Тест Alfa Romeo Junior Ibrida Speciale: Спортска експресија и италијански карактер

Со моделот Junior, Alfa Romeo влегува во сегментот на компактни СУВ модели без притоа да ја жртвува својата страст за дизајн, спортскиот карактер и прерпознатливата возачка динамика, трите столба кои се своевиден заштитен знак на миланската марка уште од нејзиното основање во далечната 1910 година.
Eлеганција во динамична форма
Првиот впечаток што го остава Junior е беспрекорно обликуваниот преден дел, кој веднаш открива дека станува збор за вистинска Alfa Romeo. Централно поставената “Scudetto” маска на ладилникот, изведена во препознатлив стил, претставува еволуција на дизајнерскиот јазик на брендот. Дополнително, тенките LED групи со уникатен светлосен потпис одаваат омаж на легендарните модели, додавајќи доза на ретро елеганција во модерен контекст. Гледано од страна, Junior ги комбинира спортските пропорции на хечбек со самоуверениот став на СУВ возило.
Издолжената хауба и наваленото ветробранско стакло создаваат силен впечаток на движење. Линиите што се протегаат од предниот до задниот дел се внимателно обликувани за да создадат чувство на непрекината динамика. Каросеријата има нагласени крила кои му даваат широк и стабилен став, додека црните заштитни облоги околу тркалата додаваат доза на робусност. Рачките на вратите се дискретно интегрирани во целината, предните се поставени ниско на вратите, додека задните се сокриени во Ц-столбот, потсетувајќи на модел 156. Тестираниот модел доаѓа со фелни од 18 инчи, кои црпат инспирација од класичниот и препознатлив изглед за марката што делува визуелно многу впечатливо.
Задниот дел создава слика како вистинска уметничка композиција, која е направена за да импресионира. Доминираат тенките, но експресивни ЛЕД задни светла со контури кои визуелно ја прошируваат силуетата на возилото, а во централниот дел од вратата од багажникот гордо стои натписот Alfa Romeo. Двојните издувни цевки се видливи со цел да се нагласи спортскиот дух на возилото. Задниот прозорец е динамично закосен, а спојлерот поставен на врвот ја закружува агресивна нота. Моделот Junior со својот надворешен изглед успева да ја спои италијанската елеганција со спортскиот дух, нудејќи дизајн кој е истовремено агресивен и софистициран.
Возачки ориентиран кокпит исполнет со стил
Како што и се очекува од Alfa Romeo, ентериерот на Junior е фокусиран кон возачот, комбинирајќи спортска атмосфера со модерна технологија. Дизајнерите на брендот успеале да создадат кокпит што потсетува на славните спортски модели, но со иновативни решенија кои го прават секојдневното возење уживање. Штом се седне зад управувачот, веднаш станува јасно дека Junior е вистински преставник на брендот. Централната конзола и командите се насочени кон возачот, создавајќи чувство како да сте зад управувач на спортско купе. Инструмент-таблата го носи препознатливиот “Cannocchiale” дизајн, вдлабнат дигитален дисплеј што го имитира изгледот на аналогните брзинометри од славните модели од минатот.
Дигиталниот 10,25-инчен инструмент-кластер нуди различни режими на приказ, со можност за класичен изглед инспириран од традиционалните инструменти или модерна поставка со минималистички графики. Воланот е компактно обликуван, со рамен долен дел што додава тркачки дух во секојдневното возење, особено ако се земе предвид дека на позадината се сместени лопатки за менување брзини како уште еден потсетник на тркачкото наследство на брендот. На средината на контролната табла се наоѓа 10,25-инчниот мултимедијален екран, кој поддржува најнови инфозабавни технологии, вклучувајќи безжичен Apple CarPlay и Android Auto. Интерфејсот е брз и интуитивен, а графиката е дизајнирана да се вклопи во естетиката.
Под мултимедијалниот дисплеј, физичките копчиња за клима уредот се поставени ергономски, со што се задржува класичното чувство на управување без потреба од пребарување низ менито на екранот. Централната конзола покрај копчето за стартување и малиот автоматски менувач содржи контролер за избор на режим на возење DNA (Dynamic, Natural, Advanced Efficiency), кој овозможува брзо прилагодување на карактеристиките на возилото. Тимот од Alfa Romeo се погрижил внатрешноста да биде комбинација на елеганција и функционалност. Седиштата се ергономски обликувани и нудат одлична странична потпора.
Задниот ред седишта нуди пристоен простор за патниците, а благодарение на паметното обликување на каросеријата, просторот за главата и нозете е подобар од очекуваното за модел во оваа класа. Во компактна средина изведен е багажен простор со солидни габарити кој може да собере 415 литри. За дополнителен премиум шмек, Junior нуди амбиентално осветлување со суптилен визуелен ефект во ноќното возење, мали дизајнерски детали што се вметнатите во тркалезните вентилациски отвори. Внатрешноста на Junior е хармонична мешавина од спортски дух и италијанска елеганција. Секој детаљ е внимателно дизајниран за да го подобри искуството зад воланот, додека врвната технологија и возачки ориентираниот кокпит го прават овој модел вистински наследник на Alfa Romeo филозофијата, автомобили кои не само што изгледаат убаво, туку и предизвикуваат емоции.
Хибридна технологија со спортска душа
Моделот Junior Ibrida го комбинира најдоброто од двата света, динамиката и страста што се очекуваат од италијански спортски бренд, со ефикасноста и современата технологија на хибридниот погон. Оваа погонска конфигурација не само што обезбдува економично возење, туку и го задржува препознатливото „Alfa“ искуство зад воланот.
Под предниот поклопец се наоѓа 1.2-литарски трицилиндарски турбо-бензински мотор, кој работи во синергија со 48 волтен благ хибриден систем (MHEV). Хибридниот погон користи електромотор со 28 КС и батерија со мала тежина, што овозможува електрична поддршка при забрзување, тргнување од место и маневрирање при ниски брзини. Склопот продуцира 136 КС и 230 Нм вртежен момент, а силата ја пренесува кон предната оска со одлично усогласен 6 брзински автоматски (DCT) менувач со двојна спојка, кој беспрекорно го користи балансот помеѓу ефикасност и динамика.
Хибридната технологија на Junior Ibrida е дизајнирана да работи во неколку режими, овозможувајќи интелигентно искористување на електричната енергија со што овој систем значително ја намалува потрошувачката на гориво, која во нашиот случај во просек изнесуваше 6,5 л/100 км. без притоа да влијае на спортскиот карактер на возилото. И покрај тоа што Junior Ibrida е компактен СУВ, возењето е речиси на спортско ниво, благодарение на калибрираната шасија и прецизното управување. Инженерите на Alfa Romeo вложиле напор да го задржат препознатливото чувство без разлика дали се вози низ град или на отворен пат, карактеристично за модели на брендот кое обезбедува одлична повратна информација и агилност во свиоци. Суспензија со напредна геометрија овозможува стабилност при високи брзини и комфор при секојдневно возење. Спортскиот дух како суштински дел од каратерот му овозможува на Junior да се однесува далеку подинамично од конкуренцијата.
Со препознатливите дизајнерски елементи на Alfa Romeo и современата хибридна технологија, новиот Junior ветува нова ера за брендот, каде што традицијата и иднината совршено се надополнуваат.
Цена на тестираниот модел: 36.400 евра
Технички податоци за Alfa Romeo Junior Ibrida 136 КС eDCT 6
Мотор | Euro VI, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.199 см3 |
пречник и од | 75,0 x 90,5 мм |
степен на компресија | 10,5:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
Макс. моќ на мотор со внатрешно согорување/ Mакс. моќ на електромотор |
136 KС (100 kW) при 5.500 min/-1
28 КС (21 KW) при 4.264 min/-1 |
Макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/ Mакс. вртежен момент на електромотор |
230 Нм при 1.750 min/-1205 Nm/
51 НМ помеѓу 750 и 2.499 min/-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку 6-степен автоматски менувач |
Потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торназиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 215/55 R18 (напред) 215/55 R18 (позади) |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.173 x 1.781 x 1.539 мм |
меѓуоскино растојание | 2.557 мм |
траги (напред/назад) | 1.535/1.524 мм |
Тежина | 1.305 кг |
максимална тежина | 1.760 кг |
багажен капацитет | 415 литри |
Резервоар | 44 литри |
капацитет на батерија | бруто 0,89 kWh, нето 0,41 kWh |
максимална брзина | 206 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 8.9 секунди |
просечна потрошувачка на хибриден систем | 4,9-5,2 л/100 км |
емисија на CO2 | 110 г/км |
Alfa Romeo Junior во Македонија
Alfa Romeo Junior Ibrida 1.2 136 КС eDCT 6 | 29.500 евра |
Alfa Romeo Junior Ibrida Speciale 1.2 136 КС eDCT 6 | 32.900 евра |
Alfa Romeo Junior Elettrica BEV 156 КС | 37.500 евра |
Alfa Romeo Junior Elettrica Speciale BEV 156 КС | 39.500 евра |
Alfa Romeo Junior Veloce BEV 280 КС | 45.500 евра |
Повеќе информации во Аутомобиле СК на тел. (02) 30 96 333 или на www.alfaromeo.mk
Конкуренти:
Fiat 600 | од 21.500 до 40.900 евра |
Nissan Juke | од 29.050 до 45.990 еврa |
Renault Captur | од 20.750 до 33.831 евра |
Opel Mokka | од 23.430 до 32.140 евра |
Ford Puma | од 23.900 до 29.300 еврa |
Jeep Avenger | од 20.900 до 44.000 еврa |
Peugeot 2008 | од –.— до –.— евра |
Toyota Yaris Cross | од 25.200 до 39.990 евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.