Spyker „воскреснува“, нови модели доаѓаат во 2021
Холандскиот производител Spyker најави договор за соработка кој ќе им овозможи нови операции и лансирање на три нови модели во 2021
Spyker Group ги здружи своите сили со мотоспорт компанијата BR Engineering, SMP Racing и Milan Morady маркетиншката компанија. BR Engineering и SMP Racing се во сопственост на рускиот олигарх Борис Ротенберг, додека Milan Morady е во сопственост на бизнис партнерот на Ротенберг, Михаил Песис.
Холандската компанија Spyker вели дека новиот развој ќе им овозможи конечно да го внесат во производство не само моделот C8 Preliator, кој првично беше претставен на Салонот во Женева во 2017 година, туку и D8 Peking-to-Paris SUV моделот, како и B6 Venator исто така. Првиот нов Spyker кој ќе влезе во производство е C8 Preliator.
Spyker се соочи со големи финансиски потешкотии откако го откупи Saab од General Motors во 2010 година, со што доведе до тоа компанијата да прогласи банкрот. Производителот се врати во 2015 година, но се уште се соочува со проблеми.
„Не треба да има сомнежи дека Spyker имаше неколку тешки години по распадот на Saab Automobile AB во 2011 година. Со ова ново партнерство, тие денови дефинитивно се минато и Spykеr ќе стане важен играч на пазарот на суперспортски автомобили“, велат од Spykеr.
Препородениот Spykеr исто така ќе има и after-sales оддел и сервисни објекти во нивниот нов погон во Германија, кој ќе ги опслужува сопствениците на 265 Spyker автомобили направени досега. Нова продавница ќе биде отворена во Монако во 2021, по што ќе следуваат и нови салони ширум светот.