fbpx

Тест Haval H6: Оправдани високи цели

Етаблираниот кинески авто производител Great Wall, го лансираше суб-брендот Haval, фокусиран на SUV возила. Тој ја има задача да ја подигне марката во повисок пазарен опсег, а за лидер на целата оваа авантура е избран токму моделот Н6

Златно Тркало
Кога во неврзан разговор ќе се споменат производите кои доаѓаат од Кина прво што ви паѓа на ум се електронските производи од типот на мобилни телефони и компјутери. Подготвени сме да се обложиме дека на сè што ќе ви текне, но во ниту еден случај нема да биде поврзано со автомобилите. Сепак, кинеската индустрија во текот на изминатите неколку децении бележи драстично зголемување на бројот на авто-производители.

Во моментов има неколку десетици компании кои работат во оваа индустриска гранка. Некои од нив се веќе етаблирани на домашниот пазар и се обидуваат да го прошират своето влијание и на останатите континенти. За да ја постигнат целта повеќето од нив сега имаат под-брендови, како што тоа го направија јапонските производители во раните 90-ти години на минатиот век, а во поново време тоа е случајот на Hyundai со луксузниот бренд Genesis. Следејќи го проверениот рецепт, марката Great Wall која што постои од 1984 веќе некое време се обидува да воспостави основа на европскиот пазар, а за да ја засилат нивната игра го лансираа суб-брендот Haval кој се фокусира на изработка на SUV возила со задача да го премести Great Wall во повисок пазарен опсег.

Haval H6

Модерно-класичен стил

Во последниве година и половина имавме можност да испробаме неколку SUV возила кои доаѓаат од Кина. А за Haval H6 може со сигурност да кажеме дека е на самиот врв. Ова е модел кој може да се пофали со елегантен и модерен дизајн кој во ниту еден момент не заостанува зад развиканите европски, јапонски или корејски соперници. Профилот може да потсетува на некои од конкурентските модели, но тоа е случај кој генерички се повторува низ класата, сите модели помалку или повеќе личат еден на друг.

Предниот дел се карактеризира со класичено изведени црти и голема централно поставена маска на ладилникот на која е испишано името на брендот. На задниот горен дел од каросеријата забележлив е големиот „спојлер“ додека главната улога е доверена на 4-те издувни цевки кои се сместени во пар на двата краја од задниот долен дел на возилото, а се дел од двојниот издувен систем! Сликата ја заокружуваат 19-инчни алуминиумски тркала со допадлив дизајн. Генерално, Н6 однадвор е спакуван допадливо без непотребни експерименти во обликувањето, пристапот и филозофијата на градење може да се смести во категоријата на модерно-класичен стил кој би требало да им се допадне на поширок круг на потенцијални клиенти.

Haval H6

Комфорна и трендовска содржина

На првиот контакт со кабината веднаш доаѓа до израз обилниот простор кој таа го поседува. Покрај максималниот комфор на убавo обликуваните предни кожни седишта тука е и енормниот простор што се нуди на задната клупа. Не е заборавен ниту багажниот простор чиј капацитет во основната конфигурација е 620 литри а може оди до максимални 1.290 литри кога се соборени задните седишта. Едноставно, Haval H6 не остава место за замерки кога станува збор за волуменот кој го нуди внатрешноста. Следно нешто што паѓа во очи се употребените материјали кои се далеку над она што очекувавме да сретнеме. Добриот квалитет и прецизната изработката создаваат чувство на робусност со што влеваат доверба дека ќе можат да го издржат тестот на времето.

Haval H6

Класичните инструменти се веќе минато во овој сектор, нивното место го заземаат модерните дигитални мерачи кои може да се прилагодат според вашите преференци, слично како кај најновите германски преставници. На централната конзола доминира големото копче за стартување на моторот, а тука се и неколку физички копчиња за контрола на климата и разни поставки за автомобилот, но скоро сè може да се пристапи преку централниот екран на допир. Тој поседува интуитивен „интерфејс“ и не е потребно многу време за да се открие како да се движите низ него. Покрај тоа, како дел од пакетот добивате 360-степена камера што е многу корисен елемент посебно на тесни места. Внатрешноста има и трендовско амбиентално осветлување, а кога ќе ја отворите вратата, ќе го добиете логото HAVAL проектирано на земја.

Изненадувачки флексибен склоп

При изборот на двигател кај Haval H6 се нудат две турбо бензински моторни опции. Oсновниот 1.5 литарски агрегат со 163 КС и 280 Nm и 2.0 кој испорачува 190 КС и 340 Nm. Менувачот е само еден – седумстепен автоматик со двојна спојка кој ја испраќа силата единствено на предните тркала. Тестираниот примерок кој ни беше одстапен од увозникот за Македонија, Толту Моторс беше задвижуван од помоќната моторна опција и највисокот ниво на опременост Supreme. Претпоставувам дека многумина ќе изреагираат на фактот дека има помалку од 100 КС / 1 литар зафатнина, и покрај тоа што е турбо бензинец. Но, сите знаеме дека бројот на коњските сили не можат да го заменеат вртежниот момент кој е исто толку важен, особено во SUV моделите.

Haval H6

На наше изненадување, се покажа дека ова е еден од најфлексибилните бензински четирицилиндерски мотори што сме ги возеле во последно време. Навремената испорака на максималните 340 Nm влечна сила се одвива во распон од 2.000 до 3.200 вртежи во минута. Вртежниот момент буквално прави да се чувствувате како да сте зад управувачот на автомобил со многу мазен дизел мотор што работи без препознатлива врева. Целосниот галоп на коњските сили настапува од 5.500 врт/мин. Додека пак 7-брзинскиот DCT менувач со двојна спојка одлично се грижи да му овозможи оптимални услови на возачот кој ќе знае да ги цени брзите и непречени промени на степените.

Забрзувањето до 100 км/ч е за нијанса под 10 секунди, а максималната брзина е еднаква на 190 км/ч. Само по себе се наметнува и прашањето за потрошувачката. Oчекувајте дека таа ќе се движи во зоната помеѓу 10-12 литри на секои 100 изминати километри. Можеби ви звучи повисоко од очекуваното, но постигнувањата на возилото, неговата тежина од преку 1.700 кг. и севкупната концепција покажува дека во реална употреба е на рамниште како сите возила од оваа класа опремени со бензински мотори.

По кратката дружба со Haval H6 може слободно да потврдиме дека има повеќе предности одколку замерки. Tој нуди многу за вложеното на секој мерлив начин, нешто на што сме подзаборавиле, а последен пат беше случај кога корејските производители ја започаа офанзивата на светските пазари. На крајот преостанува да видиме дали истото сценарио може да се повтори, што на крајот највеќе ќе зависи од тоа како купувачите ќе реагираат на етикетата Made in China.

Цена на тестираниот модел 27.400 евра

 

Технички спецификации за Haval H6 Supreme 2.0 GDIT

мотор Euro VI, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.967 см3
пречник и од
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 190 KС (141 kW) при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 340 Nm при 2.000-3.200 min-1
трансмисија На предни тркала преку 7 степен (DCT) автоматски менувач
потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/55 R19
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.610 x 1.860 x 1.720 мм
меѓуоскино растојание 2.680 мм
траги (напред/назад) 1.585/1.585 мм
тежина 1.710 кг
максимална тежина 2.220 кг
багажен капацитет 620/1.290 литри
резервоар 58 литри
максимална брзина 190 км/ч
забрзување 0-100 km/h 9,9 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 7,3/10,8/8,5 литри
емисија на CO2 196 гр/км

Haval H6 во Македонија:

Haval H6 Comfort 1.5 GDIT 22.400 евра
Haval H6 Premium 1.5 GDIT 23.400 евра
Haval H6 Supreme 1.5 GDIT 25.400 евра
Haval H6 Comfort 2.0 GDIT 24.400.евра
Haval H6 Premium 2.0 GDIT 25.400 евра

Конкуренти:

Hyundai Tucson од 18.900 до 37.800 евра
Ford Kuga од 29.000 до 52.500 евра
Peugeot 3008 од 23.550 до 42.760 евра
Renault Kadjar од 21.990 до 39.690 евра
Mazda CX-5 од 28.480 до 42.980 евра

Повеќе информации во Толту Моторс на 02/ 2654-654 или www.greatwall.com.mk

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button