Викенд тарифа: Приказната зад босанскиот Tesla Cybertruck
Овој Tesla Cybertruck од Босна е најверната реплика на оригиналот досега, а откако се појави пред околу еден месец сега е позната и приказната зад проектот
За оваа реплика на Tesla Cybertruck од Мостар пишувавме пред извесно време кога на социјалните мрежи се појавија првите фотографии и видеа од возилото кое претставува успешна реплика на оригиналниот прототип на компанијата на Елон Маск. Тогаш фотографиите и видеата од социјалните мрежи станаа вистински хит, а сега е позната и целата приказна која стои зад овој проект.
Имено, тамошната технолошка компанија STARK, нејзиниот сопственик Игор Крезиќ и директорот Марио Ќориќ со својот тим на луѓе смислиле и реализирале идеја да направат што е можно поверодостојна копија на оригиналот. Сопственикот на компанијата е голем фан на Ford и на Tesla, па затоа одлучиле како основа за нивното возило да го искористат Ford F-150, што значи дека овој модел нема погон на електрична енергија како оригиналниот Cybertruck, но сепак изгледа прилично убедливо.
Погледнете го целото видео во кое се споделуваат повеќе информации за самиот проект, но и за реакциите на луѓето во Мостар кога за прв пат го виделе „електричниот камионет на Tesla“.