Range Rover го најави петтиот член на семејството, моделот GT
Новиот Range Rover GT комбинира SUV и седан, пристигнува со електричен погон, револуционерен ентериер и нова EMA платформа.

Range Rover официјално го најави новиот Range Rover GT, петтиот модел во своето портфолио и воедно најрадикалниот досега. Наместо класичен SUV, новитетот претставува електричен гран турер со ниска силуета и купе линии, комбинирајќи елементи на седан и кросовер. На прв поглед, неговиот дизајн потсетува на модели како Polestar 4, но со препознатливиот стил на Range Rover.
Новиот модел ќе дебитира како целосно електрично возило, додека во подоцнежна фаза од неговиот животен циклус ќе биде понудена и хибридна верзија.

Петти модел во семејството Range Rover
Со претставувањето на GT, британскиот производител го проширува семејството Range Rover со сосема нов модел, наместо да го замени актуелниот Velar, како што претходно се шпекулираше.
Range Rover потврдува дека Velar ќе остане во понудата, а GT ќе се продава како посебен модел. Возилото е поставено на новата EMA (Electrified Modular Architecture) платформа, која е развиена за електрифицирани модели и ќе овозможи поголема флексибилност во идните погонски решенија.
Дизајн што повеќе потсетува на седан отколку на SUV
Во споредба со останатите модели на Range Rover, GT има значително пониска каросерија и аеродинамична силуета. Предниот дел носи препознатливи тенки LED светла и елементи инспирирани од Range Rover Sport, додека профилот наликува повеќе на спортски гран турер отколку на традиционален SUV.
Токму поради овие пропорции, GT е најблиску до она што би можело да се нарече „седан на Land Rover“, иако формално останува кросовер.

Револуционерна кабина за Range Rover
Ентериерот носи една од најголемите промени во историјата на брендот. Кабината е целосно редизајнирана и се разликува од сè што досега сме виделе кај моделите на Range Rover.
Во центарот на вниманието е новиот волан со хоризонтални краци и капацитивни контроли чувствителни на допир, како и тенкиот дигитален инструмент-панел. Централниот инфозабавен екран е поставен над „лебдечка“ централна конзола, создавајќи модерен и минималистички изглед.
Во почетокот, Range Rover GT ќе биде достапен како четирисед, а подоцна ќе биде понудена и верзија со пет седишта.

Електричен погон, а подоцна и хибрид
При лансирањето, Range Rover GT ќе биде достапен исклучиво со целосно електричен погон. Компанијата потврди дека подоцна во понудата ќе биде додадена и хибридна изведба, иако техничките спецификации засега не се објавени.
Од компанијата велат дека новиот GT ќе понуди комфор и префинетост карактеристични за гран турерите, но истовремено ќе ги задржи способностите по кои е препознатлив брендот Range Rover.

Повеќе детали до крајот на годината
Извршниот директор на Range Rover, Мартин Лимперт, изјави дека новиот GT ќе постави нови стандарди во сегментот на гран турерите, комбинирајќи елегантен дизајн, високо ниво на удобност и способности кои класичните GT модели не можат да ги понудат.
Повеќе информации за техничките спецификации, автономијата, моќноста и почетокот на продажбата се очекуваат до крајот на годината, кога Range Rover ќе ги открие сите детали за својот најиновативен модел досега.














