Тест Hyundai i20: Игра на долги патеки
Години наназад Kорејците приизведуваат автомобили кои добиваа позитивни реакции од сите страни на светот, но од друга страна, дизајнот на нивните автомобили секогаш бил мета на критики. Затоа од неодамна Hyundai на своите возила покрај врвните механички склопови и проверениот квалитет им додава и сосема нов и модерен визуелен идентитет што речиси не остави простор за замерки
Според изјавите на компанијата, предходните две генерации на i20 се залагаа на купувачите да им понудат квалитет, сигурност и практичност. Со тукушто преставената, трета генерација на i20, Hyundai има намера да го продолжи тоа, но и да понуди многу подобра визуелна слика со нов, смел дизајн на екстериерот и употреба на многу напредна технологија во ентериерот.
Храбар исчекор
По две генерации кои не се истакнуваа со својот надворешен изглед, моделот i20 конечно има соодветен одговор за конкурентските модели. Слободно може да се каже дека Hyundai го лансираше визуелно најинтересниот автомобил во сегментот и дефинитивно расчистува со конзервативните облици. Особено делува впечатливо кога i20 е обоено со црн контрастен покрив, како што е случај со нашиот тест автомобил. Но, двојото боење на каросеријата не е единствениот дел кој му овозможува на автомобилот да се истакне. Благодарение на многу карактеристичните, остри линии кои се користини низ целиот екстериер делува многу атрактивно.
Ставот на новиот автомобил е забележително поизразен за што особена заслуга имаат и светлосните групи кои во нашиот случај беа изведени во LED технологија. Тие на предниот дел длабоко навлегуваат во крилата на автомобилот од една страна, а во долниот дел се спојуваат со маската на ладилникот. На задниот дел, светлосни единици во „Z“ форма започнуваат дури од завршетокот на вратичката за полнење гориво и како се движат кон задниот дел се спојуваат меѓу себе со LED лента која ја пресекува вратата од багажниот простор. Севкупно гледано Hyundai i20 оди чекор понапред од останатите модели во сегментот, особено во дизајнерски смисол, со надворешност која јасно се обраќа кон помладата популација што е и главна таргет група на овој тип автомобили.
Збогување со минатото
При креирањето на кабината во Hyundai i20 е посветено особено многу внимание, тука нема да забележите ништо што би можело да ве асоцира на предходните генерации. Одговорните лица за дизајн на ентериерот тргнале од чист лист хартија со цел да го направат престојот во внатрешноста најдобар и најнапреден до сега. Употребените материјали се со поцврста компонента, а севкупната завршна обработка покажува високо ниво на прецизност, додека дизајнерските флуидни линии додаваат чувство на привлечност.
Просторот на предните седишта е сосема доволен и за погабаритни лица, на задниот дел е продолжен теркот за водечка пространост што го наметна предходните генерации, затоа два патника со нормални пропорции и дете ќе можат без проблем да патуваат и на подолги рути. Со зголемувањето на пропорциите освен бенефитот во кабината забележлив е и пораст на волуменот на багажниот простор што сега собира 351 литар, а според потребите може да се подесува во две нивоа.
Во меѓувреме, пред возачот е поставена дигиталната инструментација која е слична на онаа што се користи и во новиот Hyundai Tucson, а до неа е сместен многу добар систем за инфо-забава со екран на допир чија дијагонала изнесува 10,25 инчи, монтиран на иста висина со кој стандардно ги добивате опциите за поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. Покрај ова решение вреди да се напомене дека системот за климатизација е управуван од традиционални прекинувачи за бирање на температурата и јачината на дување, што исто така е потег за пофалба кој го одобруваме, затоа што во денешно време кога речиси сите автопроизводители практикуваат сите команди да ги сместат во менито на екранот, корејците ја избираат практичната и лесна за командување опција.
Цврста база
Корејската марка одбира повеќе да не нуди дизалски верзии на i20, па така понудата е составена од 3 бензински двигатели, атмосферските со зафатнина од 1.2 и 1.4 литри и турбо изведбата со трицилиндричен агрегат и волумен од 998 см3. Во тестираниот примерок работеше основниот 1.2 четирицилиндричен агрегат кој испорачува максимални 84 КС при 6.000 врт/мин и 118 Нм влечна сила. Прецизно одмерениот 5 брзински мануелен менувач се грижи преносот да се одвива лесно во секој момент. Во оваа конфигурација автомобилот е секогаш во чекор со градскиот сообраќај, а воедно може да лесно да одржува и пропишани брзини на отворен пат. За забрзување до 100 км/ч потребни се 13 секунди, додека максималната брзина е нешто над 170 км/ч.
За неколкудневното дружење просечно трошевме 6,5 литри бензин на секои 100 изминати километри, што секако е достојно постигнување. Новиот Hyundai i20 е изграден на шасија со подолго меѓуоскино растојание од повеќето автомобили во класата, истата делува доста уверливо и стабилно во управувањето на автопат, па дури и нуди забава кога патот е исполнет со свијоци, сепак на овој автомобил најдоброто му прилега урбана средина.
Голем исчекор
Токму тука се наметнува прашањето дали оваа моторна опција е вистинскиот избор за овој автомобил. Одговорот што следи зависи од навиките и начинот на возење. Ние би ја избрале ефикасната турбо верзијата која со своите 100 КС со сигурност ќе овозможи подинамични својства, а потпирањето ќе може да го покаже својот потенцијал, што воедно и ќе ги задоволи потребите на помладите возачи.
Третата генерација на Hyundai i20 прави голем исчекор напред. Тој е поголем, изгледа далеку подобро од предходно, доаѓа со понуда која опфаќа куп нови технологии и решенија кои ретко се достапни во оваа класа. Секако тука се доработените мотори и менувачи… Ова се карактеристики кои мнозинството купувачи од оваа категорија на возила желно ги посакуваат, а i20 несомнено ги испорачува.
Цена на тестираниот модел: 18.200 евра
мотор | Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.197 см3 |
пречник и од | 71,0 x 75,6 мм |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото |
максимална моќ | 84 KС (62 kW) при 6.000 min/-1 |
макс. вртежен момент | 118 Nm при 4.200 min-1 |
трансмисија | на предните тркала преку 5-степен мануелен менувач |
потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад полузависна оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред вентилирачки дискови, назад барабани, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 215/45 R17 |
каросерија | Хечбек со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.040 x 1.775 x 1.450 мм |
меѓуоскино растојание | 2.580 мм |
траги (напред/назад) | 1.520/1.519 мм |
тежина | 1.123 кг |
максимална тежина | 1.583 кг |
багажен капацитет | 351 литри |
резервоар | 40 литри |
максимална брзина | 173 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 13.1 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 6,4/4,4/5,2 л/100 км |
емисија на CO2 | 118 г/км |
Hyundai i20 во Македонија
Comfort 1.2 MPI 84HP M5 | 13.300 евра |
Style 1.2 MPI 84HP M5 | 14.300 евра |
Premium Plus 1.2 MPI 84HP M5 | 15.700 евра |
Comfort 1.4 MPI 100HP M6 | 13.900 евра |
Premium 1.4 MPI 100HP M6 | 15.800 евра |
Impression 1.4 MPI 100HP M6 | 18.300 евра |
Premium 1.0 T-GDI 100HP M6 | 17.500 евра |
Premium Plus 1.0 T-GDI 100HP M6 | 18.000 евра |
Impression 1.0 T-GDI 100HP M6 | 20.100 евра |
Повеќе информации во Мида Гранд Моторс или на тел. (02) 3073 103
Конкуренти:
Renault Clio | од 13.590 до 19.590 евра |
Peugeot 208 | од 14.730 до 24.450 евра |
Kia Rio | од 11.950 до 21.350 евра |
Ford Fiesta | од 13.600 до 22.700 евра |
Toyota Yaris | од 13.490 до 20.790 евра |