Tesla Cybertruck нема да дојде во Европа, а има и добри причини за тоа
Tesla привлече огромно внимание во светската јавност со Cybertruck, но овој електричен пикап веројатно никогаш нема да дојде во Европа
Првите единици на Tesla Cybertruck со производствени спецификации конечно беа испорачани кон почетокот на овој месец по четири години одложувања, гласини и секакви чудни забелешки од извршниот директор Илон Маск.
Но, додека американските клиенти кои направија нарачка за целосно електричниот пикап со мошне чуден дизајн можат да очекуваат да го добијат својот ЕВ некаде следната година, европските клиенти кои ги направиле своите резервации не треба да се надеваат дека ќе го добијат посакуваното возило.
Причината за ова е самата листа на спецификации, која – иако е импресивна – може да го направи првиот пикап на Tesla еден вид „забрането овошје“ на Стариот континент.
Со до 856 коњски сили на и забрзување од место до „стотка“ за само 2,7 секунди, Cybertruck е брз камион, но е и прилично тежок. Со навртување на вагата од 3.104 килограми за врвниот модел Cyberbeast со три електрични мотори и батерија која има околу 123 киловат-часови, Cybertruck е едноставно премногу тежок за да се вози со возачка дозвола за обичен автомобил во Европа.
Возачка дозвола
Во Европа, луѓето со дозвола од Б категорија (за редовни патнички автомобили) можат да возат возило со максимална бруто тежина од 3,5 тони. Додека тежината на Cybertruck е под ограничувањето, бројот од 3.104 килограми не го зема предвид товарот од 1.134 килограми. Кога ќе се додаде и тоа, се добива 4.237 килограми. И тоа без да се земе предвид тежината на патниците.
Според официјалниот VIN декодер што беше доставен до регулаторите претходно оваа година, Cybertruck има два можни рејтинзи за бруто тежина на возилото.
Класа G – Повеќе од 3.629 килограми до 4.082 кг;
Класа H – Повеќе од 4.082 кг до 4.536 кг.
Како што може да се види, најнискиот рејтинг е веќе над европската граница. Ова би значело дека – доколку се продава во Европа – потенцијалните купувачи на Cybertruck ќе треба да имаат возачка дозвола од Ц-категорија што е наменета за возила со бруто тежина од над 3,5 тони. Со други зборови, дозвола за камион. Тоа значи дека не е идеално за возило што треба да се произведува масовно и да се продава во голем број.
Друг фактор што може да го направи Cybertruck пристапен само за Америка е ограничената привлечност што ја имаа големите пикапи во текот на годините во Европа. Помалите пикапи како Toyota Hilux, Mitsubishi L200, Volkswagen Amarok и Ford Ranger владеат со сегментот на Стариот континент, така што камионет голем како оној на Tesla би имал тешкотија да се прослави на европскиот пазар.
„Пикап камионите имаат мала улога во однос на усвојувањето на пазарот во споредба со она што го гледате на американскиот пазар“, истакнува Педро Пачеко, потпретседател за истражување во Gartner за Business Insider.
„За возило во категоријата на Cybertruck, нема огромен пазар во Европа, бидејќи пикапите генерално не се многу вообичаени“, додаде тој.
Безбедност
Исто така, подеднакво важни се и безбедносните карактеристики. Уште при самото појавување и најава на Cybetruck се појавија информации дека дизајнот на пикапот ќе мора драстично да биде променет со цел да ги исполни безбедносните регулативи во Европа. Со своите остри агли, Cybertruck може да биде потенцијална опасност за пешаците при евентуални сообраќајни незгоди од ваков вид. Освен тоа, електричниот пикап на Tesla не исполнува и едни други норми.
„Европските регулативи бараат заокружување од 3,2 милиметри на испакнатите делови. За жал, невозможно е да се направи заокружување од 3,2 милиметри на лим од нерѓосувачки челик од 1,4 милиметри“, додаде истакна Ларс Морави, инженерски потпретседател на Tesla за TopGear, притоа потврдувајќи дека Cybertruck најверојатно никогаш нема да пристигне во Европа.
„Пазарот на пикапи во Америка е огромен, а тоа е многу поинаку во Европа“, додаде тој.
Приклучок за полнење
И на крај, тука е проблемот со приклучокот за полнење. Додека таканаречениот северноамерикански стандард за полнење (NACS) конектор на Tesla е на работ да стане де факто избор меѓу сите ЕВ кои се наменети за американскиот и канадскиот пазар, Европа го прифати приклучокот CCS2. Дури и европските Tesla Superchargers доаѓаат со CCS2 конектор.
Значи, за да го продаде Cybertruck во Европа, американскиот производител би морал некако да го имплементира CCS2 приклучокот на Cybertruck. Тоа значи дека хардверските и софтверските измени кои Tesla може да ги смета за преголеми пречки.
Тешко е да се дојде до точни бројки бидејќи пикапите обично се комбинираат со други лесни комерцијални возила како комбиња, но во 2020 година во Европа беа продадени само 116.280 пикапи, според анализата на Automotive News од пред две години.
Тоа е далеку од околу три милиони пикапи кои беа продадени во Соединетите држави во 2020 година, што ја прави Европа уште помалку привлечен пазар за Tesla, која сака да продаде дури 250.000 Cybertrucks годишно до 2025 година.