Тест Opel Mokka GS Turbo: Препознатливоста останува нејзин „трејдмарк“

Од дизајнот до моторот, од кабината до возењето, Mokka е кросовер што инспирира доверба, удобност и индивидуалност. Нејзиниот успех не лежи во тоа што сака да се истакнува, напротив, туку во тоа што знае која е.
Првиот контакт со освежената Opel Mokka го остваривме уште во февруари, на интернационалната презентација одржана на сончевата Мајорка. Таму, во опуштена медитеранска атмосфера и на совршено избрани патеки, можевме одблиску да ја почувствуваме насоката во која се движи овој модерен crossover. И веднаш беше јасно, Mokka не се обидува да им угоди на сите, туку отворено игра на карта на индивидуалноста.
Компактни димензии со силен впечаток
Новата Mokka и пред својот благ редизајн јасно зрачеше во просторот привлекувајќи го вниманието со самоувереност и оригиналност. Нејзините пропорции се јасни, геометриски дефинирани и целосно различни од она што конкурентните компактни SUV модели го нудат во моментов, во поглед на изгледот.
Дизајнерскиот пристап е бескомпромисен, секој детаљ има цел, секоја линија има функција. Во фокусот е таканареченото „Vizor“ лице (маска), најновиот дизајнерски потпис на Opel. Овој интегриран панел ги спојува решетката, новото Blitz лого и ултратесните LED предни светла со троен светлосен потпис, еден од највпечатливите нови визуелни елементи на Mokka. Vizor-от не само што создава впечатлива предница, туку и визуелно ја нагласува ширината на нејзиниот став.
Инспирирани од мотото „black is beautiful“, одговорните лица одлучиле кај тестираниот модел на Mokka да користат низа црни акценти, кои започнуваат од контрастниот покрив, и одат преку ретровизорите и горната линија на стаклата, па се до сјајната декоративна лента долж вратите. Црните заштитни облоги околу тркалата и на браниците ја зајакнуваат спортската димензија, но сметаме дека користењето на црна боја со висок сјај не е баш најпрактично решение. Новите аеродинамични фелни и редизајнираниот преден браник придонесуваат за подобар проток на воздухот, со што се намалува отпорот и се подобрува ефикасноста.
Она што ја прави Mokka интересна е одлуката на Opel целосно да се откаже од хромирани детали, а како резултатот е добиен прочистен и модерен изглед, кој истовремено е урбан, трендовски и еколошки свесен. Компанијата на многу умешен начин успева да го искомбинира класичниот дух со современата изведба со што на Mokka и додаваат доза на дрскост и индивидуалност.
Еволуција во вистинска насока
Ентериерот на обновената Mokka не е само технолошка, туку и филозофска еволуција. Со концептот „Pure Panel“, Opel во своите модели воведе дизајн на кабината кој ги минимизира непотребните елементи, а го засилува корисничкото искуство преку едноставност и интуитивност. Тоа пред се сè одсликува преку двата 10 инчни екрани кои создаваат впечаток како кај возило од повисок сегмент. Левиот екран е целосно прилагодлив и прикажува информации од инструмент таблата, додека десниот е задолжен за мултимедијалениот дел, овозможувајќи поврзување со паметни телефони со системите на Apple CarPlay и Android Auto, но и гласовна контрола.
Иако важи за дигитален, ентериерот не ја жртвува практичноста, па така физичките копчиња за клима уредот се сеуште присутни, што е добредојден избор во морето од конкурентите кои ги вметнуваат на мултимедијалниот екран. Секако, не е заборавена ниту ергономијата. Управувачот, со зарамнет горен и долен дел, носи спортска нота и е обложен со вегански материјали, а во средината гордо стои Blitz логото, визуелна врска со надворешноста и Vizor маската. Седењето е оптимално како за патниците на предните седишта, така и за оние кои се на задната клупа.
Моделот Mokka, иако по габаритие е компактен, нуди доволно простор и за повисоки возачи, додека две возрасни лица удобно ќе патуваат и на задната клупа. Багажниот простор изнесува 350 литри, со правилна форма и ниска товарна линија. Во целина, ентериерот делува прочистено, но не празно, секој елемент има свој визуелен и функционален фокус. Централната конзола е редизајнирана, со мат сребрени детали, подобра организација на простор и нова електронска паркинг сопирачка. Дизајнерите користеле рециклирани материјали за тапацирот, со што се надополнува пристапот на марката кон одржливост и грижа за околината.
Секојдневна агилност со доза на динамика
Под предниот поклопец на „освежената“ Mokka работи добро познатиот, но темелно усовршен 1.2-литарски трицилиндерски турбо бензинец, кој е дел од новата генерација ефективни и агилни мотори развиени во рамките на Stellantis групацијата. Со своите 130 КС при 5.500 вртежи во минута и максимален вртежен момент од 230 Нм достапен уште од 1.750 врт./мин, овој мотор нуди живост и одзив, дури и на ниски вртежи. Моторот е поврзан со осумстепен автоматски менувач кој нуди мазни и прецизни менувања. Инженерите од Opel работеле на фино калибрирање на оваа трансмисија, овозможувајќи ѝ да биде еднакво пријатна за мирно градско возење, како и при поагресивно забрзување на автопат.
Покрај тоа, тука се и режимите на возење, Eco, Normal и Sport, кои го менуваат однесувањето на моторот, менувачот и одзивот на гас, зависно од потребите и расположението на возачот. Во бројки тоа изгледа вака, Mokka забрзува од 0 до 100 км/ч за 9,2 секунди, а максималната брзина изнесува 200 км/ч, респектабилни податоци за еден компактен кросовер од урбана категорија. Потрошувачката во реални услови се движи меѓу 7 и 7,5 литри на 100 км, што е сосема конкурентна вредност во сегментот, особено имајќи предвид дека моторот нуди и задоволство и ефикасност.
Во секојдневна употреба, Mokka делува компактно, стабилно и со изненадувачка возачка прецизност. Иако каросеријата е поставена за нијанса повисоко од стандардните хечбек модели, сепак има низок центар на гравитација, што и овозможува добро држење на патот, дури и во побрзи свиоци. Управувањето е лесно во градски услови, бидејќи Mokka пред се е урбан SUV, но доволно комуникативно за да создаде чувство на директна контрола над возилото.
Шасијата е балансирана, со доза на цврстина за да понуди стабилност, но и еластичност која овозможува добар комфор, било да се возите по автопат, регионални патишта или градски улици со нерамнини. Во оваа конфигурација, Mokka не само што изгледа модерно и спортски, туку тоа и го нуди при секојдневна употреба. Нејзината агилност не е „лажна“ таа е реална и секогаш подготвена да одговори.
Сега, по тестот на домашен терен, со поголемо внимание и време за детална анализа, можеме да потврдиме дека Opel навистина направи чекор напред. Без да се оддалечи од основниот концепт, новата Mokka ја задржува својата компактна и урбана форма, но со многу појасен став, поусогласен дизајн и ентериер кој сериозно го подига нивото.
Цена на тест моделот: 23.970 евра
Технички податоци за Opel Mokka GS 1.2 Turbo 130 AT8
мотор | Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.199 см3 |
пречник и од | 75,0 x 90,5 мм |
степен на компресија | 10,5:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 130 KС (96 kW) при 5.500 min/-1 |
макс. вртежен момент | 230 Nm при 1.750 min-1 |
трансмисија | на предните тркала преку 8-степен автоматски менувач |
потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 215/60 R17 |
каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.151 x 1.791 x 1.531 мм |
меѓуоскино растојание | 2.557 мм |
траги (напред/назад) | 1.548/1.548 мм |
тежина | 1.294 кг |
максимална тежина | 1.740 кг |
багажен капацитет | 350 литри |
резервоар | 44 литри |
максимална брзина | 200 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 9.2 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | –/– / 6,1 л/100 км |
емисија на CO2 | 137 г/км |
Opel Mokka во Македонија
Mokka Edition 1.2 Turbo 136 KC | 21.990 евра |
Mokka Edition Turbo 1.2 130 AT | 24.310 евра |
Mokka Edition 1.2 Hyubrid 145 DCT | 27.010 евра |
Mokka Edition BEV 54kWh 155 AT | 36.770 евра |
Mokka GS 1.2 Turbo 136 KC | 24.020 евра |
Mokka GS 1.2 Turbo 130 AT | 25.180 евра |
Mokka GS 1.2 Hyubrid 145 DCT | 27.900 евра |
Mokka GS BEV 54kWh 155 AT | 37.820 евра |
Повеќе информации во Еуроимпекс на тел. (02) 311 10 000 или на www.opel.mk
Конкуренти:
Ford Puma | од 23.900 до 29.300 евра |
Renault Captur | од 19.950 до 32.391 евра |
Peugeot 2008 | од 21.000 до –.— евра |
Hyundai Bayon | од 18.900 до 25.400 евра |
Volkswagen T-Cross | од 26.306 до 36.775 евра |
Nissan Juke | од 29.050 до 45.990 евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.