Првиот ЕВ на Lamborghini доаѓа во 2028 како Grand Tourer со четири седишта
Lamborghini официјално потврди дека во 2028 ќе го лансира својот прв ЕВ, но тоа нема да биде суперавтомобил, туку гран турер со четири седишта
Lamborghini веќе некое време размислува за Grand Tourer (гран турер) со 2+2 поставка, но сега одлуката конечно е официјализирана. Првиот целосно електричен модел на италијанската марка ќе пристигне во 2028 година и ќе има четири седишта.
Иако потврдата и временската рамка се вредни за внимание, тие и не се некое големо изненадување. Во јануари 2022 година, извршниот директор на Lamborghini рече дека марката се навалува во насока на гран турер за своето прво електрично возило, сегмент за кој рече дека брендот не бил присутен со децении.
Иако Lamborghini е најпознат по своите суперавтомобили, со средно поставен мотор, неговата рана историја е исполнета со 2+2 гран турери со предно поставен мотор. Тука спаѓаат 400 GT, Urraco, Espada, Islero и многу други.
Додека компанијата сега ги потврдува плановите за својот прв ЕВ, фактот дека тоа ќе биде гран турер 2+2 привлекува најголемо внимание. И покрај историјата на Lamborghini со четири седишта, суперавтомобилите се идентитетот на овој бренд, но директорите не веруваат дека ЕВ технологијата се уште е подготвена за нив.
Технологијата не е подготвена за електричен суперавтомобил
Претходно оваа година, главниот технолошки директор на марката, Рувен Мор, рече дека за „супер спортскиот автомобил, веруваме дека во моментов не е вистинското време“. Тој се пожали дека перформансите на електричните возила премногу зависат од состојбата на полнење и температурата на батеријата за да се направи привлечен суперавтомобил – и покрај импресивните бројки за забрзување.
Тој призна дека за пет до шест години, технологијата можеби ќе созрее до точка каде што Lamborghini е подготвен да се посвети на електричен погон, но дека за автомобил „ориентиран кон корисниците“, времето е погодено за електрично возило.
Тоа сугерира дека електричниот гран турер 2+2 што го произведува Lamborghini може да биде брз, но нема да биде ѕвезда на патеката. Наместо тоа, како и Urus, тој ќе биде повеќе фокусиран на дневните потреби за возење. Бидејќи теренецот е најпродаваното возило на марката, постојат сите индикации дека неговите клиенти се подготвени да купат нешто што не е „супер спортски автомобил“.