Škoda Peaq пристигнува како нов електричен предводник на марката

Škoda Peaq е нов електричен SUV со три реда седишта, досег до 647 км, батерија од 91 kWh и кабина со до 2.150 литри багажен простор

Чешкиот производител Škoda официјално го претстави новиот Peaq, целосно електричен SUV со три реда седишта кој станува нов предводник во електричната понуда на брендот. Моделот е инспириран од концептот Vision 7S и носи модерен дизајн, голема практичност и автономија до 647 километри според WLTP циклусот.

Нов дизајнерски јазик и подобрена аеродинамика

Новиот Škoda Peaq го следи дизајнерскиот правец Modern Solid, препознатлив по Т-образните светлосни групи и затворената предна маска Tech-Deck Face со црна завршница. Предниот дел е дополнет со скулптирана хауба и аеродинамички отвори кои придонесуваат за подобра ефикасност.

Страничниот профил се одликува со издолжена линија на покривот, а моделот е првиот автомобил на Škoda кој користи рамно вградени рачки на вратите. Благодарение на ова решение, коефициентот на отпор на воздухот изнесува само 0,249. Купувачите ќе можат да избираат тркала со големина од 19 до 21 инч, додека панорамскиот покрив со Dynamic Shade Control технологија овозможува електронска контрола на затемнувањето преку девет независни сегменти.

Пространа кабина со минималистички пристап

Во внатрешноста доминира минималистичкиот дизајн со дигитална инструмент табла и вертикално поставен инфозабавен екран од 13,6 инчи, што е прв ваков систем во моделите на Škoda. Инфозабавниот систем работи на Android платформа, а поголемиот дел од физичките копчиња се заменети со дигитални контроли.

Peaq ќе биде достапен со конфигурации со пет или седум седишта. Меѓу дополнителната опрема се издвојуваат аудио систем Sonos со 16 звучници, двоен безжичен Qi2 полнач со моќност од 25W и Relax Package пакетот кој вклучува предни седишта со потпирачи за нозе, вентилација и масажа.

Голем багажник и напредни безбедносни системи

Практичноста останува еден од главните адути на моделот. Багажниот простор достигнува до 2.150 литри, додека дополнителниот преден багажник нуди уште 37 литри простор.

Во однос на безбедноста, сериски се системите Front Assist, Crossroad Assist, Turn Assist и Side Assist. Достапни се и напредните Travel Assist 3.0 и Top Area View 360° системи кои дополнително ја олеснуваат секојдневната употреба на возилото.

Škoda Peaq

Три електрични верзии со различни перформанси

Основната верзија Peaq 60 располага со батерија од 63 kWh и електромотор поставен на задната оска кој развива 204 коњски сили. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 8,4 секунди, а автономијата достигнува 459 километри. Батеријата може да се полни од 10 до 80 проценти за 27 минути со DC полнач од 160 kW.

Средната верзија Peaq 90 добива батерија од 91 kWh и електромотор со 286 коњски сили. Благодарение на поголемиот капацитет, досегот достигнува импресивни 647 километри, додека полнењето од 10 до 80 проценти трае 28 минути со полнач од 199 kW.

На врвот на понудата се наоѓа Peaq 90x, кој користи погон на сите тркала со два електромотори и вкупна моќност од 299 коњски сили. Забрзувањето до 100 km/h трае само 6,7 секунди, а автономијата изнесува 613 километри.

Подготвен и за влечење приколка

Новиот електричен SUV добива и режим за возење со една педала, како и двонасочно полнење кое овозможува батеријата да се користи како извор на енергија за надворешни уреди. Дополнително, Peaq може да влече приколка со тежина до 2.000 килограми, што го прави еден од најпрактичните електрични модели во својата класа.

Поврзани вести

Back to top button