagen ID.Buzz

Само една верзија при лансирањето

Двата модели се поставени на модуларната MEB платформа на Volkswagen, а тоа ќе придонесе за повеќе различни верзии. Моделот со стандардно меѓуоскино растојание кој ја доживеа својата премиера ќе се најде во продажба во Еворпа во третиот квартал од оваа година, со 82 kWh батерија и конфигурација со пет седишта за патничката верзија, односно ID.Buzz Cargo ги добива истите спецификации, но ќе биде со едно седиште, две индивидуални седишта или предна клупа наменета за тројца патници и е наменет за комерцијална употреба. Опцијата со продолжено меѓуоскино растојание се очекува да дебитира следната година.

Од Volkswagen велат дека верзијата со шест седишта на ID.Buzz (три реда со по две седишта), но со стандардно меѓуоскино растојание, ќе пристигне нешто подоцна, додека онаа „продолжената варијанта“ ќе пристигне во Европа догодина и ќе биде во конфигурација со седум седишта.

Кога станува збор за димензиите, ID.Buzz и ID.Buzz Cargo се долги 4.712, а широки 1.985 милиметри, додека меѓуоскиното растојание изнесува 2.988 милиметри. Висината на ID.Buzz е 1.937 милиметри, а карго варијнатата е 1 милиметар повисока поради разликата во шасијата.

Верни на традицијата

Изгледот делува инстантно препознатлив, бидејќи севкупната форма и пропорциите остануваат доследни на концептот од 2017 година, кој пак беше инспириран од друг Volkswagen концепт од пред 21 година. Предницата е нешто помалку футуристичка во однос на концептот, а кратките надвиснувања помагаат релативно компактното електрично возило да ја задржи својата цврста става кога ќе се погледне од профил.

Volkswagen ID.Buzz

Едноставноста на електричниот систем значи дека нема потреба од простор за голем мотор, што му овозможува на Volkswagen ID.Buzz да ја задржи оригиналната форма на комбето. Двобојниот финиш е своевиден потсетник, пак, на T1 моделот. LED светлата се наоѓаат насекаде, вклучително и на задниот дел каде што задните светла се поврзани преку светлечка лента, што за првпат се појавува кај комерцијалните возила на Volkswagen.

Само една батерија за почеток

Опсегот на движење се уште не е откриен, но моделот кој ќе биде лансиран ќе добие 82 kWh батерија која ќе го снабдува електромоторот со моќност од 201 КС и 310 Nm кои се испраќаат на задната оска. Верзиите со поголема батерија и поголема моќност ќе пристигнат догодина, но од Volkswagen се уште немаат откриено детали околу тоа. Сепак, она што е познато е дека ID.Buzz ќе има максимална брзина од 145 километри на час.

Volkswagen ID.Buzz

Кога ќе се појави во продажба, новото електрично комбе ќе го искористи и Plug & Charge системот на VW, кој има за цел да го поедностави плаќањето за полнењето на јавните полначи, односно го елиминира внесувањето на лични податоци секојпат кога треба да се наполни батеријата, а наместо тоа комбето ќе ги испраќа податоците директно до полначот.

Она што е повеќе од јасно е дека ID.Buzz има за цел да го задржи наследството на T1 Microbus со своето големо VW лого и широката хауба во форма на V потсетуваат на легендарниот претходник, додека долната решетка и опционалните динамични IQ.Light LED Matrix светла јасно ја нагласуваат иднината.

Колоритен, а сепак едноставен ентериер

Ентериерот на VW ID.Buzz е вегански, што значи дека кожните материјали се заменети со синтетички, а дел од внатрешностите се добиени од рециклирани материјали. Управувачот е покриен во полиуретан за кој велат дека изгледа и има чувство на кожа, додека материјалите користени за седиштата, патосниците и покривната прекривка инкорпорираат Seaqual предиво, кое е направено од 10 проценти пластика која е собрана од океаните и 90 проценти рециклирани PET шишиња.

Volkswagen ID.Buzz

Кокпитот добива 10-инчен дигитален инструмент кластер во комбинација со 10-инчен инфозабавен систем кој може да се замени со опционален 12-инчен екран. За некои купувачи ќе биде разочарувачки што ги нема традиционалните копчиња за управување со клима-уредот, а наместо тоа се користат слајдери на допир. Од друга страна, бежичното полнење на телефоните доаѓа како стандард. Зависно од спецификациите, кабината добива и повеќе USB-C портови. Највисоките нивоа на опременост ќе се нудат со електронско подесување на седиштата со мемориска и масажерска функција.

Со оглед на тоа дека станува збор за MPV модел, големо внимание е посветено на практичноста. Задниот дел добива врата која се отвора нагоре, а двете страни од патничката верзија добиваат лизгачки врати. Задната клупа може да се дели во 40:60 сооднос, а може да се поместува нанапред или наназад за да се зголеми багажниот капацитет кој изнесува 1.121 литри.

Тука е и опционалната отстранлива централна конзола која е развиена од страна на Volkswagen Commercial Vehicles, но е достапна кај патничката и кај карго верзијата.

Производството започнува наскоро

Додека патничката верзија на ID.Buzz се одликува со светли бои на екстериерот и во ентериерот, Cargo варијантата добива еден посериозен пристап. Достапна со предна клупа за тројца патници, или со две индивидуални седишта, Cargo се одликува со панел кој го разделува товарниот дел од кабината. Овој панел ќе биде опционално достапен со прозор и отвор за складирање на предмети.

Volkswagen ID.Buzz

ID.Buzz ќе се произведува од страна на Volkswagen Commercial Vehicles во главната фабрика во Хановер. Производството на ID.Buzz и ID.Buzz Cargo ќе започне во првата половина на 2022 година, а цените се очекуваат во престојните недели. Нарачките ќе бидат отворени во мај.

Поврзани вести

Back to top button