Шангај 2021: Mercedes го претстави електричниот EQB
Германскиот производител го проширува своето EQ семејство со претставувањето на новиот електричен кросовер EQB на Меѓународниот Салон за автомобили во Шангај
Mercedes на Салонот во Шангај ја претстави кинеската верзија на електричниот EQB, кој ќе се произведува во Пекинг и ќе се најде во продажба подоцна оваа година. Европската верзија исто така ќе пристигне оваа година, а глобалната верзија на новиот EQB ќе се произведува во фабриката на Mercedes во Кечкемет, Унгарија.
Новиот електричен SUV на Mercedes ќе биде лансиран во Кина во врвната AMG Line опрема со моќност од 290 КС. Кога станува збор за Европа, Mercedes ќе го понуди новиот EQB во неколку различни конфигурации со погон на предните и сите четири тркала, како и различна моќност и големина на батеријата, почнувајќи од базичната 66,5 kWh.
Исто така , во Европа, EQB 350 4Matic ќе понуди опсег на движење од 419 километри според WLTP циклусот, а Mercedes планира да додаде и „верзија со особено продолжен опсег“ во блиска иднина. Новиот EQB ќе пристигне со 11 kW полнач како стандард, а ќе има способност за полнење и до 100 kW на брзополнечки станици.
„Со целосно новиот EQB ние креиравме легендарен електричен SUV кој може да го преземе наследството на начите ‘коцкасти’ оф-роуд возила и да ги трансформира во иднината. Ја комбинираме карактеристичната силуета со футуристички елементи како што се црниот панел на предниот дел со цел да креираме исклучителен изглед на возилото“, изјави Горден Вагенер, главниот дизајнер во Daimler групацијата.
Препознатлив и карактеристичен дизајн
На предниот дел се наоѓа типичниот Mercedes EQ црн панел наместо решетка, како и предната светлечка лента која ги спојува дневните светла на Full LED фаровите. Дизајнот на тркалата е ексклузивен за EQB и имаат големина до 20 инчи, а дел од нив се финиширани во розево злато или сина боја. Задниот дел исто така се одликува со LED светлечка лента, додека просторот за регистрациската табличка сега е монтирана на браникот.
Новиот Mercedes EQB го задржува истото меѓуосовинско растојание како GLB, а тоа е 2.829 милиметри, што значи дека пространоста во внатрешноста е идентична како SUV моделот кој се напојува со конвенционален мотор. Од Mercedes велат дека лица со висина до 1,65 метри можат удобно да седат во опционалниот трет ред седишта. Моделот со пет седишта нуди капацитет на багажникот од 495 до 1.710 литри, додека конфигурацијата со седум седишта нуди меѓу 465 и 1.629 литри.
Контролната табла останува речиси иста како и кај GLB, со неколку промени на тримот и боите. Зависно од моделот, кабинат аможе да биде обложена со декоративни елементи финиширани во розево златна боја на отворите за вентилација и седиштата, додека двата екрани пристигнуваат со ЕВ прикази.
MBUX инфозабавниот систем на EQB се одликува со навигација со Electric Intelligence како стандард. Системот ја калкулира најбрзата рута до посакуваната дестинација, земајќи ги предвид не само неопходните полнечки станици, туку и топографијата и временските услови.
Деталите за цените и целосната спецификација на новиот Mercedes EQB ќе биде објавена кон крајот на годината.