Stellantis сака да ребрендира кинески ЕВ за европскиот пазар

Opel може да го ребрендира кинескиот Leapmotor B10 и да го произведува во Шпанија за да избегне царини и да понуди поевтин ЕВ SUV во Европа

Opel би можел да внесе нов модел во својата европска гама – но овој пат со потекло од Кина. Според информации објавени од германскиот Automobilwoche, брендот разгледува опција да го ребрендира електричниот Leapmotor B10 и да го пласира како Opel модел веќе од 2026 година.

Одлуката доаѓа во момент кога европските производители се соочуваат со силна конкуренција од кинеските ЕВ брендови и потребата да понудат технолошки современи, но и достапни електрични возила на пазарот.

Производство во Шпанија за да се избегнат повисоки тарифи

Stellantis, кој делумно е сопственик на Leapmotor, наводно размислува новиот модел да се произведува во фабриката во Сарагоса, Шпанија. Оваа фабрика моментално ги произведува Opel Corsa и Opel Mokka. Со локално производство, компанијата би избегнала дополнителни увозни тарифи за кинески автомобили, кои моментално достигнуваат до 20,7% над стандардната 10% царина.

Тоа би помогнало моделот да се задржи ценовно конкурентен, особено ако целта е да се позиционира под сегашната цена на електричниот Opel Frontera, кој во Германија започнува од околу 28.990 евра.

Каков модел би бил новиот Opel?

Leapmotor B10 е компактен SUV долг 4.515 мм – што го става помеѓу Opel Frontera и Opel Grandland во понудата на производителот.

Моделот се нуди како целосно електричен и како хибрид со range-extender (иако хибридната верзија засега не е планирана за Европа). Внатрешноста се карактеризира со модерна дигитална кабина и напредни системи за асистенција, карактеристични за новата генерација кинески EV модели.

Доколку Opel реши за посериозна визуелна адаптација, би можеле да се очекуваат промени во предната маска Vizor, светлосниот потпис Compass и Opel Blitz значките додека остатокот од дизајнот најверојатно би останал речиси непроменет.

Opel Grandland

„Кинески“ Opel за да се победи кинеската конкуренција

Продажбата на Leapmotor во Европа расте – брендот продал 16.485 возила во првите девет месеци од 2025 година, со амбиција да извезува дури до 60.000 возила годишно. Ребрендирањето под Opel и локално производство би можеле да ја променат играта, со тоа што Opel би добил модерен и достапен електричен SUV, Stellantis би ги намалил трошоците и царините, а европските купувачи би добиле повеќе избор во ЕВ сегментот, со што сите три страни ќе извојуваат свои победи.

Поврзани вести

Back to top button