fbpx

Škoda направи рендер за модерна изведба на чехословачката легенда

Западњаците можеби нема да знаат за што станува збор, но Škoda 1203 беше чехословачка легенда која и ние на овие простори добро ја препознававме

Škoda често знае да побара од своите дизајнери да прочепкаат во каталогот на компанијата и да направат модерен рендер на своите класични легендарни автомобили. Најнов таков проект во оваа низа е модерната визија на Škoda 1203. Ова мало, функционално и практично комбе влезе во производство во 1968 година и беше масовно произведувано речиси 30 години. Остана во некое ситно производство во текот на 2017 година, но притоа се постави себе си како вистинска икона, без оглед дали станува збор за бизнис или семејни потреби.

Skoda

Иако не достигна меѓународна популарност како Volkswagen T, за Чехословаците 1203 беше симбол за практичност и функционалност. Комбето се продаваше и како амбулантно возило, возило за достава и испорака и се друго што и да беше потребно. Можеше да се најде насекаде на улиците на земјата пред мирното разделување на Чешка Република и Словачка.

Токму легендарниот статус го натера дизајнерот Даниел Хајек да го избере 1203 за својата дизајнерска студија. „Имаме една верзија во градината во домот на моите баба и дедо, но не е за возење. Тоа на некој начин беше мојот прв автомобил, го користевме на нашата фарма, а кога наполнив 15 години ми дозволија да го стартувам моторот и потоа да го возам околу полето“, изјави дизајнерот.

Хајек не сакаше од Škoda 1203 да направи само носталгична машина. „Сакав да биде јасно од мојата студија дека ова е истото возило, но не сакав да биде преочигледно ретро. Дизајнирав модерно возило кое оддава почит на една легенда. Сакав да биде безвременско“.

Најинтересно е што во ентериерот нема инфозабавен систем. Хајек е дизајнер на кориснички интерфејс и логично би било да се посвети токму на инфозабавниот систем. Но, тој смета дека луѓето едноставно ќе си ги користат своите телефони со апликација дизајнирана од Škoda.

Skoda

На крајот, се чини дека Хајек погоди, бидејќи возило како ова без проблеми би можело да се најде во поставата на Škoda.

Поврзани вести

Back to top button