fbpx

Први фотографии од новата генерација на Škoda Fabia

По новите генерации на Volkswagen Polo, Seat Ibiza и Audi A1, дојде време и за последниот член на Б-сегментот на Volkswagen - Škodа Fabia

Škoda има исклучително активна година, лансирајќи ги новиот модел на Scala, новата генерација на својата „перјаница“ Superb и најпопуларниот модел Octavia, најавен е нов Rapid, а сега дојде време и за новата Fabia.

Главниот адут на Škoda во компактната класа ќе се најде на пазарот во 2021. година, а британски Auto Express објави фотографии од новиот изглед на Fabia.

Актуелната, трета генерација на Fabia на пазарот е од 2014. година, додека минатата година во Женева беше прикажана и нејзината обновена верзија. Сепак, имајќи ги предвид новитетите во Б-сегментот како Renault Clio, Peugeot 208, Opel Corsa и неодамна претставената Toyota Yaris, време е за поголеми промени.

Сега, четвртото издание се сели на нова платформа која нуди поатрактивен изглед и современи технологии и модерни погони.

Како што е случајот со сите Škoda модели, така и Fabia ќе ја дели основата со „браќата“ од редовите на останатите брендови на VW групацијата – VW Polo, Audi A1 и Seat Ibiza, кои се базирани на MQB A0 платформата.

Škoda Fabia со нов, освежен изглед

Што се однесува до самиот изглед, Fabia ќе добие поширока трага, поистакнати крила, модерни LED фарови и задни светла, како и најновата дизајнерска линија на Škoda инспирирана од кристали.

Новата Fabia ќе има и понатаму релативно висока линија на покривот на задниот дел од возилото, кое би требало да го понуди приближно истиот патнички простор, со цел да не влезе во сегментот во кој од неодамна се наоѓа Scala. Сепак и тоа ќе биде доволно за да биде еден од најпространите автомобили во својата класа. Исто така, и багажникот би требало да биде нешто поголем од претходно.

Што се однесува до ентериерот, во центарот на вниманието секако ќе биде мултимедијалната технологија – мултимедијалниот систем MIB 3.0 на Škoda, 6.5 и 9.2- инчни екрани, дигитална контролна табла и така натаму.

За погонот ќе бидат задолжени веќе стандардните агрегати – 1,0-литарски TSI три-цилиндричен турбо-бензинец во варијанти со 95 и 115 КС ќе го замени стариот 1.2 TSI кој е во понудата во актуелната верзија, потоа 1,5-литарскиот TSI со 150 КС, секако хибриден систем, а останува да се види дали во понудата ќе има и дизел мотор.

Со новата генерација се очекува и раст на почетната цена на Škoda Fabia – на околу 15.000 евра за основната верзија.

Поврзани вести

Back to top button