Тест Jeep Compass 4xe: Хибридната офанзива започнува
Откако конкуренцијата започна со плагин-хибридната авантура, американскиот Jeep не дозволи времето да го прегази и ја стартуваше офанзивата со воведувањето на иновативна технологија во своите компактни теренци. Меѓу првите што ја добива значката 4xe е моделот Compass кој во оваа конфигурација покажува далеку подобра еколошка прифатливост која истовремено влијае позитивно и на неговите теренски можности
Американците во последните години го зајакнуваат своето присуство на европско тло, интересот најпрво го подгреа симпатичниот градски модел Renegade на кој му се приклучи поголемиот Compass. Првично постигнатиот успех и потрагата на купувачите по што е можно поеколошки возила го мотивираше Jeep да ја дополни понудата и да додаде софистицирани plug-in hybrid верзии што можат да се издвојат од конкуренцијата.
Урбана нота на робусниот став
Дизајнот на екстериерот е силната точка на Compass, забележливи се елементи кои се инспирирани од најголемиот модел во гамата, Grand Cherokee што се умешно инкорпорирани во целината која го истакнува карактерот на возилото. На предниот дел доминира модерната интерпретација на традиционалната решетка на Jeep со седум вертикални отвори, страничниот профил го истакнуваат црните заштитни пластики поставени по долниот дел на возилото како и околу отворите над тркалата. Играта со детали е најзабележлива со хромираната лента која започнува веднаш над ретровизорите и поминува под линијата на покривот, а потоа се спушта надолу под стаклото на петтата врата и го продолжува свoето движење повторно нагоре сè до надворешното огледало од другата страна. Надворешните пропорци влеваат доверба во она што по традиција се очекува од производ кој доаѓа од куќата на Jeep… робусен став и подготвеност да се излезе на терен во секој момент.
Класичен и доволно модерен
Надворешниот дизајн наговестува што од Compass може да се очекува во кабинскиот простор, а тоа е класична изведба со примеси на модерна технологија која е имплементирана токму на места каде што е најпотребно. Возачкото место е поставено високо и нуди максимална прегледност во секоја ситуација. Останатите патници нема да се осетат запоставени, бидејќи предвидениот простор е повеќе од задоволителен, дури и ако на задната клупа се наоѓаат три лица.
Употребата на модерната технологија е прикажана преку екранот кој ги заменува традиционалните инструменти пред возачот кој обилува со информации, а вториот екран поставен централно е задолжен за инфотејмент системот. Од класичните прекинувачи би ги издвоиле физичките команди за климатизација кои се поставени веднаш при рака, со нив се ракува брзо и без непотребно губење време. Случај што е се почест кај новите автомобил во кои за да се подеси температурата во кабината треба да се влезе во неколку под менија на инфо забавниот систем. Користените материјалите во горниот дел внатрешноста се со мека компонента, најчесто онаму каде секојдневно имаме допир, додека на местата под видното поле присутна е потврда пластика, но истата ветуваат дека е тука за долгорочна безгрижна употреба. Комодитетот кој го нуди оваа изведба претставува показател дека Compass е возило кое ги исполнува сите предиспозиции за семејства што практикуваат активен животен стил.
Бензински мотор + електро мотор = мала потрошувачка
Како основа за својот прв plug-in хибриден погонски склоп, Jeep избра четирицилиндерски 1.3 бензински мотор, што е една од поновите инкарнации на компанијата, кој испорачува максимални 130 КС при 5.550 врт/мин. За да може да се понуди погон на сите четири тркала и да се ослободи доволно простор за батеријата, бензинскиот мотор е поврзан само со предните тркала преку нов шестстепен автоматски менувач, а задната оска ја управува електричен мотор од 45 kW (60 КС). Вкупната моќ која ја испорачува овој хибриден систем изнесува 190 КС.
Предизвик како и обично во овој тип на возила е сместувањето и големината на батеријата. Таа има бруто капацитет на складирање од 11,4 kWh (нето достапни 9,1 kWh) и се наоѓа во средишниот тунел и под задното седиште. Во целина склопот е изведен доста компактно и одзема минимум од корисниот простор, бидејќи инверторот е сместен под подот на багажникот од кого одзема само 18 литри. Иако на прва капацитетот на батеријата делува прилично скромно, сепак нуди повеќе од задоволителен електричен опсег, од таму моделот Compass само на електро погон поминува околу 50 километри, што можевме да го осетиме и ние. Полнењето на батеријата преку 7,2 kW систем во целост трае помалку од 2 часа, а довербата во нејзината истрајност и склоп кој го подржува е преточена во гаранција од 8 години или 160.000 километри.
Паметен систем подготвен за сите услови
На пат, оваа нова верзија со повеќе лица делува импресивно, како и повеќето plug-in-хибриди, започнувањето со полна батерија е навистина пријатно затоа што ги доживувате придобивките од електричното возење. Благодарение на вртежниот момент од 250 Nm на електромоторот повлекува силно, без колебање, а кога хибридниот систем ќе воочи дека треба да се активира бензинскиот мотор, преминот се одвива во непречена транзиција.
Jeep за моделот Compass има подготвено три специфични режими на возење што ви овозможуваат да изберете помеѓу хибридно возење во кое наизменично работат двата двигатели, електрично движење што е најпогодно во урбани средини, но ако затреба може да го понесе возилото до максимални 130 км/ч. или зачувување на електричната енергија, во овој мод на работа бензинскиот агрегат ја дополнува батеријата до максимални 80% која подоцна би ја користеле во согласност со вашите потреби. Потрошувачката на гориво во реални услови е сведена во зоната под 5 литри, додека само на електро погон успеавме да поминеме 45 километри низ градските гужви. Марката со вградување на хибридниот систем воедно и ги подобрува теренски перформанси на Compass, со тоа што секоја оска може да го модулира вртежниот момент независно, според моменталните услови на користење.
Кога на крајот треба да се резимираат искуства од неколкудневното дружење на површина излегуваат неколку елементи кои се најзначајни во овој случај. Секако, највисоко место зазема хибридниот склоп кој го носи Compass во повисока, потполно нова територија. Потоа, е способноста на терен која генетски се пренесува од неговите предци и секако, можноста за авантура на целото семејство.
Цена на тестираниот примерок 41.300 евра
Технички податоци за Jeep Compass 4xe Plug-in Hybrid
мотор | Euro VI d-Temp, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.332 см3 |
пречник и од | 70 x 86,5 мм |
степен на компресија | 10,5:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување / макcимална моќ на електромотор / максимална моќ на хибриден систем |
130 KС (96 kW) при 5.550 min/-1 / 60 КС (44 kW) / 190 КС (143 kW) |
макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување/ макс. Вртежен момент на електромотор |
270 Nm при 1.850 min-1/
250 Nm при 100 min-1 |
трансмисија | на сите 4 тркала преку 6 степен автоматски менувач |
потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 225/55 R18 |
каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.394 x 1.874 x 1.649 мм |
меѓуоскино растојание | 2.636 мм |
тежина | 1.860 кг |
максимална тежина | 2.400 кг |
багажен капацитет | 420 литри |
резервоар | 36,5 литри |
максимална брзина | 183 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 7.9 секунди |
просечна потрошувачка | 2,1 л/100 км |
емисија на CO2 | 47-49 г/км |
Можност за движење само на електро погон | 49-52 километри |
Максимална брзина на електро погон | 130 км/ч |
Jeep Compass 4xe во Македонија:
Jeep COMPASS 1.3T4 PHEV 190 Ks AT eAWD Longitude | 39.500 евра |
Jeep COMPASS 1.3T4 PHEV 190 HP AT eAWD Limited | 41.500 евра |
Jeep COMPASS 1.3T4 PHEV 190 Ks AT eAWD 80TH Anniverssary | 42.500 евра |
Jeep COMPASS 1.3T4 PHEV 240 HP AT eAWD Trailhawk | 43.500 евра |
Jeep COMPASS 1.3T4 PHEV 240 Ks AT eAWD S | 44.900 евра |
Напоменуваме дека во моментов има промотивен попуст од 2.000 евра за сите верзии на Jeep Compass 4xe. Повеќе информации во Аутомобиле СК (02) 5511-505 или на www.jeep.mk
Конкуренти:
Toyota RAV4 Hybrid | oд 35.490 до 54.390 евра |
Ford Kuga Hybrid | oд 38 900 до 49 000. евра |