Renault и Stellantis бараат промени за да нема затворање на фабрики

Двете групации, Renault и Stellantis, кои се меѓу најголемите производители во светот, бараат регулаторни промени за производство на мали автомобили за да се избегне затворање на фабриките

Извршниот директор на Renault, Лука де Мео, и претседателот на Stellantis, Џон Елкан, испратија јасно предупредување до Европската унија – доколку не се усвојат поповолни регулативи за малите автомобили, производството во Европа би можело сериозно да се намали, а некои фабрики дури и да бидат затворени во наредните три години.

Во заедничко интервју за францускиот весник Le Figaro, двајцата челници нагласија дека Франција, Италија и Шпанија треба да бидат лидери во иницијативата, бидејќи токму таму постои најголема побарувачка за помали, достапни возила.

„Премногу правила за скапи возила, премалку простор за достапност“

„Она што го бараме е диференцирана регулација за малите автомобили. Во моментов постојат премногу правила наменети за поголеми и поскапи возила, што го прави производството на мали автомобили финансиски неодржливо“, изјави де Мео.

Тој додаде дека Renault и Stellantis, кои заедно држат околу 30% од европскиот пазар, се фокусирани на производство на достапни автомобили за европските потрошувачи. За разлика од тоа, премиум производителите од Германија, како BMW и Mercedes, но и некои брендови од Volkswagen групацијата, се повеќе ориентирани кон извоз.

„Нивниот приоритет е извоз, а во последните 20 години тие диктираат како ќе изгледаат пазарните правила. Резултатот? Сè покомплексни, потешки и поскапи автомобили, кои просечниот купувач веќе не може да си ги дозволи“, изјави де Мео.

Европа во криза на продажба на возила

Според Џон Елкан, продажбата на автомобили во ЕУ е на „катастрофално ниво“ и затоа се потребни стратешки регулаторни промени за малите автомобили. Во спротивно, Stellantis и Renault би можеле да бидат принудени да донесат „болни одлуки“ поврзани со нивната производствена база во Европа.

„Ако не ја смениме траекторијата, ризикуваме затворање на дел од нашите фабрики во следните три години“, изјави Елкан.

Јапонските Kei автомобили како можен излез за Европа

Истражување на францускиот институт Gerpisa предлага Европската унија да овозможи продажба на возила налик на јапонските kei автомобили – мали, електрични и економични градски возила. Според директорот на институтот, Томасо Парди, ваков потег би ѝ овозможил на европската автомобилска индустрија повторно да создава возила кои беа нејзина гордост во 80-тите, 90-тите и 2000-тите години.

Овие достапни и одржливи електрични возила не само што би ги намалиле трошоците за потрошувачите, туку и би ја зајакнале конкурентноста на европските производители во однос на се поагресивната кинеска конкуренција.

Поврзани вести

Back to top button