Stellantis Pro One: Паметни компактни комбиња кои го менуваат начинот на работа

Stellantis Pro One лансира нова генерација Smart Compact Van комерцијални возила со Flexiseat, модуларна кабина и повеќе опции за погон

Stellantis Pro One го претстави новото поглавје во историјата на комерцијалните возила, под мотото Smart Compact Van. Возило кое не прави компромиси, а во исто време редефинира се што досега знаевме за кабинскиот простор, функционалноста и достапноста на цените.

На дигитален настан кој поврза повеќе од 300 новинари и претставници на индустријата низ цела Европа, Stellantis Pro One ја претстави новата верзија на од семејството на компактни комбиња, тип на возила кој е најпродаван продукт во рамките на целиот Stellantis концерн и апсолутен лидер на европскиот пазар, со импресивен удел од 48,2%, додека на африканскиот континент таа се искачува до импресивни 70% (до април 2026). Едноставно кажано, секое второ компактно комерцијално возило продадено на европско тло го носи потписот на Stellantis.

Stellantis Pro One

Меѓу поканетите медиуми кои активно учествуваа во оваа дигитална презентација беше и Авто Плус, што воедно преставува потврда дека и македонскиот пазар игра важна улога за големиот автомобилски концерн.

Новата верзија доаѓа под четири различни имиња, секое со свој карактер и идентитет, Citroën го носи Berlingo Van First, од Fiat Professional ни доаѓа Doblò EasyPRO, во Opel го подготвија Combo Start, а Peugeot е одговорен за Partner Active.

Stellantis Pro One

Создадено слушајќи ги луѓето кои навистина возат

Зад секоја дизајнерска одлука стои реалноста на секојдневната употреба. Истражувањата на Stellantis покажале дека 40% од клиентите воопшто не им е потребна конфигурација за три патници, а професионалните возачи патуваат сами дури 90% од своето работно време. Токму овие сознанија го обликуваа централниот концепт на новото возило.

„Да се биде лидер носи голема одговорност, клиентите очекуваат извонредност, вклучително и оние кои сé уште треба да се освојат. Токму затоа, внимателно слушајќи ги нивните повратни информации, развивме рационално, удобно и модуларно возило со оригинални решенија кои претставуваат вистинска уникатна конкурентна предност”, вели Ерик Лафорж, глобален виш потпретседател на Stellantis Pro One.

Flexiseat е мала револуција во кабината

Централен елемент на целата концепција е Flexiseat, модуларно седиште за сопатник кое може да се преклопи и со тоа да го зголеми волуменот на товарниот простор за дополнителни 0,5 м³. Прв таков систем во оваа класа возила, и тоа ексклузивно достапен на оваа верзија. Но тоа не е сé. Кон Flexiseat може да се додаде и Modutable, што преставува опционален додаток кој седиштето го трансформира во мобилна канцелариска маса или во практична трпезариска маса за заслужена пауза. Особено вредна опција што како надградба може да се додаде во кој било момент од животниот век на возилото.

Кабина која всушност е мобилна канцеларија

Новиот Smart Compact Van не се запира само на Flexiseat. Целата внатрешност е потполно реосмислена врз основа на принципите на ергономија и флексибилност, а во понудата се вклучени и Moduconsole, централна конзола која може моментално да се отстрани и да се складира во товарниот простор, а содржи држач за чаша и затворен предел за складирање. Dashbox, контролна табла со два затворени прегради и држач за чаша. Drivedrawer е практична фиока сместена под седиштето за дискретно складирање на лаптоп, таблет или работни тетратки. Moduwork е конфигурација со централно трето седиште за транспорт до три лица, седиште кое кога не е потребно се трансформира во функционален работен простор или овозможува транспорт на долги предмети низ целото возило. Освен тоа, за полнење на лаптоп, таблет или други уреди, на располагање е и 220V приклучок. Паметни решенија кои на професионалците секојдневно ќе им овозможуваа полесно да ги завршат работните обрски.

Повеќе опции за движење, секој ја избира својата

Во духот на мултиенергетската стратегија на Stellantis, новата верзија нуди впечатлива разновидност на погонски системи. Целосно електричниот погон со своите 136 КС овозможува автономија до 270 километри, што е меѓу највисоките во оваа класа на Stellantis Pro One линијата. Следат три агрегати со внатрешно согорување, од кои два се дизелски со 100 КС и 130 КС, а еден е бензинец со 110 КС, кај сите е вграден рачен менувач, а во меѓу време се подготвува и хибридната верзија (Mild-Hybrid) која треба да се приклучи во понудата со почетокот на следната година. Она што особено го истакнуваат домаќините е дека сите варијанти ќе бидат достапни по конкурентни почетни цени, што важи за сите изведби без разлика на погонскиот склоп, па така на европските пазари бензинската и дизелските изведби ќе бидат за 1.300 евра поефтини, а електричната изведба ќе чини 3.000 евра помалку од колку досега.

Stellantis Pro One

Четири бренда, еден карактер

Иако возилото почива на иста платформа, секоја марка го става печатот од сопствениот идентитет. Па така, Citroën Berlingo Van First е удобен и достапен ван фокусиран на практичност и лесна употреба, каде професионалниот комфор е на прво место. Од друга страна, Fiat Professional Doblò EasyPRO е рационално и директно работно возило, создадено да испорача максимална вредност на клиентот, без непотребни компромиси. Од Opel ни пристигнува Combo Start кој настапува како доверлив и практичен партнер изграден на цврстина и робусност, вистинска алатка за секој работен ден. Во Peugeot го подготвија  Partner Active, агилeн професионалeц во изведување на работните задачи, кој суштинската ефикасност ја комбинира со препознатлива дизајнерска привлечност.

Кога и каде?

Порачките за сите возила со знакот на четирите марки се отвораат во септември 2026, а лансирањето на пазарот е планирано неколку месеци подоцна, од ноември оваа година. Надворешните и внатрешните димензии остануваат непроменети, сите модели се достапни во две должини, чија носивост се движи од 750 кг до 1 тон и волумен на товарниот простор помеѓу 3,3 и 4,4 кубни метри.

„Овој нов Smart Compact Van не прави никакви компромиси во однос на способностите,” нагласи Лука Маренго, раководител за производи и иновации во Stellantis Pro One. „Нуди исти основни спецификации, збогатени со стандарден Flexiseat кој дефинира нова парадигма во функционалноста на кабината, повеќе простор, повеќе можности и поголема вредност за клиентот.”

Stellantis Pro One

Во сегментот каде конкуренцијата станува се поагресивна, концернот Stellantis одговара со она во кое секогаш се истакнувал, длабоко разбирање за потребите на луѓето кои навистина работат, а за тоа им е потребено вистинско возило кое со паметно скроени додатоци ќе им помогне да бидат поефикасни во извршување на нивните секојдневни работни обврски.

Поврзани вести

Back to top button