fbpx

Специјалнo Ferrari 275 GTB коe Енцо го чувал за специјални клиенти

Специјална верзија на Ferrari 275 GTB од 1965 година била привилегија за купувачите кои биле од посебно значење за Енцо Ферари

Ferrari 275 GTB претставува еден од ретките колекционарски „дијаманти“ кога станува збор за класичните суперспортски автомобили од минатиот век. Уште поретка е верзијата 275 GTB 6C од 1965 година со 3,3-литарски Colombo V12 мотор, со оглед на тоа дека само неколку примероци од верзијата со шест Weber 40 DCN карбуратори биле произведени таа година во фабриката на Ferrari.

Овие „цивилни“ Ferrari 275 GTB, со модификации и третмани кои вообичаено ги добивале тркачките верзии од Scuderia Ferrari, биле резервирани исклучиво за омилените клиенти на компанијата, по личен избор на сопственикот и основачот Енцо Ферари. Се верува дека вкупно помалку од 60 Ferrari модели биле опремени со Colombo V12 мотор.

Ferrari 275 GTB

Примерокот кој е прикажан на фотографиите, а е ставен на продажба од страна на Girardo & Co, му припаѓал на италијанскиот гроф Виторио Занон ди Валџиурата, поранешен претседател на Automotoclub Storico и познат колекционер на автомобили. Со автомобилот, купувачот ќе добие и оригинално писмо кое Енцо Ферари му го испратил кога возилото му било испорачано на грофот, а во кое се наведува дека возилото е унапредено во однос на стандардната верзија.

Ferrari 275 GTB

Моторот и менувачот исто така оригинални, а станува збор за првиот модел на Ferrari кој имал целосно независно потпирање на сите четири тркала. Овој модел доживеа модификации и на самата каросерија, како што се воздушните отвори во стил на 250 GTO во лаковите над задните тркала, светла во стилот на 250 LM, полнач за гориво со брзо ослободување. Уникатните одлики во стајлингот се дел од деталната реставрација во текот на осумдесетите години на 20 век од страна на Autofficina Sauro и Егидио Брандоли. Брандоли претходно работел за Carrozzeria Scaglietti и е еден од најпознатите специјалисти за класични Ferrari модели.

Ferrari 275 GTB

И додека секој Ferrari 275 GTB претставува ремек-дело, овој конкретен примерок е уште поспецијален благодарение на својата голема историја, но и модификациите и дополнителниот третман на славниот Colombo V12 мотор на Ferrari.

Поврзани вести

Back to top button