НАСЛОВНАТЕСТОВИ

Тест: Ford Kuga

По четири години од лансирањето во 2013, дојде ред за дотерување на втората генерација на Фордовиот втор по големина кросовер во гамата, моделот Ford Kuga.

Модернизацијата на Ford Kuga донесе нов изглед, освежен ентериер, како и одредени новини на полето на агрегатите. Пред се, воведен е нов TDCi дизелски агрегат од 1,5 литри со 120 коњски, а подобрен е 2-литарскиот, толку за да дополнително биде намалена потрошувачката и емисијата на штетни гасови. Ние на располагање имавме Kuga со 2.0 TDCi со 150 KS и шестстепен мануелен менувач, кој моќта ја пренесува на предните тркала. Тоа всушност е базната конфигурација на споменатиот мотор, која е достапна и во верзија со 180 КС, како и автоматски пауершифт менувач и погон на сите четири тркала.

SUV изданијата наметна некои стандарди со кои ги задоволуваат современите трендови и афинитетите    на купувачите, меѓу кои несомнено е добриот изглед. По правило оваа група возила комбинираат атрактивен и динамичен дизајн, засилен со специфични детали, па во Синиот овал решиле да „додадат“ и малку повеќе шмек, па сега „новата“ Kuga, навистина се одликува со врвен стајлинг. Моделот изгледа подинамично, поагресивно и поскладно. Со редизајнот истакната е дополнително големата трапезоидна маска, која добила и „висок сјај“. Променети се и светлосните состави, како напред, така и позади, модифицирани се браниците, а малку се поробусни крилата со нагласените штитници.

Промените во ентертиерот се помалку, каде поради поголемо влијание на квалитетот, употребени се нови дезени. Најголемата новина е можеби поинаквиот изглед на управувачот, кој сега пристигнува и со функција-греење.

Врвот на централната конзола остана резервиран за мултимедијалниот уред, каде сега е имплементиран составот Sync 3, со побрз одзив функциите на екранот на допир и зголемена листа на гласовни команди. Инаку, за разлика од прегледните инструменти со извонредна графика и оригинални сини стрелки, централната конзола во Robocop стилот и натаму предизвика кај нас поделени мислења. Меѓутоа она што не остава место за било каква полемика е врвната практичност и пространост. А, токму тоа е оној втор важен фактор, кој по изгледот, во голема мерка ги освојува купувачите и ги наведува да се одлучат за SUV моделите.

Не би згрешиле ако кажеме дека возилото од 4,5 метри има и можеби повеќе простор од Mondeo, кој користи платформа еден „број поголема“. Кон ова и за моментот дека поради височината и отворот на вратите, лесно се влегува и излегува од возилото, а за ова придонесува и фактот што вратите се отвораат широко. За предните седишта највисоки оценки, а во тестниот модел беа со лумбална подршка. Чиста „петка“ и за задната клупа, освен што е пространа, е мошне и удобна, а за тоа своја улога има можноста за регулирање на аголот на потпирачот. Зад ова е стандардниот багажник, кој остана со исти димензии-456 литри.

Дотераниот дизел пријатно не изненади. Оние 150 „коњи“ и 320 Nm вртежен момент добро „повлекуваат“, иако имавме возило тешко над 1,6 тони.

Тивок, култивиран и доволно еластичен и одлично „соработува“ со шестстепениот манувач. До стотка забрзува за 10,1 секунди и достигнува максимални 200 km/h. На нашиот тест во градски услови на возење, со вклучена клима и активиран start–stop систем потрошувачката во просек беше околу 8 литри, а на отворен пат таа изнесуваше нешто над шест литри дизел гориво.

Високата позиција на седење нуди чуство на сигурност и овозможува добар преглед на сообраќајот пред вас и бочно. Сосема разбирливо за ова издание прегледноста позади е нешто послаба, но со оглед на тоа што во пакетот на опрема во тестниот модел имавме задни сензори, ги олеснува маневрирањата и паркирањето. Кога сме кај опремата треба да истакнеме дека имавме двозонска клима, систем за намалување на ризикот од странично превртување, помош при тргнување на нагорнина, електрична рачна сопирачка, сензор за светла, стартување на возилото на копче , темпомат, веќе споменатиот Sync 3,со навигација и 8-инчен екран), LED дневни светла и LED oсветлување во кабината, а дополнителниот Design Pack донесува 17-инчни алу-фелни.

 Управувањето е прецизно, што е одлика на Фордовите изведби, а цврстото потпирање кое обезбедува добра динамичност не влијае на удобноста на патниците.

Своја улога за ова имаат и пневматиците со поголеми димензии, со кои лесно се минуваат нерамнините и дупките. И покрај тоа што беше опремена само со преден погон, благодарејќи пред се на високиот клиренс може да се симнете надвор од асфалтот во авантура во природа.

На крајот заклучок е дека во Ford со потполно обновената Kuga се надминати сите недостатоци за кои клиентите имаа забелешки. Факт е дека пред вас е модел со доминантен изглед, солидна функционалност и практичност и високи стандарди за сегментот каде припаѓа. Вака спакуваната верзија во Ми-Да Гранд Моторс, со одредни отстапки од импортерот, чини 27.900 евра. Интересна понуда за моделот кој достојно може да се спротистави на Peugeot 3008, Renault Kadjar, па на еден Audi Q3.

Технички карактеристики за Ford Kuga:

Мотор   Euro 6, дизел, четиритактен, четирицилиндричен водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина1.997 cm3
максимална моќ150 KС (110 kW) при 3.500 min-1
макс. вртежен момент 379 Nm при 2.000-2.500 min-1
трансмисијана  предните тркала преку шестстепен мануелен менувач
пневматици235/55 R17
каросерија кросовер со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.531 x 1.838 x 1.703 mm
меѓуоскино растојание 2.690 mm
тежина 1.614 kg
багажник 456 dm3
максимална брзина   196 km/h
забрзување 0-100 km/h10,1 секунди
потрошувачка (град/отворен пат/просек5,4/4,3/4,7/100 km
емисија на CO2 122 g/km

Конкуренти:

HYUNDAI TUCSONод 18.490 до 35.214
KIA SPORTAGEод 18.550 до 33.950
NISSAN QASHQAIод 19.900 до 34.750
VW TIGUANод 25.791 до 44.299
RENAULT KADJARод 20.590 до 33.190.
PEUGEOT 3008од 22.490 до 41.990

 

Клучни зборови

Поврзани вести

Може и ова да ви се допадне

Close
Back to top button
Close