fbpx

Тест Opel Astra: Приказна за себе


Откако патувавме во Португалија за прва средба со новата Astra, добивме можност да се дружиме со шестата генерација на бестселерот на Opel и на домашен терен. Германската марка отвори ново поглавје во својата историја со претставувањето на најновата генерација на својот адут. Дизајнирана, развиена и произведена во седиштето на Opel – за европскиот пазар, Astra за првпат пристигнува со електрифициран погон и со целосно нова платформа, благодарние на што е подготвена за новата автомобилска ера. Откако беше претставена во јули минатата година, а во декември пристигна и караванската изведба, Opel ја организираше светската премиера во Лисабон оваа година, а на истата присуствуваше и редакцијата на Авто Плус. Сега, неколку месеци подоцна, со Opel Astra ја освојувавме и скопската урбана џунгла.

Тест Opel Astra

Германски беспрекорен дизајн

Во поглед на дизајнот, веќе е познато дека Opel има нова дизајнерска насока која се одликува преку таканаречениот Opel Vizor кој дава една сосема нова слика на брендот од Руселхајм. На предниот дел се наоѓаат Matrix LED фаровите кои се инкорпорирани во сјајно црниот панел, а во браникот се наоѓаат малите светла за магла. Со унапредените Intelli-LUX LED Pixel предно осветлување составено од 84 модули во само еден преден фар, новата Astra нуди поголема прегледност на патот, дури 4 пати повеќе од ривалите.

Благодарение на промените на екстериерот, спортскиот модел со пет врати добива еден понизок изглед, но и уште поголем простор од претходно. Должината на новата Astra изнесува 4.374 милиметри, додека ширината е 1.860 милиметри. Значително е зголемено меѓуоскиното растојание во однос на претходно, па така сега истото изнесува 2.675, односно 13 милиметри повеќе од претходната генерација, овозможувајќи поголема пространост во кабината. Багажниот капацитет на хечбекот изнесува 422 литри, што е во рамките на очекуваното во класата и нуди доволно простор при извршувањето на најосновните функции.

Погон кој инспирира

Во Лисабон имавме можност подобро да се запознаеме со адутот на германската марка и имавме шанса да ја возиме новата Astra во дизел, бензин и plug-in хибридна верзија. Hовата генерација на Astra се вози дефинитивно подобро благодарение на третата еволуција на EMP2 V3 мултиенергетска платформа со 50% подобрени компоненти. Кога станува збор за конкретната верзија која ја имавме на располагање за време на неколкудневното дружење на скопските улици, за погонот е задолжен 1,5-литарскиот дизел агрегат со 130 КС кои се пренесуваат до тркалата преку осумстепениот автоматски менувач.

Тест Opel Astra

Треба да биде јасно дека од самиот почеток, Astra е развиена според принципите на Opel, кои се исклучително ценети од љубителите на оваа марка. Способноста да се вози на долги растојанија со големи брзини е примарната развојна цел за марката. Крутоста на управувачот и шасијата, со Макферсонов систем напред и торзионен систем назад, се дизајнирани за висока контрола. При сопирање, новата Astra обезбедува силна моќ на запирање и останува многу стабилна во свиоците, како и на правец. Торзионата вкочанетост е зголемена за 14 проценти, во споредба со појдовната генерација.

При нашите возења бевме поддржани од најсовремени системи за помош, кои се движат од head-up дисплеј до полуавтоматизиран систем за помош Intelli-Drive 2.0 и камера Intelli-Vision од 360 степени. Но, она што ги интересира сите секако е потрошувачката, а таа е на навистина завидно ниво. Од Opel имаат декларирана просечна потрошувачка од 4,5 и 4,6 литри на 100 километри. Ние не успеавме да дојдеме до оваа бројка, но зависно од брзината потрошувачката варираше меѓу 5,5 литри. Во секој случај, бројки за вистински респект.

Интуитивност и дигитализација

Тест Opel AstraOpel направи сериозни промени и во кабината каде се наоѓа новиот Pure Panel на Opel. Пред возачот се наоѓа 10-инчниот дигитален инструмент кластер и 10-инчниот инфозабавен екран со Human Machine Interface корисничкиот изглед кој доминира на контролната табла. Новата Astra добива и уникатен трикрак управувач, а како опција купувачите можат да изберат и head-up екран и 360-степена камера. Удобноста за возачот и патниците е на повисоко ниво благодарение на AGR предните седишта кои нудат подесување на возачко седиште во 10-насоки, масажа на возачко седиште или вентилација на предните седишта.

Кога станува збор за дигитализацијата, Opel дефинитивно ги однесе работите на едно повисоко ниво. Личните преференци може да се зачуваат во иднина како профили. Инфозабавниот систем ги препознава возачите или патниците по нивниот паметен телефон. Така, различни луѓе можат да ги активираат своите индивидуални поставки со допир на широк екран. Дизајнерите на Opel создадоа симболи за различни ликови. Кога навигацијата е повикана во Pure Panel, таа е поддржана онлајн во реално време (Connected Navigation Plus), што значи дека сообраќајниот метеж, на пример, може да се детектира кога ќе се појави. Ажурирањата на мапите се исто така достапни „оver-the-air“, така што најновата верзија секогаш е достапна за клиентите.

Со оглед на тоа дека на располагање го имавме моделот во Ultimate нивото на опременост, што претставува највисоко ниво, сите овие додатоци ни беа на располагање. Заедно со ова моделот кој го тестиравме пристигнува и со стаклен сончев покрив, Алкантара внатрешност, бесконтактно влегување и стартување на возилото, но и највисок пакет на безбедносни системи.

Дизајнирана со прецизност и произведена во Германија, новата генерација на Astra дава своевидна гаранција дека ќе го добиете само најдоброто. Без никакви компромиси за да секојдневно возбудливо возење, стилски изглед, ниски трошоци и иновативна технологија. Opel повторно погоди директно во метата.

Тест Opel Astra

Цена на тестираниот примерок: 32.660 евра

Технички спецификации за Opel Astra Ultimate 1.5 Diesel 130 AT8:

Мотор Euro VId, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.498 cm3
пречник и од 90.5 x 75.0 mm
степен на компресија 10.5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 130 KС (96 kW) при 3.750 min/-1
макс. вртежен момент 300 Nm при 1.750 min-1
Трансмисија на предни тркала преку 8 степен автоматски менувач
Потпирање напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред  самовентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 225/40 R18
Каросерија хечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.374 x 1.860 x 1.470 mm
меѓуоскино растојание 2.675 mm
траги (напред/назад ) 1.559/1.554 mm
Тежина 1.386 kg
максимална тежина 2.000 kg
Багажник 422/1.339 литри
Резервоар 52 литри
максимална брзина 209 km/h
забрзување 0-100 km/h 10.6 секунди
просечна потрошувачка 4,5-4,6 l/100 km
емисија на CO2 117-122 g/km

Повеќе информации на официјалниот сајт или во продажно-дилерската мрежа на Opel во Македонија.

Конкуренти:

Toyota Corolla oд 18.790 до 29.290 евра
Renault Megane oд 20.140 до 27.890 евра
Ford Focus oд 22.500 до 31.900 евра
Volkswagen Golf oд 31.254 до 37.220 евра
Seat Leon oд 23.821 до 28.890 евра
Kia Ceed oд 18.950 до 24.600 евра
Peugeot 308 oд 21.420 до 45.930 евра

Поврзани вести

Back to top button