fbpx

Низ Скопје два месеци ќе сообраќа еко-бус на Mercedes

Во продажниот салон на Мак Аутостар, импортерот на Mercedes, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и директорoт за продажба на комерцијални возила Михаило Зогравски, потпишаа договор за пробно користење на автобус на гас во градскиот превоз

Вo присуствo на претставници на Град Скопје, директорот на ЈСП, Кристијан Чушков, претставникот на Mercedes од Германија, Дарко Цвијановиќ, новинари…, беше апострофирано дека во борбата со загадувањето на Градот му недостасува ваков вид превозни средства и е дел од стратегијата на новата предводничка гарнитура на Градот- за што побезбеден и почист јавен транспорт.

автобус

– Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните кои што го користат. За таа цел потпишавме договор со Мак Аутостар за пробно користење на автобус на метан од производителот Mercedes-Benz, за период од два месеци. Автобусот е направен според последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас, истакна Шилегов.

– Споредено со потрошувачката на старите дизел – автобуси, овој ќе троши речиси 50% помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. А, најголема предност на овој автобус е тоа што емитува значително помалку СО2 и речиси воопшто не го загадува воздухот. Минатиот месец потпишавме договор за пробно користење на електричен автобус за период од шест месеци, наменет за линија 15, а овој автобус наредниве 2 месеци ќе сообраќа на линија број 5. Ова се одлични можности кои ќе не збогатат со нови искуства за градот, што понатаму ќе можеме да ги користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз. Наша заложба е креирање јавен транспорт, кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот, потенцираше Шилегов.

автобус

Шилегов, исто така, нагласи дека решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата на приоритети на Градот и дека годинава од Буџетот на Градот се предвидени субвенции за набавка на еко автобуси во висина од 100 милиони денари за ЈСП и 20 милиони за приватните превозници.

Новиот пробен автобус Mercedes Citro CNG испушта помалку издувни гасови од Еуро 6 моторите и со тоа загадувањето е сведено на минимум. Овој автобус има систем за автоматско „спуштање“ на возилото на постојките, сензори за светло и за дожд, приклучоци за полнење мобилни телефони, како и видеокамери за да се следи делот кај возачот и делот за евиденција на билетите.

Поврзани вести

Back to top button