fbpx

Rimac официјално го претстави Nevera хиперавтомобилот

Хрватскиот производител премиерно ја претстави конечната продукциска форма на C_Two електричниот хиперавтомобил, кој сега го добива името Nevera

Новиот електричен хиперавтомобил Rimac Nevera во најголем дел ги следи стапките на концептот C_Two кој беше прикажан во 2018 година на Салонот во Женева. Продукцискиот модел, кој е именуван како Nevera, се одликува со неколку унапредувања во однос на оригиналниот C_Two концепт.

Инаку, Nevera на хрватски го означува името за изненадна и моќна медитеранска олуја, што сосема му прилега на новиот автомобил на Rimac. Во споредба со концептот, новиот Rimac Nevera се одликува со широк опсег на промени на каросеријата и аеродинамичките елементи, со што добива 34 проценти подобра аеродинамичка ефикасност.

Rimac во промените ги опфати профилот на хаубата, формата на столбовите и дизајнот на дифузерот, сплитерот и радијаторот, се со цел да се подобри протокот на воздух и аеродинамичниот потисок. Покрај ова, редизајнираните отвори за воздух и разладните канали ја зголемуваат разладувачката ефикасност за 30 проценти на сопирачкиот и погонскиот систем при ниски брзини и до 7 проценти при високи брзини.

Rimac Nevera

Rimac посвети особено внимание на каросеријата и шасијата

Најимпресивните карактеристики на каросеријата се големиот број на активни аеро елементи кои му овозможуваат на новиот Rimac Nevera да ги менува своите аеродинамички способности нудејќи оптимална конфигурација во секое возачко сценарио. Кога е во „low-drag“ режим хрватскиот електричен хиперавтомобил го намалува својот аеродинамички отпор за 17,5 проценти за да креира коефициент на отпор од 0.3. Во „high-downforce“ режимот каросеријата го зголемува својот аеродинамички потисок за 326 проценти.

Rimac не заборави да се пофали дека карбонската монокок шасија на Nevera е една од најважните и најдобите карактеристики, со оглед на тоа дека е дизајнирана за да се вметне батеријата за да се формира неверојатно силна структура со торзиона цврстина од 70.000 Nm/степени. Батеријата сама по себе носи дополнителни 37 проценти цврстина на структурата, додека оптималното позиционирање во подот на хиперавтомобилот има придонес не само за ниското тежиште, туку за одлично 48-52 распоред на тежината меѓу предниот и задниот дел.

Неверојатна брзина

За придвижувањето на Nevera се задолжени четири специјално направени електромотори, по еден за секое тркало, а заеднички испорачуваат 1.914 КС и 2.360 Nm вртежен момент. Енергијата се испорачува преку 120 kWh водено-ладена литиум-манган-никел батерија дизајнирана од страна на Rimac.

Од Rimac истакнуваат дека моќниот хиперавтомобил од нула до „стотка“ стигнува за помалку од 2 секунди, поточно за 1,97, додека до 300 километри на час на Nevera и се потребни само 9,3 секунди. Максималната брзина на автомобилот е 412 километри на час.

Rimac Nevera

Желбата на Rimac била новата Nevera да ги комбинира квалитетите на grand tourer со прецизноста на тркачки автомобил, поради што интензивно работеле на калибрирање на различните возачки режими. Вкупно, моделот се одликува со седум вакви режими, вклучително Sport, Drift, Comfort, Range, Track и два персонализиарчки режими кои му овозможуваат на возачот да комбинира различки карактеристики според неговите вкусови.

Driver Coach со вештачка интелигенција

Исто така, Rimac Nevera ќе го поседува првиот AI Driver Coach на светот, систем кој ќе ги евалуира перформансите и ќе овозможи водич кој ќе му помогне на возачот да го унапреди своето возење на патеката. Rimac Driving Coach ќе користи 12 ултрасонични сензори 13 камери, 6 радари и NVIDIA Pegasus оперативен систем за да ги прикаже селектираните тркачки патеки во реално време и ќе нуди јасни и прецизни аудио и видео насоки кои ќе му помагаат на возачот во усовршување на неговите тркачки линии, позиции на сопирање и забрзување, како и управување. Системот ќе стане достапен во 2022 година преку бежично унапредување на веќе испорачаните возила.

Кога станува збор за ентериерот, новиот електричен хиперавтомобил ќе има три екрани со висока резоулција за инструмент кластерот, инфозабавниот систем и за совозачот. Централната конзола се одликува со алуминиумски ротациски контроли и прекинувачи, со што се комбинира аналогното чувство со дигиталната технологија. Од Rimac велат дека Nevera нуди простор за две лица со целосна тркачка опрема и нивниот багаж, како нагласување на двојната намена на возилото.

Купувачите ќе можат да бираат од голем опсег на специјално направени тримови и опции за материјали со што ќе креираат вистинско единечно и уникатно издание на Rimac Nevera. Хрватскиот производител исто така ќе понуди и различни едиции на електричниот хиперавтомобил, вклучително GT, Signature и Timeless како додаток на специјалните верзии.

Новиот Rimac Nevera ќе биде произведен во 150 примероци, а цената ќе стартува од 2 милиони евра.

Поврзани вести

Back to top button