Škoda се потсети на минатото со модерна интерпретација на Slavia B
Легендарниот победнички мотоцикл на чешкиот бренд, Slavia B, доби модерна интерпретација како електричен „cafe racer“ од 21 век.

Во рамките на серијалот „Icons Get A Makeover“, кој веќе пет години им овозможува на дизајнерите на Škoda креативна слобода да ги редизајнираат историските модели, брендот овој пат отиде чекор подалеку – повторно оживеан е мотоциклот Slavia B во форма на модерен, електричен концепт.
Од велосипед до електричен мотоцикл
Иако Škoda денес е позната по своите семејни SUV модели и хечбек возила, корените на брендот водат кон крајот на 19. век, кога Vaclav Laurin и Vaclav Klement започнале со производство на велосипеди и мотоцикли. Токму Slavia B од 1899 година бил првиот мотоцикл што го носел нивното потпис.
Денес, по повеќе од 100 години од последниот произведен мотоцикл, Škoda го претстави концептот на модернизирана верзија на Slavia B, изработен од францускиот дизајнер Ромен Букај, кој е дел од дизајнерскиот тим на брендот. „Сакав да направам нешто уникатно и да се вратам на корените на брендот,“ вели Букај, кој инаку има и позадина во машински инженеринг.
Кафе-рејсер изглед и електричен погон
Модерната Slavia B нема многу заедничко со оригиналниот модел – барем не на прв поглед. Букај избрал спортски кафе-рејсер стил, со ниско поставен управувач и седиште кое изгледа како да „лебди“ над задното тркало. Наместо оригиналниот едноцилиндарски мотор со 1.7 КС, новиот концепт е целосно електричен, со многу поголем потенцијал во перформансите.
Сепак, постојат суптилни дизајнерски врски со минатото. Рамката останува поделена, со преден дел во форма на буквата V, што го симболизира háček – чешкиот дијакритички знак над буквата Š, кој се користи и во дизајнот на маската кај RS моделите на Škoda. Вклучен е и кожен алатник, поставен во рамката – елемент што потсетува на времето кога механичкиот сервис бил секојдневна потреба за мотоциклистите.
Концепт што останува само визија
Иако ретро-футуристичкиот изглед на новата Slavia B освои бројни симпатии, особено меѓу љубителите на историјата на брендовите, моделот за жал нема да влезе во сериско производство. Како и останатите проекти од серијалот „Icons Get A Makeover“, и овој концепт ќе остане дизајнерска визија, но со силна симболика и почит кон наследството на Škoda.