fbpx

Моноволумен со кросоверски примеси

На регионалната презентација во Хрватска имавме прилика да се дружиме со новата генерација на моделот Scenic и неговата поголема верзија Grand Scenic

На регионалната презентација во Хрватска имавме прилика да се дружиме со новата генерација на моделот Scenic и неговата поголема верзија Grand Scenic. Она што донесува новината е малку чудно за досегашните изведби бидејќи ова е ван со кросоверски примеси и тркала од 20 инчи, што секако придонесува за поголема привлечност и атрактивност. Модифицираните мотори за оваа цел и технологиите само го надополнуваат филингот.

Grand Senic |  
Grand Senic |  

Уште при дебито на Scenic во Женева имаше различни реакции за новиот храбар потег на Французите, кои се обидуваат кога е овој сегмент во прашање секогаш да додадат нешто што ќе го издвојат од другите. Ново ремек дело на Лорен Ван Дер Акер, во склад со модерните и стилистички трендови, со што навистина моделот се издвојува на свој начин.

Веќе по првиот визуелен контакт ви станува јасно дека во прашање е потполно нова генерација. Scenic со својата атлетска силуета вешто ги покрива типичните особини за MPV моделите, кои порано беа најважни за ваквите изведби- коцкастата форма. Навистина беспрекорен микс, па веднаш добивате чувство како да станува збор за компактен градски кросовер со зголемени димензии.

Неговите пропорции ги откривате чекор по чекор. За компактниот изглед се грижат светлосните групи и корпоративната маска на ладилникот каде доминира големото лого на Renault. Посебен елемент е црниот покрив кој се вклопува во закосениот С- носач. Посебен специјалитет од дизајнот претставуваат тркалата. Токму така, новиот Scenic, кој е за 40 mm подолг и за 20 mm поширок од претходникот има атрактивно дизајнирани тркала со пречник од 20 инчи. Нов кросоверски додаток.

Меѓуоскиното растојание е зголемено за 32 mm, како и височината која сега достигнува 170 mm. Секако многу прашања за големите тркала? Дали тоа ќе влијае на удобноста, на паричникот на новите сопственици, потрошувачката… Димензијата на пневматиците е атипична – 195/55 R20! Со оние 195 mm значи дека гумата е тесна, но тоа влијае на намалување на отпорот, што значи „штеди“ гориво, а за оваа цел гуми развија Continental, Michelin и GoodYear, па нема простор за грижа за висока цена. Кон ова беше особено нагласено дека значително е подобрена аеродинамичноста.

Grand Senic |  
Grand Senic |  

И линиите на продолжената верзија, Grand Scenic, се усовршени со цел семејствата да уживаат во автомобилот со флуиден и елегантен стил.

Меѓуоскиното растојание 35 милиметри, а новината порасна и во должина- 75 mm, ширина – 20 mm и височина 15 mm. Силуетата е повторно складна со препознатливи линии на прозорците закосени кон задниот дел. Новиот Grand Scenic од Scеnic се разликува и по вертикално поставените задни светла со 3D ефект, а за поголема елеганција тука е стаклениот покрив без попречни греди кој пропушта далеку повеќе светлина во внатрешноста.

Нам посебен филинг ни направи есенското сонце кое беше распослано на Јадранското крајбрежје. За комплетен впечаток тука се кровните носачи од мат алуминиум, кој даваат дополнителна доза на префинетост. Во задниот дел се истакнува дифузорот со темносина боја. Бојата која ја имавме на располагање на моделот со кои возевме на дестинацијата Загреб-Задар беше Vison – единствена за новиот Grand Scenic.

И ентериерот остава соодветен впечаток. Инструмент таблата е прегледна и едноставна, а најважните функции, по урнек на Talisman, Espace или Megane, се наоѓаат на мошне добро дизајниран вертикален дисплеј од информативниот состав.

Предните седишта се со големи димензии, со можност за продолжување на седечкиот дел. Веднаш се приметува далеку поквалитетната пластика, а во некои верзии имаше и кожа. Сите споеви се изработени филигрантски прецизно, што го нагласува квалитетот на завршната обработка.

Одзади, Scenic има удобни седишта, што ги потенцира моноволуменските манири и има доволно место во сите насоки.

Ако сакате повеќе место треба да изберете Grand Scenic, кој може да се нарача со пет или седум седишта. И овде модуларната кабина е прилагодена за патниците и се одликува со бројни решенија и опрема која ќе ги задоволи и најпребирливите. Лизгачката Easy Life сместена меѓу предните седишта овозможува лесно да се направи распоред, а со One Touch Folding, со допир на копче на составот R-LINK 2, автоматски се преклопува задната клупа и подот се претвора во рамна површина и овозможува полесен пристап до големиот багажник.


За системите на активната и пасивната безбедност нема да зборуваме многу, доволно е само да кажеме дека Euro NCAP веќе им додели пет ѕвездички. Scenic е стандардно опремен со систем за активно сопирање за заштита на пешаци, за препознавање на знаците, мониторинг за некотролирано напуштање на патеката, систем за детекција на замор кај возачот… Секако не треба да се заборават head-up дисплејот во воја, системот за помош при паркирање Easy Park Assist, како и врвниот аудио состав Bose.

Во новиот Scenic и Grand Scenic агрегатската понуда е со четири дизелски и два бензински мотори, сите опремени со турбо полначи. Основниот бензински е 1.2 TCe достапен со две нивоа на моќ со 115 и 130 КС. Понудата на дизелските започнува со 1.5 dCi со 95 и 110 КС, како и со 1.6 dCi со 130 и 160 КС. Во зависност од опремата и моќта во понуда се шестепен мануелен менувач и автоматизиранииот EDC.

Renault повторно на височина на својата задача. Нешто навистина ново, а без некои сериозни отстапки во цената во однос на досегашната понуда, што секако ќе освои дополнителен број клиенти.

Поврзани вести

Back to top button